Холанѓанките се најсреќните мајки во светот, а ова се нивните правила: По 18 часот не им го дозволуваат на децата ова, а вака работодавачот е должен да се однесува со нив
Бројни студии неколкупати покажаа дека децата во земји како Данска, Холандија и Шведска се најсреќните деца во светот, а и нивните мајки ги следат - и тие се сметаат за најсреќни мајки. Покрај овој епитет, тие се познати и како најопуштени мајки во светот. Ова особено се однесува на Холанѓанките, па не е ни чудо што постои книга за нивните мајчински методи и навики наречена „Stuff Dutch Moms Like“.
„Сè уште не сум забележала дека Холанѓанките го креваат гласот кон своите деца. Тоа што се опуштени не значи дека не се вклучени или отсуствуваат. Тие уживаат да бидат покрај нивните деца, ги слушаат нивните мислења и им даваат конструктивни насоки“, е впечатокот на Михаила Гринер, австралиска новинарка која со години живее во Холандија.
Горенаведената книга се занимава со животните навики, ставови и обичаи кои ги направија Холанѓанките задоволни, опуштени мајки, а ви пренесуваме некои од највпечатливите:
Мајките во Холандија работат помалку
Многу мајки во Холандија го намалија работното време - официјалната статистика вели дека секоја трета Холанѓанка престанува да работи или работи помалку по раѓањето на своето прво дете. Само 12 проценти од жените со деца под 18 години работат со полно работно време (односно, повеќе од 35 часа неделно). Многу работодавци дозволуваат намалено работно време, а во одредени случаи на работодавачите им е забрането дури и да одбијат барање за намален број работни часови. Ова им овозможува на жените во Холандија да не треба да избираат помеѓу тоа да бидат „мајка која работи“ или „мајка што останува дома“.
Холандските мајки се држат до своите распореди
Холанѓанките многу се грижат за рутината. Ако погледнете на која било улица после 18 часот, нема да видите ниту едно дете кое си игра. Ова е периодот кога децата се веќе нахранети, избањати и практично во кревет. Повеќето родители во Холандија имаат фиксна дневна и ноќна рутина, што резултира со одморени, среќни и здрави деца.
Холандските мајки имаат голема семејна поддршка
Холанѓанките имаат едно тајно оружје - нивните партнери! Имено, холандските татковци се многу ангажирани и вклучени во одгледувањето и воспитувањето на детето. Над една третина од мажите во Холандија избираат да работат помалку и имаат скратена работна недела за да успеат да останат посветени на семејството. Исто така, важноста на услугите на бабите и дедовците во Холандија не е занемарлива - тие се активни учесници во воспитувањето на детето и се сметаат за едни од најактивните и најгрижливите во Европа. Над 60 отсто од холандските баби и дедовци имаат барем некаков облик на грижа за своите внуци.
Холандските мајки имаат врвна постнатална нега
Постнаталната нега е супериорна од која било друга земја во светот. По породувањето, жените имаат право на 8 дена домашна нега од високо обучена медицинска сестра. Таа е тука за да ви помогне да се грижите за вашето бебе, но ви помага и при перење алишта, готвење, чистење на домот и дава практична поддршка и совети.
Холандските мајки им дозволуваат на своите деца да бидат деца
Верувањето во слобода и независност е основниот принцип на холандското родителство. Имаат дури и една изрека дека да се воспитува дете значи да се остави да оди. На холандските деца им се дава простор и време да го негуваат својот „независен живот“. Исто така, Холанѓанките чувствуваат помала вина од другите мајки и ова е здрав став кој им помага да имаат избалансиран пристап кон мајчинството.
Холандските мајки не се врзани за неуспесите или успесите на нивните деца
Холанѓаните имаат неверојатна способност да ги одвојат талентите на своите деца (или недостатокот од нив) од нивните. Нивните деца не се одраз на самите нив, туку се суштества со индивидуални карактери, сили и вештини. Тоа е освежувачка перспектива што ја отстранува конкуренцијата од општеството.
Холандските мајки спијат подобро од вас
Не е фер, но вистина е! Холандските мајки се претежно секогаш добро наспани бидејќи и нивните деца спијат подобро.
Фото: unsplash
Извор: Женаблиц