И нема рамна: Македонка во Црна Гора ги чува вештините на старите занаети

Добивај вести на Viber

Кјмет Бајровиќ е единствена во Бар, крајбрежниот град на Јадранското море во Црна Гора, која се бави со изработка на кожени производи и гардероба. Со насмевка на лицето, таа секогаш знае да ги ислуша и реализира потребите и желбите на клиентите. 

На прагот на изумирање на старите занаети, Кјмет Бајровиќ позната како Кими, која е по потекло од Македонија, е единствена која ги чува и негува вештините на старите занаети и создава уникатни производи и предмети, проткаени со традиционални мотиви. 

„Уште во детството внимание ми привлекуваше занатската вештина на мојот татко, кој уште пред 30 години изработуваше кожени чевли, какви што и денес може да се видат во каталозите на престижните италијански фабрики. Родена сум во Скопје и таму ја поминав младоста. Таму живеат луѓе кои се вистински мајстори на своите занаети, кои со љубов работат и се спремни своето знаење да го пренесат на други. Денес во Црна Гора ретко кој го интересира да научи како се изработува кожена галантерија“, раскажа Бајровиќ за Новости.рс.

Во нејзината работилница, централно место зазема машината за шиење, низ која поминале многубројни креации. 

„Пред неколку години решив да го проширам бизнисот и отворив бутик за кожена галантерија, но мене поголемо задоволство ми причинува чувството кога во очите на клиентите ќе ја препознаам нивната желба и ќе успеам да го погодам нивниот вкус“, кажала Кими. 

Според нејзиното искуство, денес не е лесно да се најде квалитетна кожа. 

„Материјалите најчесто ги купувам од Турција, Македонија, Италија и Србија. Добар мајстор треба да знае да направи разлика меѓу квалитетен и неквалитетен материјал“, тврди Бајровиќ.

Полека изумираат старите знааети, бидејќи не постојат лица кои би сакале да ги наследат овие вештини. Особено недостига комуникацијата и блискоста која се воспоставува меѓу клиентот и мајсторот, кога се договараат околу изработката, доаѓањето на проба итн.  Во Бар, кој има околу 50 илјади жители, оваа Македонка нема конкуренција, но нема ни кому да го пренесе своето знаење.