Денес е голем ден: Се празнува името на Светиот Пророк Илија
Светиот Пророк Илија живеел 900 години пред Исус Христос, роден е во 816. година пред новата ера, зборел со Господ Исус Христос, што е забележано и во Светото Писмо, сведочел за Св. Троица и за постоењето на вечниот живот.
На втори Август Божјата Црква го прославува чесното и светото име на
Божјиот пророк, чудотворец, боговидец и небоземниот граѓанин, силниот ревнител
и сведок на Св. Троица и славата Божја, славниот Свети Илија. „ Ангел во
телото, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање – Илија Славен,
откако одозгора му испрати благодет на Елисеј, овој болести прогонуваше и
прокажани очистуваше“. Затоа на оние кои го почитуваат им дава исцеление, се
вели во тропарот.
Потекнува од племето Ароново. Роден е во градот Тесвит, поради што е наречен
Тесвитец. Уште кога се родил Илија, татко му Савах видел ангели околу
него, „како со огин да го повиваат детето“, што било знак дека тоа дете
ќе има подарено од Бога огнена сила и пламен карактер. Скоро целиот живот
го поминал во молитва кон Бога, во пустина.
Според верувањата, Свети Илија е најсушниот и најтоплиот ден од годината.Во народот се вели дека по празникот Св.Илија полека одминуваат жештините и сонцето е поблаго. Старите велат дека на овој ден е добро да јадете мед за здравје.
Медот им се давал на децата, наутро, а некогаш обичајот бил мајките да ги намачкаат децата со мед за цела година да бидат здрави.
Се верува дека токму Илија е тој кој одредува кога и каде ќе падне дожд, а кога ќе биде суша. Поради тоа и до ден денешен во селата се задржал обичајот на Свети Илија да не се работи на поле, за да не се навлече гневот на светителот.