Дарко Лешоски: Ништо не е скршено!

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

KINTSUKUROI (глагол, потекло: Јапонски јазик) – “ да поправиш, да залепиш со злато“  - НИШТО НЕ Е СКРШЕНО!

Како раснеш ти учиш да не се бориш за никоја.

Ама баш за никоја.

Ти учиш да пуштиш.

Како раснеш ти не се разочаруваш ако си оди, ами ако остане - се вчудоневидуваш, оваа полуда од мене е - во себе си велиш. 

Како раснеш ти учиш,

Ти учиш  да не влечеш на јажето посилно за љубовта да ја задржиш.

http://youtu.be/I5D1CXzHUaU

Ти учиш дека само рацете ти така побрзо ќе си ги раскрвавиш, 

и нема да можеш да дигнеш детенце во нив,

Како раснеш ти учиш за се друго освен за љубов да се бориш,

Ти учиш и знаеш, пополека ти појасно гледаш и спокоен си дека дури и ако ја довлечеш до себе - не значи дека ќе те баци.

Ами напротив.

Го спушташ јажето пред нејзини очи. 

Како раснеш ти учиш да не ти е страв оној кој проштева побрзо и оној кој повеќе љуби - пак ти да си!

Како раснеш ти учиш да не се бориш за никоја и дека некогаш да пуштиш значи да задржиш, ама не да заробиш.

Како раснеш ти учиш дека нема љубов во никоја и нигде и дека не треба за неа да се бориш.

Ами ти дека си!

Самиот ти!

И чекаш. 

И патиш. 

И крвариш.

Некогаш долго. 

Некогаш векови.

Ама не се сомневаш.

Не се сомневаш ни за миг кога ќе ја видиш.

И сите вистински љубови се викаат исто. 

Сите се викаат исто ама баш исто : Како да ми се насмеа, како наеднаш се да ми даде, како наеднаш се да ми врати.