Ексклузивно за Женски Магазин Јана Бурче го откри името за бебето: Терминот ми е во јули
Пејачката и водителка Јана Бурческа пред извесен период откри дека повторно е бремена. Имено таа и сопругот Александар со кој се во брак нешто повеќе од две години, ќе го добијат второто дете, а нивната ќерка Дона ќе си добие братче.
Токму во претпоследниот месец од бременоста Јана ексклузивно за Женски Магазин откри важни детали за новината што со нетрпение ја очекува цело семејство.
* На пат е второто бебе. Дали бевте подготвени или оваа вест дојде како изнендување? На каков начин им соопшти на сопругот и Дона?
- Бевме подготвени, но воедно и изненадени, ако е возможно тоа (се смее). Веста ја примивме многу посталожено, а соопштувањето беше едноставно приложување на резултатите од „beta hCG“ тестот. Секојдневно ѝ објаснуваме на Дона зошто моето меше расте и свесна е дека во него има бебе, но сепак е мала да биде целосно свесна и за тоа дека бебето внатре е вистински човек, како неа и сите нас.
* Кога за првпат се најдовте во улогата на родители, за Женски Магазин изјави дека сте биле многу смотани. Како се чувствуваш сега, дали ги совлада сите тактики за совршена мајка?
- Родителството е процес на секојдневно и доживотно учење, па доживувајќи го како такво не чувствувам потреба да тежнеам кон некакво совршенство. Верувам дека родителите го прават она што во моментот сметаат дека е најдобро за своите деца во рамките на своите можности и знаење. Се напредува, секако, со постојана работа на себе. Овој пат морам да кажам дека се чувствувам малку подобро подготвена за новото бебе, но предизвикот кој е пред мене е балансираното воспитување и грижа за ДВЕ деца.
* Ќе биде машко. Дали веќе смисливте име?
- Сакаме да биде на „Д“ . Се уште се дискутира и дебатира по дома, ама сега за сега води Дарин.
* Сите велат дека Дона е „плукната“ на Александар. Дали е така и по карактер или сепак личи на мама Јана? Дали потајно посакуваш второво да биде на тебе?
- Во однос на физикусот на Дона едноставно „немам шанси” со Александар (се смее), меѓутоа во карактерот ми се чини дека е комбинација од двајцата. Упорна и решителна како тато, креативна и муабетчика на мама. Велат дека синовите се на мама, но во секој случај овде ќе речам дека најважно е — секако — детенцето да е здраво и живо.
* Знаеме дека имаш хронично-воспалиелна болест атопилен дерматитис, кој го наследи и твојата ќерка. Како се справувате, дали Дона има проблеми? Дали се плашиш дека и синчето може да го наследи?
- Кога го потенцирате на овој начин звучи многу пострашно, иако е предизвик и понекогаш состојбата може да биде многу „здодевна” меѓутоа во денешно време имаме пристап до безброј информации и различни препарати што го прави справувањето со истата многу полесно споредбено со она со што се соочувале на пример моите родители во времето кога сум била мало дете. Среќна сум што кожата на Дона речиси и да нема знаци од атопијата, а за синчето не би рекла дека се плашам, но сум подготвена во случај и тој да се соочи со оваа состојба.
* Каква трудница е Јана? Многу бараш, многу лежиш или многу јадеш?
- Уф, ова прашање веројатно подобро ќе го одговорат моите најблиски. Мислам дека сум малку поразмазена во однос на првата бременост, дел од ова е автентично мој, а дел мислам дека некаква моја реакција на новонастанатата „нормална” состојба.
* Како се соочуваш со бременоста во панедмијава на коронавирус. Дали си во постојан карантин или пак?
- Движењето надвор од домот ми е сведено на минимум и најчесто излегувам кога имам неодложни обврски. Предизвикот е голем, затоа што бременоста и онака предизвикува големи психофизички промени кај жената, па соочувањето со нив ми оди потешко во ваква вонредна состојба кога само грижите за своето здравје и здравјето на најблиските на секојдневно ниво ни се поголеми од вообичаено.
* Дали имаш проблем со вишок килограми?
- Сега за сега се движам во границите коишто медицината ги има поставено како нормала, па претпоставувам дека одговорот на ова прашање е не.
* Кога треба да се породиш? Дали избра каде?
- Терминот ми е во јули, а каде ќе се породам не би коментирала.
* Некоја препорака или предлог за полесно поминување на каратинот како трудница со дете, за сите родители.
- „Лекот” е меѓу луѓето, па затоа мислам дека комуникацијата, зборувањето и споделувањето отворено, како со возрасните во своето опкружување, така и со децата, е од клучно значење особено за менталното здравје кое верувам дека многу од нас досега почувствувале или ќе почувствуваат дека е оптеретено.
Даница Караташова