Бајки од Македонија за цела година - за секоја недела по една
„Бајки од Македонија за цела година” е новиот проект од јавен интерес на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ - „Браво Сине!“ и издавачката куќа Арс Ламина. Секоја недела по една бајка или 52 бајки од народното творештво, во прилагодена јазична форма и со модерни илустрации е проектот кој треба да ги приближи новите генерации кон културното наследство од овој простор.
Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ обезбеди парична награда од 100.000 денари за креативниот концепт и илустрацииите на младата победничка на конкурсот од минатата година - Катерина Николовска.
По одличниот успех на едицијата од четирите веќе издадени „Бајки од Македонија“, кои беа одлично прифатени и веќе станаа препознатлив бренд на пазарот на литература за најмладите, светот на фантазијата и волшебството продолжува. Најмладите читатели, а и сите љубители на возбудливи приказни ќе имаат можност да уживаат во новата едиција.
„Да го одбележиме ова време со свој генерациски придонес, а во чест на големиот креативец – Иво Лауренчиќ е нашата основна цел. Да ја поттикнуваме креативноста, да ја препознаваме и да ѝ дадеме облик на трајна вредност е нашата визија. Поврзувајќи го традиционалното богатство во нова естетика и соодветна форма, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – „Бајки од Македонија“. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Досегашниот успех нѐ поттикнува да продолжиме понатаму со проектите од јавен интерес. Нѐ радува тоа што Бајките од Македонија токму тоа го обезбедуваат на еден совршен начин“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управинот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.
Во новата едиција „Бајки од Македонија за цела година“, покрај четирите веќе промовирани бајки од Македонија, ќе се најдат уште 48 нови приказни меѓу кои: „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“ итн.
Изборот и адаптацијата на бајките е на Билјана С. Црвенковска, уредник во Арс Ламина.
„Народното творештво изобилува со навистина прекрасни приказни и не е едноставно да се направи избор, бидејќи секоја носи посебна порака. Се обидовме да направиме најдобар избор за сите оние што сакаат да „патуваат“ во други светови и димензии и да уживаат. Илустрациите пак, го надополнуваат ова волшебно патување. Искрено се надевам дека и читателите ќе уживаат исто како што уживаме ние додека го работиме овој проект“, вели Црвенковска.
„Бајки од Македонија за цела година” ќе биде промовирана кон крајот на годината.
Ова е четврти заеднички проект на Арс Ламина и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“. Во рамките на заедничката соработка, досега се издадени едициите „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“ и авторската бајка за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски, кој го напиша текстот и целосно ги изработи илустрациите. Едицијата „Бајки од Македонија“ е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.