ЕКСКЛУЗИВНО: Песната на Ана Бунтеска која влезе меѓу најдобрите во Европа
Трета година по ред, познатата македонска поетеса и наша редовна колумнистка Ана Бунтеска влегува во најтесниот круг на изборот за најдобра песна на европскиот Фејсбук поетски фестивал. Во конкуренција на 450 поети од 19 држави, песната „Ги будиме демоните“ се најде во финалниот избор со 54 дела (победникот ќе биде прогласен во ноември), а „Женски Магазин“ ексклузивно ја објaвува.
ГИ БУДИМЕ ДЕМОНИТЕ
Ги будиме демоните
кои во зениците ни спијат
за да си поприкажеме за старите болки
чунки нови немаме
за да ни браздат по челата идните сомнежи
како преплетени автопати
во кои автомобилите се движат во хаос
а жртви се нашите надежи
со кои душите си ги труеме
залажувајќи се дека така ни е поарно.
Ги будиме демоните
од кои животите ни зависат
преку крв да се чувствуваме дека дишеме
плитко и нерамномерно
како риби на суво
не водејќи сметка
дека секој здив можеби последен е
и дека со ококорени очи на грб ќе пливаме
низводно како и сите околу нас
во оваа фарса која секојдневие ја нарекуваме.
Ги будиме демоните
за да можеме душите да си разбудиме
и уште по еден рез во нив да направиме
од лажен мир со кој заспиваме
и по цела ноќ од сеништа се будиме
покривајќи се преку главите
како децата се тешиме
дека ако не ги гледаме
ќе нѐ одминат во широк лак
до следното заспивање.
Ги будиме демоните
еве гледај
гледај како во утрата чекориме
полни јадови и изгризани мечти
оштетени во невиноста која одамна ни е силувана
и божемна абортирана љубов
на која срцевите отчукувања се минато
и која не може никогаш повеќе да се зачне
во мојата јалова матка да се вгнезди нашиот плод
кој одамна е мртов.
Ги будиме демоните
од кои сиот живот бегаме
за инает на нашата храброст
која е стуткана во лушпа од орев
те будам
и разбуди ме
во овој ден во кој ќе признаеме
дека од нас ништо не останало
ниту сенка од она што сме биле
освен разбудени демони во кои се претворивме.