Доц.д-р Викторија Трајков: Емотивно сум врзана за Њујорк зашто таму се родија моите децa, би се вратила само како дипломат за да ја промовирам Македонија
Доц. д-р Викторија Трајков (38) доктор на економски науки, кариерен дипломат во Министерството за надворешни работи и професор на Универзитет Скопје...
Вели дека е самокритична со високи критериуми за успех, затоа не може да одговори во која професија постигнала највисоки резултати.
За неа успех е полн амфитеатар со задоволни лица на студентите, кои ги слушаат нејзините предавања. Се смета за добар дипломат, зашто најважно и е да ја промовира само Македонија. А, како политичар, нагласува дека нејзиното време допрва доаѓа, затоа што како генерација на политичари сега имаат шанса да докажат дека и во Македонија се може да се постигне со чесност и многу работа, водени од лидер со визија.
Ако мора да одбере во што е најдобра, тоа е улогата на мајка на десетгодишниот Григориј и осумгодишната Галена.
ЖМ: Животниот пат е непредвидлив, може да не однесе на други места, да не мотивира да прелетаме и на друг континент, но родното место секогаш ќе ни остане во срцето каде сте и да сме. Битола е градот каде ви мина детството. Кои се сеќавањата на тој период?
-Битола е град кој има посебна магија. Од Битола не можам никако да се разделам и после толку многу години живот надвор од неа. Битола ме потсетува на книгите на дедо ми Перо, на логопетските предавања на баба ми Јелена, на гимназијата во која ги завршив моите средношколски денови, на ТВ Орбис каде пораснав, на Широк Сокак каде излегував и на сите другари и другарки со кои сум и денес во контакт одржувајќи ја магијата на детските пријателства. Како дете бев многу скромна и мирна, не паметам некои незгодни ситуации кои ги имала мајка ми заради мене. Растев со магијата на телевизијата, како дел од битолскиот медиум ТВ Орбис, чии сопственици беа моите родители, па така тоа ми помогна да се насочам кон иднината што би сакала да бидам кога ќе пораснам. Кој еднаш излегол пред камера, точно знае што значи тој магнет и колку привлекува. Растев покрај баба и дедо професори, па така науката и книгитге ми беа цело време во фокусот, а силниот карактер на мајка ми и амбициите на татко ми во бизнисот, ме направија денес да бидам силна жена, посветена на своите деца, одличен другар и карактер со зацртани цели во својот живот.
ЖМ: Кога сте млади, тинејџери, постојано слушате совети. Но, тоа не е причина да не го кажувате гласно и тоа што го мислите, бидејќи тоа е период кој има голем удел во формирањето на личноста. Бевте ли бунтовна со причина во тој период?
-И во гимназиските денови важев за бунтовник кој бара правда, се бори за себе и своите другари, но исто така не дозволува без заслужено да се добие нешто во животот. И денес кога ќе ја сретнам мојата класна професорка од средно, ми вели: „Викторија ти никогаш не престана да ја зборуваш вистината!“. Таква сум и денес, сметам дека колку повеќе се зборува за негативните појави или случувања, толку побрзо ќе се најде решение. Исто така погоре напоменав дека примерот што сум го зела од мајка ми, да бидам цврст карактер на кого веднаш најмалку две решенија ќе и паднат на памет кога има некоја ситуација, ми било и ми е компас како да се однесувам сега. Не треба да се потиснува бунтовноста на младите, напротив поборник сум да се ислушаат и да се стимулира заедничко решавање на проблемите. Така ги учам и моите деца, моите студенти, но и сите оние кои се дел од моето опкружување и побарале совет од мене.
ЖМ: Титулата Универзитетски професор, освен респектот, кај луѓето го наметнува размислувањето дека учењето ви било приоритет од најрана возраст. Каков беше процесот на вашето образование?
-Растев покрај книги и веројатно тоа ми беше нормално секојдневие. Како сега се сеќавам, на 10-ти јуни се распуштивме а на 11-ти дедо ми ме носеше во Градската библиотека да ги изнајмиме лектирите кои се на распоред за читање за следната година. Учев средно во битолската гимназија, завршив Филолошки факултет отсек англиски и шпански јазик, магистрирав-односи со јавноста за да докторирам на Економскиот факултет отсек маркетинг со специјалност на истражување: брендирање на државата. И така некако сето тоа испреплетено, ме донесе до истражување и објава на многу научни трудови, книга, научни ставови и мислења, колумни итн. Многу обуки и семинари каде сум присуствувала биле само дополнителна додадена вредност на моето портфолио, бидејќи сум научила многу од домашни и меѓународни експерти за сега да можам тоа знаење да го предадам на моите студенти, но и да бидам дел од многу меѓународни проекти како експерт во својата област.
ЖМ: Која е најважната лекција на која ги учите студентите?
-Да си ја сакаат Македонија! Да го почитуваат семејството и да вложуваат во себе!
Сметам и убедена сум дека, ако секој тргне од себе и даде свој личен придонес, дека ова парче земја ќе биде подобро место за живеење. Доволно се нагледавме се и сешто, време е иднината да си ја скроиме ние младите за да растат нашите деца во едно убаво секојдневие.
ЖМ: Во еден период живеевте во Њујорк, на Менхетн, поради работните обврски на вашиот сопруг. Таму се родија и вашите две деца. Многу тешко е да се повлече паралела меѓу животот во Америка и Македонија. Тоа зависи од бројни фактори, но најмногу од тоа каков е човекот и кои се неговите очекувања. Кои се двете страни на американскиот медал?
-Америка е прекрасна земја која нуди многу можности, но Македонија е мојот дом. Дипломатската мисија е мандат кој се знае кога почнува и кога завршува и некако знаете дека сепак ќе се вратите дома. Американскиот систем е одличен пример за општество каде владее правото и правната држава, каде имате здравствен систем кој функционира, правосудство кое е независно, образование кое не зависи од политиката. Америка е одличен пример за средена држава од која може многу да се научи. Го сакам Њујорк заради раѓањето на моите две деца со кои емотивно сум на тој начин поврзана, но и го сакам Менхетен бидејќи секое ќоше ја има таа филмска приказна која ја гледаме секојдневно од кујните на Холивуд. Би се вратила повторно, секако како дипломат кој интензивно ќе работи на промоција на својата држава Македонија на сите нивоа.
ЖМ: Каков е тамошниот влог во образованието? По што е посебно?
-Образованието е скапо, доброто образование е многу скапо. Македонија троши пари за образование, но не инвестира во образованието. За жал, кај нас образованието е жртва на политички интереси. Во Америка такво нешто не постои. Во Америка нема едни исти луѓе кои се нарекуваат дека се некакви реформатори, зошто тој образовен систем баш тие реформатори ги исфрла надвор од универзитетите. Ниту една држава не може да напредува ако населението и е необразовано. Секој владетел со визија прво што направил било токму тоа, создавање и описменување на својот народ. Низ историјата имаме многу примери: Растислав во Моравија, Кирил и Методиј, Кир II во Персија итн.
Америка има одлично конципирано образование кое точно го детектира талентот и способноста на секое дете. Сите ние сме различни и сите ние не можеме и не сакаме да се фокусираме на иста иднина.
ЖМ: Вашиот ангажман е во министерството за надворешни работи. Освојување на нови хоризонти е цел на секој човек. Што би сакале да работите во иднина?
-Себе си од многу мала се гледам на позиција која ќе ги брани, негува и промовира вредностите и убавините на својата земја. Сметам дека со мојот капацитет и како професор и како дипломат можам да придонесам кон зачувување на македонскиот идентитет, јазик и култура. Не сум човек на кого му значи името на позицијата, повеќе сум човек кој на крајот на годината, кога се прави ретроспектива на сработеното, сакам да имам еден куп сработени и реализирани проекти. Сакам да направам нешто на кое мојот син Григориј и мојата ќерка Галена со гордост би кажале: „ова го направи мајка ми!“. Секогаш тоа ми е мотив и силен поттик да успеам во нешто што го работам. Многу ми е важно нивното мислење иако можеби сега се деца, но нивните размислувања се најискрени и необременети.
ЖМ: Кога ќе го погледнете животот во изминативе години колку ви беше потребна храброст, самодоверба и желба за успех? Но, од што се моравте да се откажете?
-Храброст ми требаше многу, а самодоверба уште повеќе. Во нашето општество за жал, многу лесно може да ја изгубите самодовербата особено кога жена е во јавен живот. Ужасни се понекогаш коментарите на социјалните мрежи каде најчесто тоа го прават „тастатура тетки“. Социјалните мрежи се преполни со храбри македонски мажи, кои скриени зад анонимноста на одбраните псевдоними, повикуваат на револуција, навредуваат, понижуваат. Но, како дете кое растело во медиум, научена сум да живеам со притисокот на јавноста и најчесто секој негативен коментар ми е показател дека сум на правиот пат. Замислете да не зборуваат за вас и никој да не ве споменува? Тогаш зошто сте во јавниот живот?
Сум имала моменти и кога нивото на желба и самодовербата ми биле на многу ниско ниво, но најчесто тука е поддршката на мајка ми и сестра ми кои добро знаат да ме вратат на шина за повторно да тргне возот. Околу откажувањата, сум имала многу, од седенки со другарките до повеќе моменти со моите деца.
ЖМ: Дипломатско, академско, политичко искуство. Каде Викторија е професионално најдобра?
-Многу тешко прашање зошто јас сум многу самокритична и моите критериуми за успех се многу високи. Едноставно си поставувам многу високи цели. Успех ми е полн амфитеатар со задоволните лица на моите студенти кои ги слушаат моите предавања. Се сметам за добар дипломат зошто секоја моја средба е исполнета со промоција на мојата држава, а како политичар, сметам дека моето време допрва доаѓа затоа што сега имаме шанса како генерација на политичари да докажеме дека и во Македонија се може со чесност и многу работа, водени од лидер со визија, да направиме да биде подобро за сите.
Ако морам да одберам во што сум најдобра, тоа нека биде дека сум добра мајка за моите деца, затоа што трудот кој го вложувам во нивното воспитување да станат првенствено добри луѓе, можеби е мојот најголем влог од сите професии кои ги работам во моментот.
ЖМ: Важите за позитивна личност која живее динамичен живот. Како ги полните батериите?
-Батериите најчесто ги полнам со разговор со мојот дедо кој има 97 години, кој го сака животот повеќе од се и за кого зборува со полн елан. Тој ми е одличен пример колку треба да се цени секое ново изгрејсонце. Исто така, батерии полнам со детските муабети на ќерка ми Галена, но и со веќе почетните тинејџерски денови на син ми, Григориј. Да не заборавам да ги споменам и другарките, кои ми се огромна поддршка, малку сме ама доволни сме, кои знаат да ме рестартираат од секојдневието и од притисокот кој го носи јавниот живот. Пелистер е секогаш опција за полнење батерии, Охрид е незаменлив, Водно е „дома“, Битола е почеток и крај. Се на се: Македонија, семејството и пријателите.
Соња Алексоска Неделковска