Чајот од маслинка ме штити од коронавирусот, не се плашам од него: Бранко Попов од Дојран за домашниот лековит производ

Добивај вести на Viber

Дојранчанецот Бранко Попов вели дека не се плаши од вирусот Ковид-19, затоа што верува дека чајот од маслинка што самиот го произведува и редовно го пие, го штити од вируси и од бактерии.

Бранко е син на чичко Ангел, кој пред две години за Женски магазин раскажа дека шеќерот го излечил токму со овој чај. Приказната за лековитиот чај разбуди најголем интерес кај нашите читатели, и многу од нив го нарачаа или заминаа на дојранскиот кеј, на тезгата на Ангел и на Бранко за да си го купат.

„Чајот од листот од маслинка го правиме повеќе од десет години. Откако татко ми стана познат по него, го патентиравме во „Чајот на дедо Ангел“. Јас лично го пијам редовно околу четири години. Порано, често имав проблеми со бактериски инфекции и вируси, а откако го пијам чајот, да чукнам во дрво се немам разболено. Луѓето го купуваат најмногу како лек за шеќер, но тој лечи уште 22 други болести. Не се плашам од корона, верувам дека чајот ме штити, делува превентивно и против неа. Сосема ѝ верувам на познатата турска докторка Џана Каратај, која на најдобар начин објаснува зошто е здрав чајот од листот од маслинка“, ни раскажа Бранко Попов. Маслиновиот лист е ефикасен во заштитата на здравјето на срцето со неговата состојка наречена OLEUROPEİN.

 „Чајот од лисјата од маслинки го зајакнува имунолошкиот систем, го поправа црниот дроб, ги убива бактериите и ги лекува болестите. Маслиновите лисја делуваат како природни антибиотици, го штитат кардиоваскуларниот систем и штитат од заболувања од карцином. Маслиновиот лист убива бактерии, го регулира нашиот цревен систем и работата на респираторниот тракт. Исто така е познато дека има заштитен ефект врз вируси. Маслиновиот лист ја намалува отпорноста на инсулин и го зголемува квалитетот на животот на дијабетичарите. Во спроведените студии, забележано е дека чајот подготвен со лисја од маслинки ја зголемува антиоксидантната активност за 22% и со тоа го зајакнува имунолошкиот систем. Маслиновиот лист го зголемува протокот на крв во срцевите садови, го регулира згрутчувањето на крвта, ја опушта циркулацијата на крвта, со што се спречува срцеви заболувања и срцев удар“, вели во едно од своите интервјуа др. Каратај.

Приказната за семејниот бизнис на Попови започнала пред дваесет години, кога Бранко му рекол на својот татко дека треба да одгледуваат маслинки. „Ќе видиш, ќе дојде време кога луѓето ќе бараат, чист еколошки производ кој и ќе биде вкусен, и ќе лечи, ми зборуваше синот, и беше во право“, ни раскажа Ангел пред две години. Додека Бранко се грижи за нарачките и за доставата, дедо Ангел најмногу ужива во своето катче, на тезгата која гледа на езеро и е наоѓа близу до Јаворот во Дојран. Ова место му е како домашен двор на Ангел. Пријателите, но и кулувачите, случајните минувачи тој знае да ги понуди со кафе но и со домашните слатка, ликери, и со паштетата од маслинки кои ги продава.

„ За да добиеш добра, квалитетна маслинка спакувана во тегла, треба ѝ се посветиш околу осум месеци. Се берат некаде во октомври,  потоа се посолуваат и се чека да отсојат два месеци. Таа процедура се повторува уште два пати, што значи три пати по два месеци. Потоа маслинките треба да отсојат уште четириесет дена“, со мерак зборува дедо Ангел за својата работа и задоволство.

Бранко пак вели дека ако рецептот за правење на лековитиот чај е 15 до 20 листа од маслинка, тој ја пие најсилната доза, чај од 20 листа кој му годи.

„Целиот свет застана во време на пандемијата, така и нашата работа се намали во овој период. Но, имаме редовни муштерии кои веруваат во овој библиски лек и го нарачуваат. Мене ми е многу мило што во време на вирусот, многу од моите пријатели го послушаа нашиот совет и почнаа редовно да го пијат чајот. Еден пример е татко ми кој веќе не прима инсулин откако го пие чајот. Уште еден пример сум и јас. Повитален сум, поздрав и имам повеќе енергија“, додаде Бранко.

Милица Џаровска