Даниел Данн: Акцентот го ставам на музиката и на квалитетната изведба – „убавиот лик“ е одговор на убавата енергија која ја пренесувам на секој настап
Денеска ќе наполни 37 години, а за два дена го чека настап на „Оскаровска гала вечер“, на која ќе ја изведе „Footloose“ од истиоимениот филм, во придружба на оркестарот на Националната Опера и Балет, под диригентска палка на Бисера Чадловска.
Даниел Данн еден од најубавите и најдобри вокали на нашата сцена, периодов има дилема во кој правец да се движат неговите нови проекти. Вели дека сегашните генерации искреираа нов звук кој супер поминува кај младите, но тоа не е тој. Посакува следното од него да биде револуционерно, но, да остане доследен на својот стил и тоа што за него претставува визија за иднината во однос на музиката.
Студирал на економскиот факултет и иако никогаш не се гледал себеси во канцелариска работа, нештата се промениле, па периодов паралелно функционира на неколку фронтови. Работел како дел од тимот за акредитација и стандардизација на здравствени услуги во една наша установа, каде денес е дел од ИТ секторот. Паралелно е и одговорно лице за односи со јавност и комуникација со медиуми, а функционира и како фриленсер во графичкиот дизајн. Има амбиции постојано нешто ново да учи и да се усовршува и месецов започна со школување за музичка продукција и аудио инженеринг.
ЖМ: Млад, талентиран, и како пејач, и како автор, со автентичен глас и музички израз. Така те најавуваа новинарите на почетокот од кариерата пред некои 15 години. Како еволуираше на музичко поле, како би се опишал себеси сега? Што се се смени, а што остана исто?
- Се надевам дека овие епитети и денес може да ги поистоветат со мене. Еволуција секако мора да постои, во секој сегмент. Секако, 15 години не се малку, искуството кое го добив со правењето музика и настапите во живо придонесоа да бидам посигурен во тоа што го сакам. Од денешен аспект се променија многу мои ставови во однос на тоа што значи шоу-бизнис, а од друга страна остана истата страст за музика и амбиција да продолжам да градам авторска кариера.
ЖМ: Колку убавиот лик и појава беа пресудни да бидеш веднаш забележан и да освоиш поголема армија обожавателки?
- Јасно ми е дека добриот изглед е плус, особено кога се занимаваме со јавна професија, ама никогаш не сум придавал толку значење на мојот изглед. Мислам дека тоа може да се види и по сѐ она што до сега го имам направено во однос на видеата и фотографиите. Некако секогаш сум сакал да ставам акцент на музиката и на квалитетната изведба. Сакам да верувам дека „убавиот лик“ е одговор на убавата енергија и мисла која сакам да ја пренесам со секој мој настап.
ЖМ: Секој го одбира својот пат. Во една пригода изјави „повеќе и не размислувам кој е начинот за да се биде успешен, сакам само да бидам исполнет“. Го смени ли размислувањето?
- Се уште останувам на тој став. Сите сме ние различни, а да бидеш успешен е многу широк поим, па така и сите различно го толкуваме. Не сакам успех по секоја цена и бркање трендови.
ЖМ: Во уметноста нема простор за калкулирања, можеби и затоа постојат тие победи, но и падови? Кога ти беше најтешко?
- Во уметноста нема простор за калкулирања, но во шоу-бизнисот има. Мислам затоа и ми е многу тешко да направам соодветен спој. Истовремено отсекогаш ми недостасувал добар менаџерски тим, а и добра финансиска поддршка. Би рекол дека најтежок период имав во моментот кога токму тоа и го сфатив, дека времињата се променети и веќе не е најважно што создаваш, туку начинот на кој ќе го „продадеш“ производот.
ЖМ: Се добива впечаток дека те има, па подолго време те нема на сцената. На што се должи таа перцепција?
- Тоа е точно, како што кажав и не сакам да ме има постојано без причина. Истовремено, да бидеме реални, изминативе години се случи и целосен колапс на македонската музичка и културна сцена. За жал политиката стана примат во нашата земја и имам чувство дека македонската култура намерно беше оставена на маргините со цел да не постои. Не зборувам само за музиката, туку и за филмот, театарот и останатите уметности.
ЖМ: Се занимаваш и со неколку паралелни професии . Колку те исполнуваат тие?
- Студирав на економскиот факултет и иако никогаш не се гледав себеси дека ќе работам канцелариска работа, очигледно нештата се променија, па периодов паралелно функционирам на неколку фронтови. Работев како дел тимот за акредитација и стандардизација на здравствени услуги во една наша установа, каде пак денес сум дел од ИТ секторот. Паралелно сум и одговорно лице за односи со јавност и комуникација со медиуми, а функционирам и како фриленсер во графичкиот дизајн. Мислам дека успеав цело мое знаење и интереси од мултимедијалниот свет да ги вклопам во овие неколку дејности и се уште да имам време активно да се занимавам со музика. Имам амбиции постојано нешто ново да учам и да се усовршувам, па така и еве од овој месец започнав со школување за музичка продукција и аудио инженеринг.
ЖМ: Сите животни настани, луѓе, емоции, влијаат врз создавањето музика. Каде ја црпиш инспирацијата најмногу? Што да очекуваме ново од тебе?
- Кога станува збор за креирање, инспирацијата доаѓа од секојдневните животни настани. Има вистина во тоа дека секоја меланхолична состојба за нас музичарите значи наплив на идеи. Се случува да ме инспирира и туѓа приказна, понекогаш и само одреден звук е доволен, односно сѐ она што може да ми предизвика некое интензивно чувство и да разбуди во мене желба да создадам нешто ново. Последниве години авторски бев активен само преку неколку проекти во соработка со наши, но светски етаблирани музичари како Marga Sol, Darelss, Fussflow & Malinova… А ме радува и што песните кои пред 10 години ги направивме со Александар Масевски и ден денес се слушаат по радио станиците. Тоа е показател дека сработеното е нешто вредно што ќе остане. За време на Ковид пандемијата заедно со мојот бенд снимивме и неколку кавер верзии на наши популарни македонски песни. Со оглед на тоа што истите беа емитувани по радијата и тв каналите, слободно може да кажам дека направивме квалитетни записи кои може да се видат и преслушаат на моите официјални музички канали како YouTube (https://www.youtube.com/@danieldanntv) и Spotify (https://open.spotify.com/artist/1fIRq2881JV7WwIOKFgpik?si=wRBFC7K_Qu2OjjVZKxyZ_A ). Признавам дека овој период имам дилема во кој правец сакам да се движат новите проекти. Сегашните генерации искреираа нов звук кој супер проаѓа кај младите, но тоа не сум јас. Сакам следното од мене да биде револуционерно, но да останам доследен на својот стил и тоа што за мене претставува визија за иднината во однос на музиката. Нема да спомнувам датуми, но работам на нови проекти, а дотогаш публиката ќе може да ужива во сите мои настапи. Овој месец со дечките од мојот бенд направивме пауза во однос на настапите во живо, но подготвуваме нов репертоар и за скоро време ќе бидеме подготвени за повторно дружење со фановите.
Инстаграм - https://www.instagram.com/danieldann.tv
С.А.Н
Фотографии: Андреј Ристески, Бранислав Митровиќ