Човештвото денес зависи од секој одделен човек: писателката Лидија Димковска од Словенија за Женски магазин
Како писателка и
преведувачка и во нормални услови, кога не патувам или не излегувам, живеам во „карантин“, но денешниот
коронавирусен карантин, кој е поинаков бидејќи е присилен, е апсолутно
неизбежен и нашиот единствен заштитник пред вирусот, вели Лидија Димковска,
македонска писателка, која живее во Љубљана и чии книги,
по добивањето на Европската награда за литература во
2013, се преведени на повеќе светски јазици.
Каков ви е денот во изолација?
-Денот е долг, расположенијата ми се менуваат од потиштеност и апатија до ентузијазам и полетност, а секое потшмркнување или кашлање на некого од нас дома ми предизвикува грижи и страв.
Секојдневно ја следам ситуацијата со коронавирусот и во Словенија и во Македонија, се обеспокојувам со несовесноста и себичноста на оние кои не го сфаќаат сериозно правилото „Седи дома“, контактирам виртуелно со блиските и пријателите и го исполнувам времето пред се со литература: претпладне ја преведувам на македонски прекрасната книга за деца „Грозовилата и дивата зима“ од словенечката авторка Јана Бауер, попладне го читам на руски дневникот на Георги Ефрон (синот на мојата Марина Цветаева) со симболичен наслов „Неизвесноста на иднината“, во меѓувреме се обидувам секоја мисла и емоција да ги ставам на хартија во вид на стих, дневничка белешка или фиктивна реченица.
И што велат вашите дневнични белешки од изолацијата?
- Свесна станувам дека светот се смени преку ноќ, дека во нашиот живот веќе ништо не се подразбира, и дека човештвото денес зависи од секој одделен човек. Велат дека водата во каналите во Венеција се избистрила па се појавиле рипчиња, а небото над Вухан не е повеќе загадено. Сето време ја злоупотребувавме природата за нашите потрошувачки цели па сега таа се регернерира на наша сметка – ферплеј или поука?
Има ли ова нужно социјално дистанцирање и други, позитивни, интимистички моменти?
Ја слушам ќерка ми
како свири виолина, излегувам во двор и го впивам жолтилото на дренот или одам
на прошетка по самотни патеки, а навечер со сопругот и ќерката повторно читаме
книги или гледаме некој добар филм. Би се рекло – идеално поминување на времето
да не ни стои над глава заканата од бројки на заболени и, секако, неизвесноста
на иднината.
ПРЕПОРАКА:
Доколку веќе не сте ги прочитале, книгите на Лидија Димковска, се одлична лектира во времето на нашата изолација.
За нејзиниот меѓународно најреномиран роман „Резервен живот“ странската критика вели дека „го збогатува музејот на литературните чуда со своите моќни, гротескни и апсурдни детали за животот на споените близначки Сребра и Злата“.
Ја препорачуваме и нејзината најнова книга, збирката раскази Кога заминав од „Карл Либкнехт“, која ја објави книгозидателството „Или-или“ минатата година
Јасна Франговска