Цените на плажа во Грција се исти, ама пусто е без македонски туристи: Наташа Букусовска за протоколите и мерките за заштита
Иако Грција изминатиов викенд ги отвори границите за македонските граѓани, на граничниот премин Богородица имаше слаба раздвиженост. Грците со отварањето на границите се надеваат на солидна сезона и покрај коронавирусот и епидемиолошките мерки кои се применуваат.
Наташа Букусовска, македонка која издава апартмани на првиот крак на Халкидики, за Женски магазин вели дека би сакала да ја заборави минатата година.
-Ланската сезона?! Хм, искрено ниту сакам да зборувам, а најмалку да се потсетам како беше и колку жално, празно и пусто по плажите....Јас работам повеќе со туристи од Македонија и од Србија, и како што знаете Македонија беше затворена и искористивме сосема малку, колку-толку со српски и бугарски туристи“, вели Букусовска.
Откако македонските граѓани можат да влегуваат во Грција, таа се надева дека оваа сезона за сите што издаваат апартмани ќе биде подобра од ланската,но смета дека за да има успешна сезона, прво треба да се намалат цените на ПЦР тестовите.
-За да им олеснат на луѓето, и секој да може да дојде, треба да се намалат цените на тестовите а не да се покачуваат, како во Србија“, вели Наташа и ги коментира цените на услугите во Грција.
-Кај мене цените веќе 5 години се исти, а сега правиме и попусти за да ја олесниме ситуацијата и да можат повеќе туристи да си овозможат барем еден мал одмор од таа тешка година за сите. Цените по локалите се исти, нема покачување, но ама има мало покачување на цените на супер маркетите (постепено преку текот на целата година)“, додава Наташа.
Грчките власти најавија дека лежалки на плажите ќе се резервираат само со претходно испратена смс порака, но Букусовска не сака да верува дека тоа навистина ќе се случи.
-Ха, ха, не верувам дека такво нешто би направиле, со смс порака да одиш на плажа, и да зачуваш лежалка, тоа ми е смешно...Лани такво нешто немаше, ама сега сè можам да очекувам. Сè уште немаме известување за протоколите, ама мислам дека ќе бидат исти како ланската година. Дезинфекција на апартманите и после еден час со отворени прозорци и врати да можат да се сместат следните гости“, вели Наташа.
-Ве очекуваме да дојдете сите од Македонија ми недостасува нашето дружење..Со еден збор, сè е пусто без нашите туристи“, завршува таа.
Како што е познато, за да влезете во Грција, потребен е ПЦР тест, не постар од 72 часа или сертификат за примени две дози вакцина против ковид-19. Важно е од примената втора доза да се поминати 14 дена. За деца над пет години е потребен ПЦР тест. Преминот е отворен од шест до 22 часот.
М.Џаровска
Фото: Приватна архива