Еднаш пред 30 години, Октомври ми ја скрши главата, душата, очите, рацете...........крилјата! Маја Андоновска Илијевски емотивно
Секој еден човек, има датум во животот на кој се сеќава по убаво, но има и такви кои се памтат по лошо.
23 Октомври за актерката Маја Андоновска Илијевски е ден кога го загубила татко си.
Преку порака која допира до сите, Маја емотивна вчера напиша:
„23 Октомври е...
Имам 39 години, две години повеќе, отколку што имаше ти кога те изгубив. Многу често се обидувам да замислам каков ќе беше мојот живот, ако ти беше дел од моето растење, но мојот животен роман тука има празни страни кои мојата челична Гордана ги пополнуваше со сила на жена,која се исправила во животот како Феникс... Повеќе не те знаам, отколку што те знаев. Иако сѐ уште со твоето име, ширум ми отвараат врата луѓе, кои вечно ќе те паметат исто како и јас.
Твоите пријатели ми велат дека ги потсеќам на тебе, во ликот, во говорот,праведливоста, гестикулациите, брзата мисла, човечката широчина, понекогаш и во оштрината, мајка ми ќе додаде на тоа и во биковскиот инает, пркосот, и амбициозноста. Твоите пријатели често ми велат дека гледаш од горе , и многу се гордееш со нас .
Еден цел живот ми фалиш на празници, делници, матури, дипломски, свадби, раѓања, на јаве и на сон... И не, не сум веќе тоа исплашено девојче кое не ја губеше надежта дека е заглавено во некој лош сон, и дека кога ќе ги отвори очите ти ќе си тука, но сеуште... длабоко во себе верувам дека тука си. Те чувам во мојата осаменост, во мојата бучност,во широката насмевка, во мојата претерана самокритичност, те будам во мислата на твојот внук Николај кој има 8 години и 5 месеци, исто колку што имав јас кога засекогаш престанав да бидам дете.
Те чувам во мојата мисла кога носам важни одлуки, те сокривам во соништата, во хроничната тахикардија, во стравовите од загуба оти за мене ти беше и остана единица мерка за болка која нема крај...
И уште сто пати да се родам и уште по сто 23 Октомври да минат, пак ќе те барам, ќе ми требаш, ќе ме болиш како пред цели 30 години кога една реченица безброј пати ми одзвонуваше во глава: Едно семејство е како куќа, секоја куќа има свои врати, прозорци, ѕидови, кров..... ние останавме како куќа без кров. И ќе треба заедно да се бориме, и да го изградиме кровот кој веќе го немаме-Да! Така ни кажа мајка ми !......
23 Октомври е...Октомври........... кој еднаш пред 30 години ми ја скрши главата, душата, очите, рацете...........крилјата ! Октомври- во кој мојата куќа остана без кров !!!!!
Патувај мирно тато, жив си во нашите срца.
Вечна ти слава“ .