Големото срце на малата Анисија: „Мамо ајде да ми ја скратиш косата, приредбата заврши...“
Неодамна 4 и пол годишната Анисија Крстева од Скопје, за прв пат ја скрати својата долга коса со единствена цел, да ја донира на дечињата болни од канцер.
Иако многу мала, сепак доволно свесна за ова добро дело, Анисија со огромна љубов и радост ја подари својата коса да се направи перика, која во иднина ќе усреќи некое детенце на кое многу му е потребна.
Во оваа одлука, малата Ани имаше голема поддршка од родителите Благоја и Спасена, кои и ја исполнија желбата и дозволија убавата костенлива коса со локни која никогаш претходно не беше скратена, да отиде во вистински раце.
- Пред околу една година, кога Анисија имаше само 3 години, јас ја скратив мојата коса со цел да ја подарам за некое детенце и уште тогаш почнавме да се договараме дека следен пат може двете заедно да го направиме истото. Од тој момент Анисија постојано ме прашуваше: „Мамо, кога ќе ја скратам јас мојата коса? Сакам да ја подарам на некое детенце што нема коса“! И објаснував дека уште малку кога и нејзината коса ќе достигне одредена должина ќе го направиме тоа. Кога дојде време, косата да достигне должина до нејзината половина, следуваше истото прашање: „Мамо, кога ќе ја кратиме мојата коса“? Јас на тоа и одговарав - набрзо, штом помине приредбата во градинка. Тој ден, фамилијарно восхитени од прекрасната детска приредба, за момент заборавив на моето ветување и само што влеговме во нашиот дом, Анисија со огромна насмевка на лицето ми кажа: „Мамо, ајде, скрати ми ја косата сега, приредбата заврши“! Емоцијата не можам да ја опишам, веднаш почнав да барам ножици. Благодарение на нејзината баба која ни ги обезбеди истите, таа вечер плетенката на Анисија беше подготвена да израдува некое детенце, ни раскажа нејзината мајка Спасена.
А еве како малата Анисија изгледа откако ја скрати косата:
Елеонора А.