Цртањето со уста ме спаси од тагата: Роза Мојсовска напиша нова збирка со поезија

Добивај вести на Viber

Својата шеста по ред книга со поезија, ја подготвува уметницата и поетеса Роза Мојсовска, која во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ во Струмица живее од 1976 година. Мојсовска ни рече дека на пролет се очекува промоцијата на нејзината нова збирка со поезија и многу му се радува на тој настан. 

Храборста, борбеноста и позитивниот дух се нејзината најсилна страна, а најголем адут ѝ е реткиот талент, да црта со уста. Роза Мојсовска, иако е родена со телесен инвалидитет, стана познат ликовен уметник и поетеса, со учество на многу меѓународни изложби и со пет издадени книги. Од 2005 година, таа е член на Светското здружение на уметници кои сликаат со уста и со нозе, VDMFK. Таа е дел од семејството на уметниците од 82 светски земји. Родена во 1966 година во Скопје, а Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ во Струмица ѝ е дом речиси 43 години. 


„Родена сум во Скопје, три години по земјотресот. Кога лекарите виделе дека сум родена со телесен хендикеп, на моите родители им препорачале да ме однесат во Белград, бидејќи болницата во Скопје не беше средена по земјотресот во 1963 година. Моите го послушаа советот на лекарите и ме однесоа во Белград. Тогаш сум била шестмесечно бебе“, ја започна својата лична приказна Роза за Женски магазин. 

Од компјутерот кој го користи во Заводот во Струмица, таа одговори на нашите многу брзо, пишувајќи со уста. Во Белград, Роза останала девет години. 

„ Таму бев сама, затоа што според правилата на болницата, со мене не смееше да лежи никој од родителите. Мајка ми мѝ раскажуваше дека и било многу тешко, затоа што требала да се раздели од мене и да ме одбие од доење“, продолжи Роза со емотивната приказна. Додека била во Белград, лекарите и направиле седум операции, но ниту една не била успешна. 

Нејзината успешна сликарска приказна почнува токму во еден од тешките периоди од нејзиното детство. „На седум годишна возраст, рацете ми беа оперирани и не можев ништо да правам. А беше Денот на жената, осми март. Тогаш сите деца цртаа честитки за празникот, а јас не можев. Со мојата желба и јас да направам нешто, ја зедов боицата во уста и нацртав цвет. Тогаш сите се воодушевија кога го видоа мојот цртеж. По девет години си отидов дома. Требаше да одам на училиште. Кога моите родители ме однесоа да ме запишат во училиштето, од управата им одговорија дека нема да можат да ме примат, затоа што немаше кој да ми помага. Требаше некој од ташната да ми ги вади тетратките и книгите, требаше некој да пишува место мене“, продолжи Роза.

Во тие тешки моменти, нејзините родители се обратиле до Центарот за социјални грижи во Скопје. Од таму ги упатиле во Заводот за заштита и рехабилитација“ Бања Банско“ во Струмица. „Им рекоа на моите дека тука ќе можам да го завршам училиштето. Немавме избор, ме однесоа во Заводот во 1976 година. Тука го завршив школувањето, тука сум сè уште“, продолжи Роза. 

Роза, минатото лето на изложба во Охрид 

Додека била дете, никој не знаел за нејзиниот талент за цртање со уста, освен нејзините блиски и учителите. „Кога дојде донаторката што го изградила домот, ги виде моите цртежи и се воодушеви. Брзо по средбата со неа, англиската фондација за помош на лица со тешки здравствени дијагнози „Сју Рајдер“ ми овозможи моите дела да бидат изложени на групна изложба во Ватикан, Рим. Но, и тогаш, на изложбата, никој не знаеше дека цртам со уста. Сите мислеа дека цртам со раце. Не сакав да кажам бидејќи многу ми беше срам, си мислев на тоа што ќе кажат другите, и дали ќе ме прифатат таква каква што сум“, ни рече Роза за својата прва голема изложба во Италија. Во тоа време, таа си мислела дека е единствена на оваа планета која црта на еден ваков, специфичен начин. 

„Во животот бев многу гневна. Се мразев самата себеси, бев повлечена, не сакав со никого да контактирам. Многу ми беше тешко што не бев како другите девојки, бев разочарана од животот. Во 1995 година, во Заводот дојде еден Американец кој сакаше да пее духовна музика, а тоа беше токму пред Божиќ. Тој настапи со неколку духовни песни, а потоа не праша: дали некој сака да зборува за Господ? Јас го прашав: Ако Господ постои, зошто сум јас ваква, со телесен хендикеп? Тој ми одговори: Што ако сум јас ваков кога внатре сум уште полош од тебе?“, открива уметницата за моментот кога настанал голем пресврт во нејзиниот живот. Пред да си замине, гостинот од Америка ѝ подарил книга за животот на американската активистка Џони Ерексон, автор, радио-домаќин и основач на организацијата „Џони и пријателите“ за развој на христијанското министерство во заедницата за попреченост. Ерексон, исто како и Роза своите цртежи ги создава со устата. „Кога ја прочитав книгата, се најдов во неа. Џони на осумнаесет години била повредена од скок во вода, си го повредила ’рбетот и станала инвалид. Тогаш си реков, кога таа девојка била здрава, и потоа станала инвалид и не се срами од тоа дека црта со уста, а јас така сум родена, и се срамам да ме видат како цртам. Во таа девојка, видов дека е полна со надеж, дека е силен борец, дека му се радува на животот“, додаде Роза за својата инспирација која и го сменила погледот на светот. 

Со пишување поезија, почнала кога неколку жени од блиско струмичко село ја посетиле и ја прашале дали може да напише песна за Исус Христос. Претходно, на еден од домашните Тв канали одела специјална емисија за Роза, а жените кои ја посетиле од таму слушнале за неа. „Јас им реков: Како можам да напишам песна кога не го познавам? Брзо по таа средба, почнав да ја читам Библијата и некоја литература за Господ. Почувствував дека Господ затоа ме создаде на ваков специфичен начин. Бог ме љуби и не сака да не погине никој“, додава Роза за нејзината верба која и денес и е мотив и поттик. Во 1999 година, се одржала нејзината прва самостојна изложба и промоција на првата книга, насловена „Во прегратките на Исус“. 

„Од тогаш, имам направено безброј изложби во земјата и во странство и до сега имам објавено пет книги со поезија која е посветена на мојот спасител, Господ Исус Христос“, вели импресивната уметница и додава: „Со уста цртам, со уста ви го пишувам и ова на компјутер. Во устата држам молив или пенкало, а тастатурата е приспособена специјално за мене и донирана од здружението „Отворете ги прозорците“. Во светското здружение за уметници кои цртаат со уста и со нозе, Роза е стипендист од 2005 година, единствен од Македонија. 

„ Сега, по толку години, сосема поинаку гледам на светот. Откако станав член на здружението VDMFK и дел од уметниците кои цртаат со уста и нозе видов дека не сум сама. Јас сум дел од едно големо семејство, со пријатели од 82 земји од целиот свет.“, завршува Роза. Нејзината воља за животот им помага да биде активен учесник во многу хуманитарни настани и јавни дебати кои им помагаат на лицата со попреченост. 

Милица Џаровска