ХУМАНИТАРНА ПРОДАЖНА ИЗЛОЖБА НА ДИЗАЈНЕРКАТА ХРИСТИНА ТАРАБУНОВА: Правам черги од дрво

Добивај вести на Viber

Изложбата, утре во „Излет“ од 14 ќе биде од продажен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани во фондацијата „Златна рипка“ чија главна цел е исполнување на желбите на тешко болните дечиња. Тарабунова ќе понуд тринаесет черги изработени од различни материјали

Со тринаесет рачно изработени черги од различни материјали, младата дизајнерка Христина Тарабунова, утре (недела) во кафе-барот „Излет“ во Скопје организира хуманитарна изложба. Изложбата е со мото „Оној кој ќе зачува живот го чува целиот свет-13 причини зошто“, почнува од 14 и ќе трае до 20 часот. Тарабунова, која е ќерка на познатиот фолк- пејач Ванчо Тарабунов и сестра на поп-пејачот Александар Тарабунов, е препознатлива по материјалите со кои ги изработува чергите. Таа користи: дрво, коноп, текстил, волна и алуминиумска фолија.

Македонските традиционални занаети некако умираат, според мене, па би сакала да придонесам за зачувување, на еден мој, поразличен, модерен начин.- Христина Тарабунова

Главната цел на Христина е да ја разбуди свеста кај луѓето и со помош на Фондацијата „Златна рипка“, која собраните средства од изложбата ќе ги донира за деца со тешки заболувања.

„Идејата ми дојде многу спонтано. Можеби од желбата да го претставам своето хоби, љубовта кон уметноста и потребата да му направам добрина на некого.Така се роди во главата насловот „Оној кој ќе зачува живот, го чува целиот свет - 13 причини зошто“ на изложбата. Таа ќе биде од продажен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани во фондацијата „Златна рипка“ чија главна цел е исполнување на желбите на тешко болните дечиња. Токму 29 април е меѓународен ден на желбата, а вратите на кафе барот „Излет“ ќе бидат отворени од 14 до 20 часот за сите оние кои сакаат да не посетат и да си купат некое парче уметност, и воедно да ни помогнат полесно да ја оствариме нашата цел. Среќна сум што добив поддршка од останатите 10 млади, талентирани уметници, како и домаќините, и двајцата диџеи кои ќе се погрижат да си поминеме незаборавно“, вели Христина за настанот.

Мотивот прикажан на креациите, за неа е инспирација од народното творештво. „Македонските традиционални занаети некако умираат, според мене, па би сакала да придонесам за зачувување, на еден мој, поразличен, модерен начин“, додава таа.

Својата прва изложба, Христина пред две години ја работела во соработка со младиот уметник, нејзин близок пријател, Крсто Анастас Глигорјадис

И претходно, Тарабунова се занимавала со хуманитарна работа, но со донација на веќе организирани хуманитарни настани. Ова и е прв пат да помогне преку продажна хуманитарна изложба.

Нејзината уметничка работа започнала од мали нозе, преку учество на многу изложби на републичко и на меѓународно ниво. Својата прва изложба, насловена како „Les veyx de la mama“, пред две години ја работела во соработка со младиот уметник, нејзин близок пријател, Крсто Анастас Глигорјадис.

„Мојата желба е нашиот народ да продолжи да ја покажува својата хуманост, да се придвижи свеста за сите оние работи кои го прават животот посреќен и поубав, и да се негуваат таквите вредности, а плановите се поврзани со сето она каде што јас можам да помогнам. Можеби ќе има и следна изложба.“, ни раскажа Кристина.


За семејството, најблиските пријатели, и оние кои најдобро ја познаваат, таа вели дека му се радуваат на настанот утре и ја поддржуваат. „За тоа неизмерно сум им благодарна. За братко, тука е во секое време.“, вели Христина за својот брат.

На утрешната изложба, со свои парчиња од уметноста ќе и се придружат Крсте Анастас Глигорјадис, Александар Поповски, Ем Елефантски, Милена Стевановска, Елена Ристовска, Елена Кичевска, Снежана Донева-Грбиќ, Марија Домазетовска, Нена Гала- Дали,и Благородна Коцева -Симјанов. За музичкиот дел на оваа шестчасовна дружба ќе се погрижат диџеите Томи Биојаџи и Благоја Весковски.

Милица Џаровска