Чек да брцнам во ташнава: Секако си ми убава, само побрзај
Сабота е. Требаше да одам на фризер сабајлево.
Откажав, неможев некако. Всушност се разбудив после 10 часа спиење ко “заклана“, откако цела недела бев како со ролшули на ролер костер. Не секогаш, ама имам такви недели во кои не знам како преживувам. Минатава беше цела таква. А тоа се, заедно сосе климаксот и сите негови “мајку му негова климактерична“, промени на раположение води до она, што сите мои жени што ги запознав во животот, почнувајки од едната баба, па другата баба, па тетка ми, па стрина ми, па свекрва ми една, па свекрва ми друга, ја имаа истата реченица. На раб на нервен слом сум. Ова ми звучеше толку страшно, што цел живот се колнев себе си, дека мојот брилијантен ум и мојата разби-брига, или „ебиветраски“ карактер, како што обично татко ми ми викаше, ќе знае и умее да се справи со оваа чума, што ги напаѓа жените и тоа баш кога се најубави. Ем зрели, ем дотерани, ем стокмени, ем знаат што сакаат, ем деца пораснати, ем сѐ. И баш тогаш оп. Се си мислев дека мене, или ќе ме одмине, или јас нема ни да го забележам и дека таму негде на 60-65, кога таа климактерична ламња, обично си оди, јас само ќе се разбудам и ќе и речам, хехехех, ти киднав. Наивно, како и многу пати во животот. Ама за тоа друг пат ќе ви пишувам.
Денес имаме договорен ручек во чест на роденденот на син ми. Ќе ги водиме со мајка ми заедно, во еден ресторан, што го откривме минатата недела во село Брвеница. Фризерот го откажав, сама ќе си ја стуткам косата некако, знам дека на мајка ми тоа ќе и се допадне, зашто цел живот не може да ми прости што онаа природна кадрава и природно бебешко плава коса ја запустев по фризери. - Златна коса, ја запусте! Кога и да отидам кај неа на кафе после фризер, колку и да ми е убава косата, таа со истиот прекор израз на лице, само ќе ми рече, -абе убава ти е сине, ама твојата косааа. Еееее, каква коса имаше. Како сите бродови да потонале. Понекогаш сум ја фатила, дека дури и да и се допадне, новата фризерска фризура, “у трен ока“, ќе го смени изразот, само за да си остане доследна, дека косата која таа ми ја подари од раѓање јас ја ставив како експеримент на таму некои Вероники, Сандри, Хеар студиа, академии и остала стилистичка багра, кај која ред се чека за дотерување. Работава зарем и ти ќерко, се строиш во такви редови, нешто како зар и ти сине Бруте. Син ми пак ме обожава кога ќе му се појавам “фризирана“.
-Тоа е тоа. Кул. Топ. Уште само брат што не ми рече.
Не може да ме смисли кога сама ќе си ја нафрчкам. Само ќе преврти со очи и ќе рече -пак експериментираш а!?, или штедиш 300 денари. Ми ги памти, кога еднаш се каравме дека: “еве јас на фризер нема да одам, за да ти дадам тебе да одиш во Синеплекс“.
Бидејки нели, во Милениум каде што е три пати поефтина картата не било “кул“ да се оди на кино. А и сите оделе во Синеплекс. А таму, сосе пуканки и кока кола “ентон“ пари. Ама глупаво било, всушност срамота било да си купиш од гранап каде е 27 денари, а ваму стотка. Кој е глупав овде, не сум баш сигурна, ама ете… Такво е времето ќерко, ќе речеше баба ми сега. Распната така, помеѓу нефенираната и нафрчкана коса, која на син ми можеби ќе му го загорча ручекот и мајка ми, која ќе биде воодушевена од мојата сеуште кадрава коса, кога сама ќе си ја измијам, се мислам што да облечам за ручеков денес. Мајка ми ќе подрипнува од радост ако облечам свечено костумче, па уште и брош и марама ако ставам исто како и спарена чанта со чевличиња на нејзината радоста ќе и нема крај и ќе рече -е така те сакам. Очите ќе и светнат, лицето, ќе и се развлече и ќе се подмлади 20 години. А син ми пак ќе се смурти. Неговиот паун стил и исправен чекор покрај мене, кога ќе влегуваме во ресторанот, со кој на сите ќе сака да им каже, ова ми е мајка, ако го одберам неговиот аут фит, ќе ме весели пак мене до немајкаде. И сега кој има предност!? Ништо, вака ќе направам. Косата за мајка ми, аутфитот за син ми. Или да и подарам на мајка ми комплетно доживување. Се знае редот. А син ми и онака, ќе биде загледан во новиот ајфон, за кој се договоривме. Нема три месеци џепарлак, снајди се и штеди си. И ова ти е последниот ајфон, што ти го купувам. Следниот, ќе мораш сам да си го заработиш. -Ова, или ова костимче, што велиш!? Кое сакаш, мене си ми секако убава, само побрзај. Те чекам долу во кола. Погодувате кој…
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска