Билјана Василева Трендафилова: Понекогаш и ризикувам, но со верба во себе и многу работа докажав дека сѐ е можно

Добивај вести на Viber

Билјана Василева Трендафилова е лик кој не се заборава, ведра, насмеана и со децении присутна на малите екрани, од глума во познатите култни детски серии до менаџирње на медиуми. Таа е долгогодишен економски новинар, автор на стотици дебатни емисии, уредник во повеќе национални телевизии, а од лани основач на сопствена агенција за односи со јавност и маркетинг. Годините за неа не се пречка за да освои нови професионални успеси.Секогаш оптимист, храбра и подготвена за нови предизвици. Вели дека упорноста и дисциплината се нејзини силни страни.Ужива во патувањата и во времето поминато со нејзиното семејство.

- Како човек сум упорна и амбициозна во реализирањето на своите планови.Нема задача на која не сум одговорила, патот никогаш не е лесен, но со верба во себе, посветеност и многу работа сум докажала дека се е можно - вели Трендафилова.

Иако директно не можеме да ја видиме на малите екрани, таа соработува со медиумите, како ПР консултант од другата страна. Работи за домашни и странски компании, во креирање на кампањи за медиумска промоција.

- Тие што ме познаваат знаат дека понекогаш и ризикувам, но секогаш сакам да внесам креација во мојата работа, да создадам нешто ново, па после две ипол децении се охрабрив и да почнам сопствен бизнис во кој ќе го имплементирам знаењето и искуството- објаснува таа.

Работата со луѓе е нејзина силна страна, не само како долгогодишен новинар, туку и како едукатор за обуки со јавност успешно знае како да ги менаџира на дипломатски начин и да го извлече најдоброто од нив. Со нејзиниот сопруг Сашо кој исто така е во приватниот бизнис, ја заокружија и дваесетката, како родители на Тео (20) и Софија (17) кои веќе успешно чекорат по својот пат.

- Тео и Софи пораснаа паралелно со мојата кариера.Како млада мајка бев максимално посветена на нив, но истовремено трчајќи по информации и градејќи ја мојата новинарска кариера.Но, се е полесно кога имаш поддршка од дома и од семејството. Сега тие се тинејџери кои сигурно чекорат во остварување на своите соништа. Двајцата се посветени личности кои ни носат победи и успеси во секој сегмент, а ние како родители секогаш сме им ветер во грб- вели Билјана.

Заеднички се трудат секој слободен миг да го уживаат на патувања и добра дестинација која е инспиративна за сите, дали е светски концерт или некое егзотично место.

- Велигденските празници ги поминавме заедно во неколку италијански градови, меѓу кои и во вечниот Рим и Ватикан, пренесувајќи има ја на децата од блиску историјата која е жива уметност.Како созрева човек сфаќа дека среќата се малите нешта, убавиот збор, љубовта, незаборавно патување. Во професионалата кариера имав среќа да бидам опкружена со професиналци, луѓе од кој можеш многу да научиш. И денеска сум опкружена со квалитетни луѓе кои ми се доказ дека трпението и мудроста се многу важни за долгорочен успех – посочува таа.

Љубител е на убаво кафе, првото го пијам сама сумирајќи што сработила и каква дневна агенда има.

- Во текот на денот следуваат секако уште неколку кафиња со соработниците, анализирајќи актуелни сличувања или можности кои ни ги носи иднината.Ме мотивираат успешни луѓе.Младите кои се надеж дека имаме квалитетни умови кои мора да ги задржиме во нашата Македонија и докажаните професионалци кои не штедат време и енергија да создадат подобра иднина, оние кои успеале во бизнисот да создадат препознатливи брендови.Сама по себе Македонија е бренд, која мора да ја чуваме и да ја направиме држава со систем, во која ќе живет и работат нашите деца.Жални се сликите кога гледаме дека младите си одат, статистиките се поразителни,време е да ги мотивираме идните генерации да останат дома – вели Трендафилова и дополнува дека од секогаш живее брзо и динамично.


- Без одглед дали сум работела во телевизија, компанија или сега како креатор на сопствен бизнис. Во трка со времето гледам да сработам се што сум испланирала, да реализирам многу состаноци и да стигнам на секој настан каде што треба да присуствувам.Не се штедам и не знам што е комфорна зона.Вечерта е резервирана за семејството, од неодамна имаме нов член прекрасно куче малтазер кој ни внесе позитивна енергија во домот. Зеднички уживаме во прошетките во овие убави пролетни ноќи кога мирисот на липите е неодолив во нашата метропола. Секако тука се разговорите со децата, кои сега се веќе големи, па беше интересно и заеднички да ги следиме и коментираме последните изборни циклуси кои се одржаа во Македонија.Сакам и добра книга и одличен филм, но кога дозволува времето – заклучува таа.

Соња Алексоска Неделковска