АВАНТУРИТЕ И ПАТУВАЊАТА НА ФОТОГРАФКАТА ЈАСНА СУША: Лудо е да живеам на едно место

Добивај вести на Viber

По живот на отворено море, не знам каде ќе го закотвам сидрото. Ако можам да живеам на брод, веројатно можам да се приспособам и да живеам на многу места. Но, јас сум човек кој веројатно припаѓа во потрагата каде припаѓа. Не гледам сè уште причина зошто да се стационирам некаде во физичка смисла. Светот е преубав, и мислам дека е навистина лудо во овој период од мојот живот да седам во една точка.

Нешто повеќе од четири години, светот е нејзин дом. Познатата фотографка Јасна Суша одлучи да ја напушти фоторепортерската работа во Македонија и да замине да работи на брод. Своите клиенти, таа ги фотографира во црно-бела техника во приватно студио, и вели дека е среќна што креира квалитетен производ, а луѓето од нејзиното студио си заминуваат прегрнувајќи ја. По поминати седум континенти, Габон во Африка е сè уште нејзина најголема љубов. Јасна наскоро ќе дојде на одмор дома, а потоа ќе продолжи со своите патешествија на отвоорено море, кои ја смениле како личност и ја научиле да дише длабоко.

Сега моментално сум на пат од Нов Зеланд кон Австралија. Гордо можам да кажам дека бев на сите седум континенти

Женски магазин- Каде пловиш во моментов, и какво искуство носиш од оваа тура?

Јасна- Во моментов сум некаде сред Тасманиско море, од Нов Зеланд патуваме према Сиднеј, Австралија. Ова е последниот континент за мене, и полека го склопувам мозаикот во главата. Искуството е непроценливо. Скокав со кенгури! Се истренирав да игнорирам глупави луѓе, малициозни коментари, невоспитани луѓе. И пијам сама кафе на палуба со поглед кон морето и се смешкам, повторувајќи си на самата во себе: УСПЕАВ!

Женски магазин- Што те натера да ја напуштиш твојата фоторепортерска професија во Македонија, и да заминеш на брод?

Јасна- Ми требаше нов предизвик, ми требаа нови височини за искачување, нови удолници за тркалање. Не можев повеќе да седам во една иста точка и да разговарам колку не чини ситуацијата во Македонија, колку ништо нема да се смени и колку сме сите несреќни. За да се смени нешто околу мене, прво јас треба да се сменам. И сега Македонија ми е најубавата земја на светот!

Ние сме нација која не се смее, сме заборавиле да се смееме. Одиш во бар и се расправаш за политика, ќе полудев! Аплицирав на повеќе места и си реков: која врата прва се отвори, заминувам. Си ги спакував стравовите во куфер и тргнав. Имав поголеми стравови од било кога. Само што бев вратена од Африка, се обидов таму да се преселам, ама не успеав, не издржав ниту емотивно, ниту психички. Ама не ме спречи тој страв да се обидам повторно. Небото брзо се отвори, и од моето аплицирање до влегувањето на брод имаше само две недели. Немав време за размислување, визи, униформа, лекарски тест, трепнав, и се најдов на брод.

Во душата сум фоторепортер, истражувач, авантурист. Можеби еден ден повторно ќе се вратам таму кај што бев, но за сега сум среќна и исполнета тука. Работејќи напорно стигнав до преубава позиција на брод. Фотографирам исклучиво црно-бела фотографија во приватно студио, и креирам и продавам исклучително скап и квалитетен продукт. И по посветени 18 години во сферата на фотографијата, конечно дојдов на позиција каде што луѓето ја ценат мојата фотографија, и подготвени се да платат, а и да ме гушнат по плаќањето. Многу ми е битно луѓето да си заминат среќни од моето студио, дури и ако одлучат да не купат фотографија. И тие тоа го чувствуваат, па заедно градиме убава приказна.

Инаку фоторепортерскиот дух, а и искуството како фоторепортер многу ми помага да ги развијам приказните во студио. Секојдневно се случуваат неверојатни приказни во моето студио, од забранети љубови, до луѓе кои го победиле ракот, и луѓе кои знаат дека немаат многу време за живеење, па креираме заедно сеќавања. Луѓето сакаат да остават фотографии зад себе, во наследство! Многу пати и за време на снимањето, и за време на прегледувањето на сликите имаме емотивно патување.

Женски магазин- Колку точно време помина на брод?

Јасна- Уф, ја терам четвртата година. Лета временцето!

Женски магазин- Кои се земји ги посети, и има ли место кое ти останало како неостварена желба да го видиш?

Јасна- Ако се обидам да ги споменам сите земји каде што бев, ќе заглавиме со интервјуто. Ја посетив цела Азија, тргнавме од Саутемптон во Англија, преку Медитеранот, па Суецки канал, па се спуштивме на Блискиот исток, па Виетнам, Бурма, Индонезија, Малезија, Индија, Јапонија, Кина. Бев на некои Карипски острови, Куба, Канада, и француската и онаа другата, од Северна Америка, Аљаска, Калифорнија, Њујорк, Бостон, Хаваи. Медитеранот е целиот убав, до северен пол, со сѐ норвешките фјордови, Балтикот со сите свои убавини. Антарктикот е еден и единствен, недопирлив. Јужна Америка од Чиле до Аргентина и Фолкландски острови, па средна Америка. Имав можност да посетам некои од тешко достапните острови како Малдивите, Самоа, Вануату, Нова Каледонија. Сега моментално сум на пат од Нов Зеланд кон Австралија. Гордо можам да кажам дека бев на сите седум континенти. Небото се отвори, и за овие четири години имав среќа секогаш да имаат потреба од мене на места на коишто не сум била.

Постојат места на кои не сум била нормално, и секогаш ќе постојат, колку и да патувам. Тибет е приказна која сакам да ја испишам, Русија, Танзанија, сакам да се вратам во Индија и да останам подолго. Тахити, Мадагаскар… Има, има, има уште многу неостварени желби во оваа моја авантуристичка глава.

Постојат места на кои не сум била нормално, и секогаш ќе постојат, колку и да патувам. Тибет е приказна која сакам да ја испишам, Русија, Танзанија, сакам да се вратам во Индија и да останам подолго.-авторски фотографии на Јасна Суша

Женски магазин- Во кое место на прв поглед се вљуби И дали би можела да живееш таму?

Јасна- Габон во Африка беше местото во кое се вљубив, и сè уште сум вљубена, и веројатно цел живот ќе се враќам таму. Пробав да останам подолго, но по три месеци сфатив дека не е тоа местото во коешто би можела да опстанам подолго време. Сакам да се вратам таму и да запишам школа за африканска скулптура, и да истражувам малку на тоа поле. Во Габон имаат меко обработливо дрво заради влажноста, и целиот тој процес на изработка многу ме инспирира. Па, една од неостварените желби е таа.

А, по живот на отворено море, не знам каде ќе го закотвам сидрото. Ако можам да живеам на брод, веројатно можам да се приспособам и да живеам на многу места. Но, јас сум човек кој веројатно припаѓа во потрагата каде припаѓа. Не гледам сè уште причина зошто да се стационирам некаде во физичка смисла. Светот е преубав, и мислам дека е навистина лудо во овој период од мојот живот да седам во една точка, кога можам да ја менувам точката.

Секојдневно се случуваат неверојатни приказни во моето студио, од забранети љубови, до луѓе кои го победиле ракот, и луѓе кои знаат дека немаат многу време за живеење, па креираме заедно сеќавања.- ЈаснаСуша


Женски магазин- Какви луѓе среќаваш на бродовите, и колку ова искуство те промени како човек?

Јасна- Среќавам луѓе од целиот свет, различни религии, раси, луѓе со различна сексуална ориентација. Ме промени многу, многу, МНОГУ. Само за овој договор јас ќе ја свртам земјата. Од Македонија до Аљаска стасав со авион, па од Аљаска до Австралија со брод, и си заминувам дома од Австралија со авион. Не може по едно такво искуство да бидам истата. Се мислам дека ме промени на подобро и ме направи потолерантна, ама се вртам зад себе и ги лоцирам сопствените грешки, во релацијата со луѓето како тука, така и таму. Па, потоа се прашувам дали на подобро или не?! Ама се тешам дека, сè додека сум способна да ги уловам грешките, јас растам.

Така патувајќи низ светов сретнав еден неверојатен лик, кој постојано ме потсетува дека не постои таква работа како грешка. Кога се запознавме, му реков дека има привилегија да ме запознае само заради една моја животна грешка, па ете „случајно“ се најдов таму до него. Малку поискусен од мене, уметник, музичар, авантурист, слободен дух. Ме гушна и рече: тоа не е грешка, тоа е живот. Сите сме тука каде што сме заради „грешки“. Тој ист лик неверојатно позитивно делуваше на мене, и од моментот на нашето пријателство не престана да ме разубедува колку се штетни цигарите за мене. Немав намера да ги оставам. Му велев да не го троши времето залудно, ама не се откажа. Хаха, се смеам самата на себе си, по 20 години како страстен пушач, јас сум повеќе од шест месеци среќен непушач. Ете, такви ликови среќавам низ светот. Некои кармички долгови отплаќаме заедно. Има неверојатни ликови низ светот, ретки се, ама постојат. И тие ќе останат секогаш во мојот живот.


Женски магазин- Освен семејството и пријателите, што ти фали од Македонија?

Јасна- Семејството и пријателите ми фалат нормално, ама сè додека знам дека се добри и јас сум добра и спокојна. Ми фали мирисот на липите во Скопје, ми фали ракија со шопска, ми фали „Балет“ во 3 сабајле, со топлите ѓевреци од Рекорд малку подоцна. Ама не сум од оние патетичните. Ќе си дојдам дома и по 10 дена ми фали Габон, па Антарктик. Ти велам, јас припаѓам во потрагата каде припаѓам.

Женски магазин- Какво е чувството да си постојано на отворено море и дали некогаш те фатила криза од работата на брод и си сакала да се откажеш?


Јасна- Хахахаха, криза?! Секој ден по шест пати, кризирам самата со себе. А, тоа нема врска со бродот, тоа има врска со мене. Постојано сум во некој конфликт со самата себе, ама во позитивна смисла. Го живеам својот мир, ама имам продуктивни конфликти со себе кои ме тераат напред. Да се откажам?! Не, ама да, ми пукнал филмот. И тука пак дишам длабоко. Е, тоа научив од цело ова искуство- да дишам длабоко.

Женски магазин- По одморот дома, кога повторно се враќаш на работа, и каде ќе запловите?

Јасна- По одморот кој едвај го чекам се враќам на Аљаска. Преку лето најексклузивните крузери се на Аљаска, и ова ќе ми биде трета сезона да се вратам таму. Летниот договор е многу понапорен од зимскиот, ама и поисплатлив, затоа кога ќе стигнам дома ќе се посветам повеќе време на себе си, да се одморам, и да се рестартитам за нова и плодна сезона.

За Женски магазин, Милица Џаровска