БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ: Ќерка ми е музикална на мене
Поп-пејачката и водителка Бојана Атанасовска, сега Скендеровски, ужива во мајчинството со ќерката Искра, која има неполни осум месеци. Бојана за прв пат сподели слика од Искра, на својот фејсбук профил.
„ Ќерка ми е сега во најинтересна фаза. Многу е активна, темпераментна, сака да пее и многу е музикална. Ми се исполни желбата да биде музикална на мене, затоа што татко и не е по музиката“, ни изјави водителката и автор на емисијата „Улица Македонија“.
Бојана вели дека мајчинството многу ја променило на подобро.
„ Мајчинството ме промени комплетно. Ме научи да заборавам на себичноста, ми покажа колку сум му потребна на едно мало суштество, кое е комплетно зависно од мене“, додаде пејачката чиј сопруг Васко Скендеровски е продуцент на емисијата.
„ Од многуте нешта кои ми се допаѓаат кај него, пред се најмногу ја сакам неговата несебичност, и тоа што тој е добар човек, пред сите други работи кои го красат како личност. Тој е мојата најголема поддршка во се што работам, и кога и да помислам дека нешто не ми оди, или пак нема да успее, тој постојано ме потсетува дека треба да верувам во се што правам, и да бидам упорна“, раскажа Бојана во претходно интервју за сопругот. Со нова сезона и нови рубрики во емисијата „Улица Македонија“, таа продолжува од октомври. (М.Џ.)