16ти Март 2025... Крик во кој веќе не може да се живее.

Добивај вести на Viber

Недела 16ти Март 2025. 

Живеам на Партизанска, улицата ми е под прозор. Семафорите карши Зегин исто така. Истите тие семафори кои служат како старт на целна рамнина, од каде што речиси секој петок и сабота слушам торирања на мотори и коли, кои оттука стартуваат и се тркаат веројатно до Влае.

Исто така секој петок и сабота слушам турбо-фолк журки кои се организираат секој викенд, да не речам секој ебен викенд, во сите овие локални кафичи кои ми се на 2-30 метри околу зградава.

За тоа како изгледа паркингот тука, во Дебар маало и колку време ми треба да чекам за да најдам место, за да се пакирам и да можам да си одам дома, како и за тоа како воопшто изгледаат зградите и зградичињата кои се градат, со дозвола на општината, или градот не ми се прави муабет овој пат. Не ми се прави, оти ми иде гола да се соблечам и да трчам наоколу, за некој да ме види и да ме чуе, или да разбере во каков хаос живееме. Толку многу потиснат гнев ми се има насобрано во душава, кој се обидуавм уште толку да го потиснувам и прикривам од самата себе, што не знам ни сама уште колку капацитет имам во себе за тоа. Уште колку капацитет имам  за така, со правење букети, правење репортажи и пишување на некои си оптимистички колумни да го прикривам и потиснувам внатре во себе, во некои свои длабоки потсвесни амбари.

Од потсвест, баш од таа потисната и натоварена потсвест, како во некоја си сопствена налудничавост, ми се пјавуваат токму такви слики, како соблечена угол гола трчам од општина до општина, од собрание до собрание, од министер до министер, до кој и да е овде  државен службеник, или премиер, или претседател, или кој и да е поткупен, подместен, намесет, или каков и да е седнат несоодветен шутрак, во несоодветна државна фотеља и зима плата и хонорари, или бонуси, или какви и да се патарини и дневници, без мува да го лази, ги тегнам за уши, за коса за раце и им се дерам за да ме чујат и видат. За да ме разберат во каков хаос живееме.

Од таа моја потисната и натоварена потсевст ми се појавуваат токму такви слики. Да ја искористам својата “препознатливост“ во државава, како долгогодишен телевизиски работник и со надеж дека нема да ме затворат, или да ме однесат во Бардовци, токму поради таа препознатливост, да направам нешто како крик, во кој веќе не може да се живее.

Не го правам тоа, бидејки некако се воздржувам, за да не ги обрукам син ми, мајка ми и своите блиски.

Ете со такви “налудничави“ сцени се соочувам и се борам при секоја наша трагедија и катастрофа.

Не знам дали да ги набројувам една по една. Од едниот автобус, па другиот автобус, па модуларната болница, па онкологија, па Тамара, па Вања, па Ивана, па Ана, па сите тие кои се жртви на овој ебен, опак и р’ѓосан систем.

Додека го пишувам ова, слушам изјави на тага и сочувство на “разно-разни“, сегашни и бивши министри, или кој и да се ојлевци и дојлевци. Ништо не ви верувам!!!. Разбирате ли!? Ништо не ви верувам. Не само јас. Никој! Ни сами себе веќе не си верувате. Ви се гледа тоа.

Ниту еден ваш збор нема ни тежина ни искреност. Други ви ги пишуваат текстовите со кои се појавувате на прес конференции и изразувате сочувство. Тоа не се ниту ваши зборови, ниту ваши текствови, ниту ваши емоции. Ништо! Не знам ни како не се онесвестувате додека стоите таму пред тие микрофони и камери и давате изјави. Малку да имате човечност во себе, ќе треба да плачете и коси да корнете.

Да умрете на лице место, за сите тие дозволи кои сте ги дале, со рушвет, со пијачка, или ручек у кафана. Ма*ичето ваше мамино.

Еве сметајте дека трчам угол-гола и ве м’кнам за коса, за уши, за раце и нозе и ви велам СВЕСТЕТЕ СЕ ВЕЌЕ ЕДНАШ.

Уште колку мислите дека можете со тие украдени пари да купите статус, да купите гратскост, да купите кола, куќа, стан, виски, пура, одела, саати, наочари…

Абе сите овие трагедии на душа ви се пишани. Сите до една.

Не се ова трагедии кои ете поради “виша сила“ се случуваат, пукнала исталација, или некој подметнал, или не знам што.

Ова се ваши подметнати инсталации и подметнувања.

За сѐ се правите глуви, глупави и слепи.

Зарем не ја гледате младинава каде ви кинисала. Зарем не ги гледате тие безнадежни погледи и млади души кои се гледа, дека не знаат каде тераат.

Како бре можете да јадете, да спиете, да живеете. Како А!?

Шуги некои таму отвараат дискотеки и кафани и разно-разни компании. И се ова со ваш амин. Некој мора таму да му потпише и да даде амин, за било што од ова да работи. Тој таму служебник што сте го седнале, тој прво вас ве бара, вие го зимате рушветот, нему му “џиткате“ некој ручек, пијачка и црно одело и се смеете ко улави. Мамичето ваше.

Се знаете и точно знаете дека го правите ова. Во сите сектори. И во здравство и во економија и во образование и наука и во туризам и во култура и во урбанизам и во се живо и диво.

Ако нешто ве допира, еве сметајте дека угол-гола трчам на свои педесет и кусур години и налудничаво ве клоцам, ве гризам, ве мавам со што ќе стигнам, дерејки ви се ДА СЕ СВЕСТИТЕ!!

П.С Почитувани обични и чесни луѓе ви изразувам најдлабоко сочувство за трагедијата, која секој од нас едвај ја преживува. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: