Планините се нашето здравје: Среќен Светски ден на планината!
Планините се многу важни за климатските промени. Македонија ги има во изобилство и планини, заштитени подрачја, но и национални паркови. Нашата земја е помеѓу првите земји во Европа по број на планини и покриеност на територијата со планини.
Природата навистина ја дарувала нашата земја со извонредни планини, кои овозможуваат да фрлите поглед од поинаква перспектива.
Кораб, Шар Планина, Баба, Јакупица, Ниџе, Караџица, Перчулица, Дешат, Крчин, Стогово, Галичица, Јабланица, Осогово и уште 59 на списокот.
Во нашата земја според Федерацијата за планинарство има планинарски домови кои се во добра состојба, но и такви кои повеќе не се во функција.
Многу ентузијасти кои самоиницијативно прават екскурзии на македонските планини, преку социјалните мрежи поттикнуваат на запознавање на нашата земја, пешачењето како здрава навика, но и како да си ја зачуваме и заштитиме природата од оние кои сопственото ѓубре несоодветно го третираат.
Ана и Мане, брачен пар од Велес кои ја започнаа својата приказна кампувајќи во нивниот автомобил, преку социјалните мрежи постојано не потсетуваат каква непроценлива убавина поседуваме и како треба да ја искористиме.
„Природата постојано се менува во текот на една година, а местата го менуваат својот лик заедно со неа. Дефиницијата за убавината иде од самите нас, нашето расположение, нашиот став кон светот и животот. Лесно е да најдеш убавина кога го сакаш животот, кога со нетрпение го очекуваш утрото. Навистина е предизвик да издвоиме само едно, сметајќи ја нашата љубов кон природата како главен фактор. Но, едно место во Македонија ни е при срце, а тоа е планината Јабланица. Има силна енергија, посебна е, различна, живописна, невозможно е да не го осетиш тоа, а да си таму. Се надеваме дека ќе премине во национален парк и да се третира и заштити под посебни услови“, изјавија Ана и Мане во интервју за Женски магазин.
Вечно заљубената во планините, нашата алпинистка и кралица на планините Илина Арсова, која не прави горди со секој нов освоен планински врв, постојано потсетува за важноста на планините. Нејзината последна планинска авантура во изминатата година беше на домашна територија – на снежна Галичица.
„Планината за мене е дом. Тоа е местото каде се чувствувам безбедна и неизмерно среќна. Без разлика дали е врв од 8000 метри на Хималаите или некоја шест илјадарка на Андите, со стрмни страни и застрашувачки глечери, штом се најдам на врвот јас доживувам спокој. Цртежите од планинските патувања се еден вид визуелен дневник каде секој цртеж или скица крие една приказна од едно автентично доживување кое никогаш нема да се повтори на ист начин и со иста емоција“, зборуваше Илина за Женски магазин.
Горди сме на многу храбри жени кои го сакаат планинскиот адреналин, сакаат да освојуваат врвови, да покажат храброст дека токму тоа, го можат тие.
Планинарската Ана Котевска од Битола е исто така една од нив. Освои четири врвови на Андите, еден во Африка, но Пелистер не го дава.
„Првото искачување ми беше на Копанки, во шесто одделение, кога организирано од основните училишта нè носеа во Детското одморалиште на викенд. Се разбира дека не би го менувала за ништо нашиот Пелистер. Иако секоја планина и секое искачување си е интересно и карактеристично само по себе. Некако на Баба планина и Пелистер си се чувствувам како дома. Убајни ми е на душата. Кога станува збор за изгрејсонцето и зајдисонцето, не можам да одделам на која планина е најубаво. Самиот момент е убав кога тоа го доживувате над 2000 м, во тишина заедно со луѓето кои ви значат и поддржуваат во тоа што го правите. Тие се незаборавни моменти, кои без разлика на која планина сте, ги паметите за секогаш“, изјави Ана за Женски магазин.
Уште една храбра планинарка која не се откажува од Водно, иако е во 42-та недела од бременоста. Ирина Камиловска која кампуваше на-20 степени на Шар Планина, го освои врвот Ама Даблам на Хималаите, а беше и единствената која боса и во свечен црвен фустан ја искачуваше Матка.
Навистина треба храброст за вакви подвизи, но пред сè желба. А Ирина ја има секој ден, со објавување фотографии како сама се искачува на Водно додека во нејзиниот стомак расте нов живот. Нејзините објави се само мотив за сите оние кои бараат изговори дека не можат да се пешачат на планина.
Ова се само мал дел од инспиративните планинари и ентузијасти кои на овој начин покажуваат како ги сакаат македонските планини и уживаат во тоа што го прават, и начинот на кој испраќаат пораки преку социјалните мрежи со секое ново откриено место и освоен планински врв.
Нека е среќен Светскиот ден на планината!!!