ЕМОТИВНА ПОСВЕТА НА ВЕСНА БЕЈБИ: Љубовта на Каролина и Михо ме инспирира да ја напишам „Будна“

Добивај вести на Viber

Сите ние сакаме да сме будни и да го имаме оној бигор в душа. Таа чудна состојба на умот која ни ја возобновува сета енергија. Микрокосмос кој создава еден величествен простор околу нас. Би сакала овој текст да е моја приказна, но сега е само на Каролина и Михо, раскажува познатата актерка за песната која се најде на новиот албум на Гочева

Небо пее, небо ми се смее. Толку те љубам, во тебе се губам. Ова се стихови од композицијата „Будна“, рефрен од новиот албум „Извор“ на Каролина Гочева. Автор на текстот е Весна Петрушевска. Докажаната актерка, од неодамна и писателка, специјално за „Женски Магазин“ ја раскажа приказната за песната која македонската ѕвезда со особени емоции ја интерпретира на актуелните концерти во Македонската опера и балет. Секогаш искрена во излагањата, Весна Бејби ни откри интересни моменти од соработката со нејзината долгогодишна пријателка.

         Синот на Петрушевска во прегратка на Каролина

Женски Магазин * Дали „Будна“ е Вашиот прв отпеан текст?

Весна - Да! Неверојатно емотивно искуство. Возбудата која ве следи е непроценлива состојба. Јас пишувам постојано, но овој текст е навистина посебен по многу нешта.

Женски Магазин* Каква беше реакцијата на Каролина кога првпат ги прочита стиховите?

Весна- Некаде пред летото разговаравме за суштината на еден текст, кој е начинот и како да се пренесе таа емоција. Само ѝ реков дека имам неколку текстови кои би сакала да ги види. Сите ѝ се допаднаа, но ете оваа остана. Среќна сум.

Женски Магазин* Како настана овој текст? Кога го напишавте?

Весна- Го напишав една ноќ кога веќе маестро Никола (Николче Мицевски н.з.) ми ја испрати темата. Знаев колку е Каролина среќна и како е исполнета, како од неа да се отвори цел еден свет недопрен. Ја чувствував нејзината љубов кон Михо и сакав да се посветам на најважната работа во светот - љубовта. Оти навистина таа сила е исклучително важна за сите нас. Инспирација мора да имате, мене ми беше нивната љубов.

Фотографија за спомен од свадбата на Гочева

Женски Магазин* Секогаш сте брутално искрена, храбро ги споделувате и најинтимните животни епизоди. Дали и овие стихови се Ваша лична исповед?

Весна- Сите ние сакаме да сме будни и да го имаме оној бигор в душа. Таа чудна состојба на умот која ни ја возобновува сета енергија. Микрокосмос кој создава еден величествен простор околу нас. Да, би сакала овој текст да е моја приказна секако, но сега е само на Каролина и Михо.

Женски Магазин* За што најчесто размислувате кога не творите? Што може да Ве остави будна цела ноќ?

Весна- Она од што никогаш не се откажав се соништата кои ме оставаат будна постојано. Искрено многу малку спијам, читам, слушам музика, се обидувам да избегам од тривијалностите во дневните живеења и сакам да оставам траг зад мене. Вака или онака аплаузот на сцена после добро одиграна претстава е сеприсутен, но неверојатен мерак е дека „Будна“ ќе ја пеат со години. Тоа е нешто за кое вреди да сонуваш и да останеш буден.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов