Дел од жените кои се заслужни за Интернационалниот ден на жената

Добивај вести на Viber

Дали знаете за овие жени активисти, жени зачетници на интернационалниот ден на жената, кои со својата бунтовност и храброст успеале да се изборат за своите права. Да кажеме збор два за нив.

Тереза Малкиел. Малкумина знаат за оваа храбра жена која е една од идеолозите за женските движења. Таа е прва жена која од работник во фабрика се изборува за лидерство во Социјалистичката партија. Воспоставува Ден на жената, кој потоа е инспирација за создавање на Интернационалниот ден на жената. Таа во подоцнежните години промовира возрасна едукација за жени работнички. Исто така вршела едукација на жени имигранти и им помагала во процесот на натурализација.

Луизе Зиетц – Германски социјалист и феминист. Таа е првата жена која поттикнува женско движење во Социјал демократската партија во Германија и која го окупира штабот на владејачката партија во Германија. Во 1908 година владата во Германија го легализирала учеството на жените во политиката, со што таа станува првата жена назначена во извршниот комитет на Социјал демократската партија во Германија. Таа придонесува и за Интернационалниот ден на жената, инспирирана од aмериканските жени социјалисти, да се назначи 8 март за интернационалниот ден на жената.

Силвија Панкхрст. Таа била поборник против фашизмот, како и поборник за женските права. Поради својата артистична природа често одела по индустриски гратчиња во Англија и Шкотска и правела портрети од жени работнички во нивната работна средина. Работела полно работно време во Социјална и политичка унија на жени, со нејзината мајка и сестра. Учествувала во протести против колонијализмот. Интересно за неа е што одбила да се омажи за таткото на нејзиниот син. Познато за неа е тоа што има издигнато фондација за помош за изградба на болница во Етиопија каде ги минува подоцнежните години од својот живот.

Клара Цеткин. Таа била активист и адвокат за правата на жените. Потекнува од високо образована фамилија од средна класа. Учела за да стане учителка, а потоа успева да се поврзе со женското движење и работничкото движење. Била активна и во Социјал демократската партија на Германија. Поради нејзиниот голем интерес во женската политика посебно во делот за еднакви можности и права на жените, со што нешто подоцна започнува Социјал демократско движење на жените. Поради ваквите движења била и во притвор. Станува лидер на ново отворената „Женска канцеларија“ и со сите овие активности придонесува за развој на Интернационалниот ден на жените.

Роза Луксембург. Антивоен активист, револуционерен социјалист, феминист, филозоф, економист. Таа живеела во неколку земји каде што учествува во социјалистичките партии. Во Германија заедно со Клара Цеткин учествува во социјалистичките движења на жените. Поседувала големи реторички способности, па често таа ги водела говорите. Пишувала бројни критики поради кои била омразена од многу политичари. Поради многубројните протести била и во притвор, а малку подоцна по нејзиното ослободување заедно со својот колега Карл Либкнехт при вториот револуционерниот бран биле фатени и егзекутирани – чин кој подоцна буди низа револуционерни протести кои носат голем број жртви. Таа е жена која била инспирација да се напишат голем број на песни, поеми, книги и мјузикли.

За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска - апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер