Без причина
Има денови кои се наопаку
Како утрото со ноќ да почнува
Како сонцето да го заборавило денот
Како дождот на полпат да застанал
И птиците на сред песна занемеле
Како ненадејна тишина сред метеж
И џагор среде вековен молк
Ете така...без причина
Има денови кои се чудни
Та почудни не ни можат да бидат
Ќе се разбудам во туѓо тело
И ништо не препознавам
Како да си тука, а не си
Како да не си тука, а си
И се потштипнувам за на себе да си дојдам
Ете така...без причина
Има денови во кои и омразата ме мрази
Ниту себе се трпам
Ниту било кој околу себе поднесувам
И удолу зјапам за да не се види на мене
Оти немам тој ден за што да се фатам
Ниту сламка за од калта да подизлезам
Ако ништо друго, барем за да вдишам
Ете така...без причина
Има денови кои не ме збираат
Колку и да ги растегнувам
Колку и да ги стеснувам
Секогаш или прекуси се
Или предолги излегуваат
Или претесни ми се
Или се губам во широкото во нив
Ете така....без причина
Има денови во кои не дишам
...без причина
Денови во кои сум, а ме нема
...без причина
Има денови во кои кај тебе се враќам
...без причина
Денови во кои те барам по ќошиња
...без причина
Има денови во кои без тебе не знам
И во кои со тебе не умеам
Ете само така
Колку спокој да немам
И тежина во себе да носам
...без причина
Без ниту една причина