Димса е вклучен во сите обврски околу Давид: Соња искрено за мајчинството и бракот

Добивај вести на Viber

Димче Арсовски и неговата долгогодишна љубов Соња Тодорова една година се во брак. Плод на нивната љубов е синчето Давид. И двајцата сакаат често да патуваат и имаат авантуристички дух. Скоро секогаш се заедно, насмеани и во потрага по нови авантури и спомени.

Димса кој е портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, е посветен татко и е вклучен во сите обврски околу малиот Давид, ни раскажува сопругата на Димче, Соња во денешното интервју.

За тоа како се запознале, како им поминуваат деновите за време на пандемијата, какво детство имала и на кои животни вредности ја научиле родителите, а кои сака да му ги пренесе на својот син, ни открива Соња во редовите подолу.

*Неодамна за прв пат се остваривте во улогата на мајка, какво е чувството?

-Улогата на мајка е најубавата, но и најтешката улога што има привилегија да ја има една жена во животот. Врската помеѓу мајката и детето е нешто што не може да се опише туку може само да се почувствува. Енергијата што ја дава детето на мајката дава неизмерна сила која невозможните работи ги прави возможни.

*Какво бебе е Давид, освен што е пресладок, како ви поминуваат деновите, имате ли помош во неговото одгледување?

-Давид е хиперактивно бебе и го сака целото внимание, многу е весел и насмеан со сите. Секој ден поминат со него е полнење со позитивна енергија. Не спие многу и знае доста често да не остави без сон, но тоа знае да го рефундира со целата позитива што ни ја дава. Едноставно уживаме во моментите со него.

Со оглед на тоа дека јас не можам да бидам отсутна од мојата работа и работам уште од почетокот од неговото раѓање, имам огромна секојдневна помош од мајка ми за се околу Давид. Мајка ми е до мене секојдневно и ми помага со сите обврски околу домот и Давид и што е најважно ужива во тоа.

Се разбира како и сите млади со сопругот и доста често излегуваме и се дружиме со пријателите, па тогаш ни помага мајка му. Така да двете баби ни се секојдневна поддршка.


*Како се запознавте со сопругот Димче, раскажете ни ја вашата љубовна приказна, како ве освои?

-Со Димче се знаеме многу од порано преку заеднички пријатели. Сосема случајно започнавме смс комуникација една вечер додека јас имав откажен лет тој ми правеше друштво, така да додека другите патници беа нервозни на аеродром јас се смешкав со телефонот. (се смее) . Кoга се вратив почнавме секојдневно да излегуваме и да зборуваме непрекинето со часови и сфативме дека имаме многу нешта заеднички. Почнавме врска на дочек на Нова година во еден ресторан каде што целата вечер си зборувавме само јас и тој. ( и ден денес друштвото што беше со нас знае во шега да ни префрли дека ние сами сме славеле без нив да ги забележиме).

*Како го негувате бракот, каков сопруг е Димче, се грижи ли за малиот Давид?

-Со оглед на неговите професионални обврски и ангажамани, Димче последниот период беше доста отсутен, но се трудеше тоа да не се одрази врз нашиот брак и во моменитите со Давид.

Како сопруг има разлика отколку кога бевме во врска, но е многу повеќе грижлив, созреан и внимателен.

Секоја секунда од неговото слободно време го поминува со Давид и ужива во тоа.

Тој е вклучен во се што е поврзано со Давид, бањање, контроли, прошетки, дежурања ноќе и морам да признаам дека на почетокот многу полесно се снаоѓаше во улогата родител, отколку јас.

*Колку ти останува време за женски ритуали, посета на козметички салон, кафе со пријателки, како ја негуваш внатрешната и надворешната убавина?

-Јас и претходно не посетував многу козметички салони и фризери, така да ритуалите што ги имав претходно се исти. За кафе и ручек со пријателките гледам да најдам време и најчесто го носам и Давид со мене или ги канам кај нас на гости затоа што ми е поедноставно.

Внатрешната убавина ја негувам со позитивна енергија и задоволства кои ме прават среќна. Нема ништо поубаво од секојденвното гушкање со Давид, тоа ми дава елан и ми ги елеминира сите стресови. Уживам во добар онлајн шопинг и одлична храна. Сите тие компоненти допринесуваат до исполнетост.

Надворешната физичка убавина не ми е моментално приоритет затоа што сакам да му овозможам правилен развој на детето преку основите на мајчинството.

Сметам дека секоја мајка на почетокот не треба да биде опседната со својот изглед, дека нормално е после породување телото да се менува, во процесот на лактација да има промени во навиките и потребите на мајката. Недостатокот на сон, хормоналните промени и обврските знаат да допринесат во физичкиот изглед и  тоа е природен процес кој ќе помине. Важно е да уживаме во првите моменти мајчинството и да бидеме среќни.

Мора да се потенцира и моментот дека и сега секојдневно ми е исполнет денот со работни обврски, па тоа дополнително ми го намалува слободното време.  


*Како ви поминуваа деновите на пандемијата, како се одрази врз вас целиот тој период?

Пандемијата во мојот живот ми донесе многу промени и ме промени мене како личност. Целиот тој период за мене беше и сѐ уште е премногу динамичен.

За време на почетокот на пандемијата отворив моја фирма и поминувајќи ги предзвиците, созреав дополнително, па сега функционирам безпрекорно.

Почнавме заеднички живот со Димса, стапивме во брак, добивме бебе…

Сите тие убави моменти ги минувавме рестриктивно без да споделиме со пријателите.

Вирусот нѐ не поштеди ни нас ни нашите семејства, но за среќа го поминавме без посериозни последици.


*Што те прави среќна, што те исполнува и мотивира?

-Најсреќна ме прават моментите поминати со семејството.

Јас сум хедонист во права смисла на зборот и уживам во патувања, убава храна, добар шопинг и сите убави работи кои ги нуди животот.

Ме мотивира динамичноста на мојот живот и мојата професија.

*Кога сме веќе кај вашата професија, раскажете ни нешто повеќе околу тоа

По професија сум Магистер по економски науки- маркетинг менаџмент. 11 години работам во областа на маркетингот во Скопје и Бугарија, а пред неполни 2 години основав и своја маркетинг агенција. 

Тоа е работата што ме исполнува и ми овозможува да ја изразам својата креативност и да ги имплементирам своите идеи. Породилното отсуство не ме спречува да бидам вклучена и сега во сите проекти, напротив сакам да бидам инволвирана со сите проекти за сите мои клиенти и да допринесам за истите. Доста често кога одам во канцеларија го носам и Давид со мене, а тој ужива поради тоа што е центар на вниманието и е дете кое ужива во галама и помеѓу луѓе.

*Во какво семејство растеше. На што те научија родителите и дали би сакала нешто да беше поинаку?

-Јас растев во идеална семејна хармонија која ми постави нереални стандарди и очекувања за тоа какво треба да биде едно семејство.

Секој кој го познава моето семејство знае колку сме ние сите поврзани, ден денес патуваме заедно, сподеуваме сѐ и сме непрекината поддршка еден на друг.

Родителите ме научија и се заслужни за се тоа што сум денес и им сум најблагодарна на цел свет.


*Во каков човек би сакала да порасне Вашиот син?

-Мојот син би сакала пред се да израсне во воспитан добар човек кој ќе ги почитува луѓето без никакви поделби.

Јас како родител би се вложила максимално да допринесам најмногу што можам во неговото воспитување и да го насочам кон правиот пат.


Ирена Ставрова