Деца.мк – нов портал за најмилите
Од денес почнува со работа специјализираниот интернет-портал за родители и деца - Деца.мк (www.deca.mk).
Порталот стартува токму на денот кога се одбележува седумгодишнината од отворањето на порталот Факултети.мк (www.fakulteti.mk) бидејќи тој нов производ претставува продолжување на успешната приказна на тимот кој веќе седум години го создава Факултети.мк.
Во Деца.мк отворено ќе се зборува за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат родителите и децата, за современите техники на воспитување и учење и сѐ што е потребно за успешно и одговорно родителство и здраво и среќно детство.
За таа цел, Деца.мк ќе соработува со лекари, психолози, социолози, педагози, дефектолози, логопеди и уште многу други професионалци од земјава и надвор од неа, секој докажан во својата област. Тие со своите совети секојдневно ќе се обидуваат да го олеснат секој нов предизвик на читателите поврзан со правилното одгледување и воспитување на децата.
Сето тоа ќе биде надополнето со животни приказни од нашето секојдневие, со приказните на успешни, талентирани и надарени деца, а во фокусот ќе бидат и ранливите групи на кои им е потребна постојана помош за олеснување на функционирањето и за зголемување на квалитетот на нивниот живот.
Деца.мк има заштитен лик – девојчето Биби, кое е создадено заедно со илустраторот Тхе Мичо, со детската писателка Билјана Црвенковска, режисерот Гоце Цветановски и музичкиот продуцент Бобан Апостолов. Преку овој лик наскоро со краткометражни анимирани филмови и печатени изданија ќе бидат понудени и многу креативни содржини, интересни и корисни и за родителите и за децата.
Погледнете ја видеонајавата.