Дарко Лешоски: Две жени кои се поблиски меѓу себе отколку со нивните сопрузи

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

„Lao tong“ – ( именка, потекло: Kинески јазик) – во буквален превод: „старо - исто“, форма на вечно пријателство и блискост помеѓу две жени, посестримство. Две жени кои се поблиски меѓу себе отколку со нивните сопрузи.

Секогаш ќе има само една на која можеш да и се јавиш во три наутро, прескршен да кажеш и „Здраво“, 

преисцеден да признаеш и радост и тага, 

а која ќе го слуша само твојот здив и ќе ја слуша твојата тишина.

И ќе знае точно кога си заспал и ќе ја спушти, дури тогаш слушалката.

Како што ти ја знае душата.

Како што го засакала небото некогаш без оглед дали има на него златно сонце или сјајни ѕвезди или темен облак.

Секогаш ќе има само една во твојот живот таква.

Секогаш ќе имаш само една пред која не мора да се правдаш како се чувствуваш како сонцето што никогаш не ти се правда што ти ја старее кожата

Како ветерот што не се извинува кога ти ја мрси и вее косата

Како дождот во есенски утра кој врне без да се најави и не прашува...

Секогаш ќе имаш само една таква. 

Како што можеш да се крстиш само во една црква. 

Како што можеш да се родиш само од една мајка.

Како што можеш да бидеш погребан само еднаш. 

Ќе имаш само една таква...

нејзе да ја чуваш!