Си разговараат доброто и злото

Си разговараат доброто и злото.
Доброто го прашува злото-„добро бе, како може да си толку посилно од мене!?“.
Не знам бе, да ти кажам право. И ја се прашувам – вели злото. Не ми е јасно ни мене.
Како може и тебе да не ти е јасно!?, – прашува доброто, кога ти си креаторот на таа состојба? Ти си тој што ја создава. Како може тебе да не ти е јасно!?
Не сум!, не сум јас креаторот. Ниту сум креаторот, ниту пак ја создавам таа состојба. Ниту пак си ти креаторот на доброто, ниту пак ти ја создаваш таа состојба.
Е, па како тогаш!? Кој ја создава!?, – наивно продолжува доброто.
Луѓето. Ти и јас не постоиме. Луѓето не создаваат. Сфаќаш!?
Не баш – вели доброто. Зошто луѓето би не создавале.
И ако е така како што велиш, зошто тогаш повеќе те одбираат тебе за нивни пријател, отколку мене?
Е тоа и мене не ми е јасно – вели злото.
А мислиш дека може да одбираат, ако сакаат?-прашува доброто.
Па можат, како не! Секако дека можат. Не само што можат, туку, тие самите можат и да одлучуваат-му одговара злото.
Како мислиш да одлучуваат!? Сè уште наивно не верува доброто.
Па така! Можат да одлучат дали ќе бидат добри, или лоши во животот. Можат да одлучат дали ќе бидат среќни, или несреќни. Можат дури и да одлучат дали некого ќе го прават среќен, или тажен. Се можат, можат да прават што сакаат.
Ја претера сега-му вели доброто.
Не, не сум ја претерал. Верувај ми дека е така. Сто пати сум го проверил ова и знам дека е така.
Е како си го проверил!?
Па така, кога им се случува нешто убаво, мислат дека тоа така треба. Го сфаќаат здраво за готово. Не го делат со другите, не го споделуваат, го кријат од другите, се плашат од доброто, велат многу арно, не е на арно, не се радуваат, брзо го забораваат, да не речам го преспиваат.
А, кога им се случува нешто лошо, тогаш не мислат дека тоа така треба, не мислат ниту дека се сами заслужни за тоа, туку дека некој друг им е крив.
Веднаш го споделуваат со некој друг, веднаш се жалат и кукаат. Само за тоа зборуваат. Со денови. Никако не го забораваат и со ноќи не спијат.
Па дали се глупави тогаш? -прашува доброто. Како може да се однесуваат така. Зарем толку не нè разликуваат, зарем толку не можат да се натераат себе си, да се држат за мене, а не за тебе?
Не, не се глупави, туку се мрзеливи.
Како мислиш?
Па, така. Кога е нешто добро, треба да работиш на тоа, да го негуваш, да се трудиш, да го сакаш, да му се посветуваш, да го мислиш, да го дотеруваш, да се грижиш за него, за тоа да расте и да станува уште поубаво и подобро, а кога е нешто лошо, тогаш не треба да правиш ништо од ова.
Тогаш можеш само да седиш, да лежиш, да јадеш, да пиеш и да спиеш и лошото само ќе расте и ќе станува уште полошо и погрдо.
Ох Боже!? Па зошто луѓето го прават тоа, зарем толку им недостига волја, разум, свест … И не знам уште што!?
Љубов, љубов им недостига на луѓето. Само љубов и ништо друго. Се друго имаат. Но љубов немаат.
Прво за себе, а потоа и за ближниот свој. А не разбираат дека ближен свој им е секој човек на планетата. Не разбираат дека се едно.
И не разбираат дека само љубовта го спасува светот, дека само љубовта го движи светот, дека само љубовта има сила и моќ да победи се и дека само љубовта ја носи добрината.
И не разбираат дека само добар човек, независно дали е црн, бел, жолт, верник, атеист, или агностик е човек.
Само добар човек.
Ти благодарам што ми го раскажа ова – му вели доброто на злото.
Не ти го раскажав јас, ние само си поразговаравме еден со друг, така како што секој човек би требало барем по неколку минути во денот да си разговара со себе си, бидејќи не заборавај, ние не постоиме, нит ти ни јас. Луѓето не создаваат.
Те сакам му вели доброто на злото.
И јас тебе, му вели злото.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: