(ГАЛЕРИЈА ОД ЗРЗЕСКИ МАНАСТИР) Убавините на Македонија: Црква со најретки икони

Опоен мирис на мајчина душичка и на жалфија е она по што е првото сеќавање на селото Зрзе и на Зревски манастир. Манастирот е познат и како Св. Спас. Неповторливо искуство е качувањето по планината Даутица, на чии јужни падини се наоѓа манастирот.

Зрзески манастир  се наоѓа во близина на селото Зрзе. Не е тежок патот до оваа убавина, до него се пристигнува по асфалтен пат којшто поминува низ прилепските села Ропотово, Пешталево, Костинци и Зрзе. Манастирот е прогласен за споменик на културата. Тој е епископско седиште на хераклејскиот епископ Климент.

Кога патот ќе ве донесе во Зрзе, започнува патешествие низ историското време. Се претпоставува дека манастирот најверојатно бил изграден некаде во XIV век од монахот Герман за време на владеењето на српскиот цар Стефан Душан, што е поткрепено со натписот сместен на надворешниот ѕид од јужниот влез на главната манастирска црква. Првобитната манастирска целина зафаќала површина од околу 7.000 м2. Таа имала утврдени ѕидини и одбранбени кули.

Главната манастирска црква е „Свето Преображение“, која се нарекува и Германова црква. Манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе се наоѓа на 34 км северозападно од Прилеп, речиси на 1.000 м надморска височина. Отежнатата пристапност влијае на посетеноста на манастирот. Во зимскиот период, поради снегот е речиси отсечен за вообичаена комуникација. Отворен е од рана пролет до доцна есен.

Манастирска слава е на 19 август, а она што црквата ја прави автентична е нејзината градба со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида. Ова бајковите здание има два влеза на западната и спореден влез на источната страна.

Ова е црква со едни од најретките икони кај нас. Позната е по иконата „Исус Христос“ изработена во 1393 година од зографот митрополит Јован, како и „Богородица Пелагонитиса“ изработена во 1422 година од зографот јеромонах Макариј, која се смета за едно од највпечатливите дела на средновековието.

М. Џаровска
Фото: Вангел Тануровски 

ГАЛЕРИЈА: