Храната треба да се сподели со тие што немаат, а не да се слика за Инстаграм: Хуманата мисија на Мила Тасевска
Секоја сабота, точно во 13 часот, зад куќата на Мајка Тереза во Скопје, група ентузијасти подаруваат двеста чинии топол оброк за луѓе кои не можат да си го дозволат. Мила Тасевска е дел од хуманата група на #ретвитниоброк кои во координација со здружението „Вистински дела на љубезност“ групно готват секој петок. Со секој подарен топол оброк, таа вели дека им е топло околу срцето. За девизата храната да се подари, а не да се слика за Инстаграм, и за тоа колку љубов и посветеност вложуваат таа и нејзините пријатели, ни раскажа оваа хумана жена.
Секој петок, Мила и членовите на иницијативата групно готват, а храната ја донираат секоја сабота
„Иницијативата #ревитниоброк започна пред речиси четири години, (на 4 април одбележуваме 4 години постоење). Идејата се роди откако две од нашите другарки-членки Марина и Злата си муабетеа на „Твитер“, зошто сите ја сликаат храната што ја јадат за на „Инстаграм“, а никој не ја споделува. Па така се собравме неколку луѓе и во координација со Тони и Весна од „Вистински дела на љубезност“ за прв пат на 4 април пред 4 години споделивме храна со оние на кои им е навистина потребна. Сѐ останато е историја“, ни раскажа Мила. Конкретна бројка за тоа колку точно луѓе се дел од оваа иницијатива, таа вели дека нема, затоа што секој кој некогаш помогнал на каков било начин, го сметаат како член на групата.
„Ако морам, би рекла дека околу 60 проценти сме жени, а 40 мажи. Но, сите рамноправно работиме, со цел да се подготват доволно оброци. Храна се дели секоја сабота, веќе 221 недела, имаме и групни готвења што се случуваат во петок. Големата идеја зад сето ова е- на секој што дома ќе му остане храна од ручек, вечера, прослава, да ја спакува и да ја сподели со оној кому е најпотребна“, додава таа.
Мила му се радува на груното готвење секој петок. Исполнета е , но и тажна секоја сабота, откако како дел од #ретвитниоброк во координација со „Вистински дела на љубезност“, го делат ручекот зад куќата на Мајка Тереза во 13 часот.
„ Со текот на годините, бројката на луѓе се зголемува и мене тоа не ми претставува убава слика. Групното готвење ми е супер, меѓу нас се створи вистинско пријателство и навистина е пријатно да се работи во забавна атмосфера, но делењето оброци е сосема нешто друго. Мислам дека кој и да остане бар десет минути таму, не би бил рамнодушен кон сликата дека некој буквално доаѓа да земе оброк еднаш неделно бидејќи сам не може да си го дозволи“, раскажува Мила.
„Кој и да остане бар десет минути таму, не би бил рамнодушен кон сликата дека некој буквално доаѓа да земе оброк еднаш неделно бидејќи сам не може да си го дозволи“, раскажува Мила.
Оброците кои ги готват, вели таа се различни, но секогаш се трудат да бидат доволно хранливи.
„ На пример, секој оброк се состои од салата, месо и јаглехидрати како на пример грав, грашок, леќа или ориз. Морам да признам дека одвреме-навреме примаме желби за промена на составот, доколку повеќето од нив одбиваат да јадат одредено нешто, но тоа е во зависност од тоа кој на каков вкус е навикнат. Дополнително, секој викенд има донација од „Фрешис“ (овошје), месо за готвење од „Промес“, леб од „Жито Лукс“, се разбира и многу други луѓе и фирми повремено донираат продукти што можеме да ги искористиме на готвењето. Тие доаѓаат да готват со нас или подготвуваат од дома, купуваат готови оброци и ги донираат, но сите се трудат некако да придонесат, што е за поздрав и благодарност“, вели Тасевска.
„ Секојдневно ме мотивира желбата да помогнам некому и тагата дека сепак има некој кој не може да си дозволи топол оброк. Сите овие години се соочуваме со различни луѓе, а како што би рекле, различни луѓе - различни судбини, некои се тажни, некои уште потажни“ , додава нашата хумана соговорничка. Дополнителна мотивација ѝ претставува дека не е сама во оваа приказна, и дека е опкружена со луѓе што ја делат истата желба.
Милица Џаровска