Дарко Лешоски: Не кини од себе никогаш ништо за мене да ми биде добро - така и јас добро ќе сум!
Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.
Commuovere- (глагол, потекло: Италијански јазик)- пријатно трогнување до солзи, неочекуван наплив на емоции до солзи кој го предизвикуваме кај некого.
Ако ни се животите заплеткани како клопче
Прво ќе го отплеткаме твоето.
Ќе те слушам.
Ќе ти го упропастувам денот многу често.
Ќе те вадам од кожа да ти иде да вриштиш
или да удриш во ѕидот со рачето.
Ќе го спасувам денот секогаш пред да отчука полноќ,
пред да се смени датумот - да не го памтиш како таков.
А кога ќе се отплетка твојот живот,
кога ќе бидеш и со себе и со мене ти начисто,
јас ќе ти ја дадам оваа песна на хартија која ја пишувам сега,
да видиш колку за прв пат ми бил спокоен ракописот.
А после потивко и ќе ја наведнам главата:
„Цел живот си ја пикаше душата во претесни луѓе ќе ти речам, пушта кожен чевел - душа не пушта, се надевам сега ти е јасно“
Душа не пушта - кожата твоја само ја собира, не треба ничија друга - ти си си своја и јас таа своја на светов најмногу ја сакам! Не кини од себе никогаш ништо за мене да ми биде добро - така и јас добро ќе сум!