ЕСМА ЗАРАБОТУВА И ПО СМРТТА, БИТКАТА ЗА АВТОРСКИ ПРАВА ПРОДОЛЖУВА
Како наследник на авторските права не можам да одам во ЗАМП и да побарам увид колку Есма заработила постхумно, бидејќи тестаментот не е правосилен, вели Симеон Атанасов, едно од 47-те деца кои кралицата на ромската песна ги одгледа
Правната битка за творештвото на Есма Реџепова Теодосиевска продолжува. Музичките дела на легендарната пејачка која уживаше интернационална слава и имаше соработка со реномирани светски издавачки куќи сѐ уште носат профит, но никој нема увид во наплатените надоместоци според кои се врши пресметка и исплата на авторските хонорари.
- Како тестаментален наследник на авторските права не можам да одам во ЗАМП (Здружение за заштита на авторски музички права) и да побарам увид колку, условно кажано, Есма заработила постхумно, бидејќи тестаментот не е правосилен. Во тек е судски спор со фамилијата Реџепови, нејзини внуци од браќа и сестри кои го оспоруваат документот - ни објасни Симеон Атанасов, едно од 47-те деца кои кралицата на ромската песна ги одгледа.
Атанасов нагласува дека во тестаментот недвосмислено стои неговото име како носител на сите авторски права од нејзината и од музиката на Стево Теодосиевски. Токму тој го предводи и составот „Есма’с бенд“ кој продолжи да го негува делото на покојната пејачка.
- Во преговори сме со реномирана француска издавачка куќа и концертна агенција за објавување на нов материјал и за европска турнеја во октомври. Цел живот живеам од музика и не ми требаат никакви материјални добра – порачува Симеон.
Претседателката на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“, Зорана Костовска, вчера ни потврди дека Владата ја прифатила желбата на Есма нејзиниот дом да биде катче за хуманост и музика со кое ќе управува хуманитарното здружение кое ќе има одредени права, но и одговорности. Претходниот ден, пак, ексклузивно за читателите на „Женски Магазин“ зборуваше за последните часови пред смртта на Реџепова која почина на 11 декември 2016 година.
Ѓорге Стојанов