Цеца во Охрид дојде со автомобил, без Богдан: Мажите се кукавици и сите имаме болна точка (ФОТО)
Цеца Ражњатовиќ сношти одржа концерт во Охрид, во преполниот ноќен клуб „Егоист“. Обожавателите на фолк-ѕвездата беа расположени до максимум и воопшто не се грижеа дали ја одржуваат пропишаната дистанца.
Келнерите не можеа да постасаат од нарачки за наздравување додека пее Цеца, а во првиот ред, пред обезбедувањето се создаде гужва како пред натпервар: кој прв ќе објави видео и кој прв ќе направи селфи со Цеца. Пред нејзиниот настап, публиката ја загреваше Јоце Панов.
Пејачката дојде во елегантен долг розов фустан со длабок шлиц, видно расположена и порача:
„Ве слушав од мојот апартман дека сте одлично расположени. Се гледа дека ви недостасувала музиката, исто како и на нас. Вечерва нема застанување, цела вечер ќе играме и ќе пееме“, рече таа откако за прва песна го избра хитот „Београд“.
Менаџерот на клубот, Димитар Џепароски ни раскажа дека Цеца е сместена во претседателскиот апартман во хотелот „Голден вју“, а домаќините ја почастиле со охридски специјалитети.
Џепароски вели дека таа е многу скромна гостинка и немала никакви посебни барања. На некои од настапите кои ги имаше низ Србија, како што објавија тамошните медиуми ја придружуваше нејзиниот партнер Богдан Срејовиќ, но во Охрд Цеца дојде без него.
-Цеца не пристигна со приватен авион, таа дојде со автомобил во Охрид, само со својот стилист и со бендот. Многу е скромна и дружељубива и немаше посебни барања. Драго ни е што ѝ се допадна охридската кујна“, ни изјави менаџерот на клубот. Цеца, редејќи ги своите песни најмногу внимание ѝ обрна на „Кукавица“.
Пред да ја пее, таа рече: „Ова е за сите жени кои загубиле некого, и за мажите кои се големи кукавици“, изјави таа и додаде: „Сите ние имаме некоја болка, некоја болна точка. Затоа е оваа песна“, рече Ражњатовиќ мислејќи на песната „Доктор“.
(М.Џ.)