Денес се празнуваат Седумтемина маченици од Макавејскиот род: Какво ќе биде времето на Макавеи, такво ќе биде шест месеци

Добивај вести на Viber

Денес 14-ти август православните христијани го празнуваат празникот Седумтемина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар.

Според народните верувања, какво ќе биде времето на овој празник, такво време ќе не очекува во наредните шест месеци.

Од денес па се до 28-ми август ќе траат Богородичните пости, во чест на празникот Успение на Пресвета Богородица.

Сите пострадаа за чистата Израилска Вера од царот Антиох, од едни наречен Епифанос (просветлен), а од други Епиманис (безумен). Заради големите гревови во Јерусалим, особено заради грабањето околу архијерејската власт и злосторствата извршени при тие грабања, Бог допушти голема беда на Светиот град. Антиох сакаше да им го наметне елинското идолопоклонство на Евреите по секоја цена и сè вршеше во тој правец. Таа негова мисла ја помагаа и некои вероломни архиереи и други старешини јерусалимски. Еднаш самиот цар дојде во Јерусалим и нареди сите Евреи да јадат свинско месо, што е спротивно на законот Мојсеев, затоа што јадењето свинско месо беше очигледен знак дека некој се одрекол од верата Израилска. Старецот Елеазар, самиот свештеник и еден од преведувачите на Стариот Завет на грчки јазик, не сакаше да јаде свинско месо. Поради тоа беше мачен и запален. Враќајќи се во Антиохија царот ги зеде со себе седумте синови наречени Макавеи и мајка им Соломонија. Седумтемина браќа Макавеи се викаа: Авим, Антонин, Елеазар, Гуриј, Евсевон, Алим и Маркел. Пред очите на мајка им свирепиот цар ги мачеше овие седуммина еден по еден, дерејќи ја секому кожата од лицето и фрлајќи ги потоа во оган. Тие сите храбро ги претрпеа маките и смртта и не се одрекоа од својата вера. Најпосле и мајка им, откако го виде својот тригодишен син во огнот, самата скокна во огнот и изгоре, предавајќи Му ја душата на Бога. Сите чесно пострадаа за верата во едниот жив Бог околу 180 година пред Христа.

Фото: Денови.мк
Извор: Денови.мк