ДОСТА НИ Е ОД МОЛЕЊЕ ЗА ТЕЗГИ: Домашни пејачи што се преселија
Ламбе Алабаковски, Ноне Неделковска, Јован Јованов, Александра Пилева, Сања Лефкова, Игор Митровиќ, Татјана Лазаревска и Новица Василевски, Јасмина Мукаетова, Анета Наковска, Сузана Гавазова, Елвир Мекиќ се дел од поп и фолк-пејачите кои се преселија од Македонија. Барајќи постабилна егзистенција и посигурна иднина за себе и за своите семејства, дел од нашите познати пејачи по преселбата престанаа да се занимаваат со музика.
ЛАМБЕ: Од Љубојно до Флорида
Поп-пејачот Ламбе Алабаковски со сопругата Магдалена и со синот Михаил околу две години живее на Флорида, во САД. На својот инстаграм профил, Ламбе објави слика со сопругата искажувајќи емоции.
“ Среќен сум што те имам. Ти благодарам Боже за сите благослови. Ја сакам“, напиша Ламбе. Пејачот кој е по потекло од преспанското село Љубојно, пред пет години направи свадба со Магдалена во еден битолски ресторан. Таа е по потекло од Битола, а долго време живееше во Америка.
Нивниот син, Михаил се роди токму на роденденот на Ламбе, на 16 ноември во 2014 година. Пред да се пресели во Америка, Ламбе со семејството живееше во Битола. Музички беше слабо активен, и се занимаваше со фамилијарен бизнис, продажба на јаболката од семејниот имот.
НОНЕ: Ми здодејаа злите коментари
Речиси шест години, на брод работи шармантната пејачка од Велес, Ноне Неделковска. И таа, како и Угро престана да се знимава со музика. Ноне вели дека си заминала поради непродуктивноста на домашната естрада, и сега е среќна, затоа што го прошетала речиси целиот свет.
„ Шест години работам на брод како советник за убавина во фришоп. Прв пат заминав да работам на брод во април во 2012 година, и требаше да патувам до Египет, поточно Шарм Ел Шеик. Никогаш нема да го заборавам чувството кога пристигнав таму. Бев збунета и возбудена, еден тон емоции кога застанав пред бродот. Сакав промени, затоа се одлучив да заминам. Пет години бев на македонската естрада. Еден ден си реков- и што по ова!? Зарем ова треба да правам во наредните неколку години!? Стани, среди се, оди по емисии одговарај на некогаш глупави прашања. Слушај и читај зли коментари, моли се за викенд да имаш букирано некој настап. Ми требаа нови предизвици и за кратко време од помислата дека треба да сменам нешто, се најдов на брод“, изјави за Женски магазин Ноне. За овие неполни шест години, таа посетила повеќе од 45 земји, и вели дека имала незаборавни искуства.
„ Секое место е со свој шмек а јас со моето мото „Work hard Play hard’ , слободното време го користев максимално да прошетам и да видам и научам што повеќе за местото каде што бев. Ќе го издвојам Флам во Норвешка, сета таа убавина, зеленило, чисто и смирувачко место. Мртвото море кое што лежи помеѓу Јордан и Израел. Солено езеро каде што поради високата концентација на сол не може да опстои никаков животински свет. Пливањето ми беше забавно и несекојдневно затоа што цело време бевме на површина на водата, невозможно е да се потоне. Потоа Фуншал, главниот град на Мадеира во Португалија, преубав богат град и имам многу убави пријатни искуства таму. Три часа возење низ пустина во Сахара, незаборавно искуство. Куба е приказна за себе. Пливање со делфини во Мексико, пливање со ражи на Кајманските острови, карневал во Ла Палма, рајските плажи на Јамајка, највкусната пица во Наполи, египетските пирамиди. Стекнав пријатели од целиот свет, срцево ми е полно. Единствено нешто за зашто секогаш се враќам назад во Македонија се моите родители и мојот брат. Секако, тука ми се и другарите и другарките што сме поминале убаво детство заедно и секогаш е убаво чувство кога сум опркужена со тие што ги сакам највеќе“, вели Ноне која од неодамна е промовирана во менаџер на Фришоп, што за неа е нов предизвик.
ЈОВАН ЈОВАНОВ- Долго чекав за да заминам од Македонија
Јован Јованов, еден од најуспешните домашни автори речиси две години гради успешна кариера во Канада. Со сопругата Николина и со ќерката, од Македонија си замина во 2014 година. Прво во Холивуд, на музичко усовршување и како што вели за да си го оствари својот детски сон.
„ Во Канада прилично бргу се вклопивме. За неполни две години, јас го отворив моето музичко студио, направив доволно контакти во музичкиот свет и целосно работам и живеам од музика. Мојата сопруга работи во својата струка, како инжинер во компанија за производство на автомобили. Ќерка ми има 5 години и перфектно се вклопи тука. Мене лично ми се допаѓа Торонто. Нуди доста можности да напредуваш. Јас цел живот имав желба да заминам од Македонија, ама успехот што го постигнав на млади години ме залажа за да останам и повеќе отколку што планирав. Уште како дете, сон ми беше да заминам. Не знам ни јас зошто толку чекав, но веројатно требаше да имам и доволно финансиски средства и искуство, па така во 2014 година заминав на музичко усовршување во Холивуд. Пред да тргнам за Америка, јас и моето семејтво веќе аплицираме за иселеничка канадска виза. Така што, ние бевме комплетно решени и подготвени да заминеме. Или во Америка или во Канада“, изјави Јован неодамна во интревју за Женски магазин.
ТАТЈАНА И НОВИЦА- И во Австралија сме популарни
Нешто повеќе од три години, во Мелбурн со синовите Стефан и Петар живее фолк-двојката Татјана Лазаревска и Новица Василевски. Во Австралија, Тања и Новица си заминаа на почетокот од 2015 година, а и таму како и претходно настапуваат за македонските иселеници.
„ Во Македонија, на музичко поле се презаситивме речиси од се, но не можам да се пожалам дека ни беше лошо. Како и во Македонија, кај нашата домашна публика, и овде во Австралија сме популарни кај нашите иселеници, па речиси секоја вечер сме зафатени со настапите“, раскажа Татјана на пред три години.
ИГОР МИТРОВИЌ- Во Танзанија по свој бизнис
Младиот поп-пејач Игор Митровиќ преклани замина кај својата сестра Кристина во Танзанија, Африка.
„ Во Танзанија, Дар ес Салаам се преселив во октомври во 2016 година. По 9 месеци се вратив на извесен период во Македонија за да ја предадам магистерската и да ја одбранам, и секако да ја видам мојата фамилија и моите најблиски. Веднаш потоа се вратив. Тука веќе живеам една ипол година и имам да кажам само пофални зборови. Животот ми е одличен тука, баш од ништо не можам да се пожалам, освен од комарците, хаха. Се уште не би пишувал за тоа што работам тука, но се работи за сопствен бизнис на кој работиме заедно со со сестра ми. Би требало за брзо време да почнеме и ветувам, ќе ве известам! Напоредно работам на многу графички проекти како „фриленсер“ од дома, како за компании во Танзанија така и за Македонија. И секако, немојте ни да помислите дека музиката сум ја заборавил. Работам на неколку проекти, за кои што не се брзам воопшто, но за некое време ќе се обелоденат“, ни изјави Митровиќ.
ПИЛЕВА МУКАЕТОВА И НАКОВСКА ВО САД, ГАВАЗОВА ВО ШВЕДСКА, МЕКИЌ ВО БОСНА
Во 2013 година, со сопругот Зоран Чадиев и со синот Лука, во Чикаго, САД се пресели рокерката Александар Пилева, еден од најдобрите наши женски вокали. Александра беше дел од ѕвездите на продуцентската куќа „М2“, а нејзин најголем хит е „Нема утеха“, победничката песна на „Макфест“ во 2004 година. Пред да заминат во САД, Пилева и Чадиев беа сопственици на кафе бар во Скопје.
Фолкерките Јасмина Мукаетова и Анета Наковска исто така живеат во Америка, откако и двете се омажија за македонски иселеници од САД. Нивната колешка, фолкерката Сузана Гавазова во 2014 година се омажи за босанецот Јасмин Курузовиќ и се пресели кај него во Шведска. Сузана и Јасмин имаат две ќерки, Емили и Селена.
Поп-пејачот и текстописец Елвир Мекиќ, со сопругата Лејла и со синот, живее во Сараево.
САЊА ЛЕФКОВА РОДИ ВТОР СИН ВО АНГЛИЈА
И поп-пејачката Сања Лефкова, сега Христова со сопругот Мики веќе неколку години живее во Англија. Сања и Мики се родители на четиригодишниот син Никола, и на Лукас кој има четири ипол месеци.
Милица Џаровска