И тие деца како и секое друго дете сакаат пица, чоколади, кино: Денис Космонаутко за неговата дружба со децата со аутизам

Уште откако јавноста го запозна како највеселиот лик во време на пандемијата кој се трудеше да ни ги разубави деновите, Денис Космонаутко никогаш не ги заборави лицата со аутизам, особено децата.

На 25 ептември, во 11 часот на школка ќе се одржи настанот „Играме заедно“, кој е дел од иницијативата за подигнување на свесноста за лицата со атипичен развој, за нивно почитување, прифаќање и инклузија во општеството. Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, заедно со здружението Аутизам ААМК, трета година по ред го организират.

-Настанот „Играме заедно е замислен како една гооолема игротека со многу разновидни активности, токму за тоа и што е наменета, за разновидноста. Ќе имаме многу игри како на пример „Не лути се човече“, плочка, домино, куглање, фудбалче, тактилни игри, кросфит, ќе местиме рубикови коцки како и Х/О. Освен играњето ќе имаме и ликовно катче но и музичка работилница, ќе бидеме и трагачи по скриеното богатство.

Секое дете на означениот старт ќе добие флаер со мапа со што го започнува своето учество на настанот. Може да оди каде сака, на било кој пункт со активност, да учествува колку сака. Каде и да појде ќе добие печат на мапата. По завршувањето со играњето со макар и еден печат оди на целта каде ќе добие симболични но многу интересни подароци. Значи она што треба да го направат децата е само да дојдат и да уживаат во секое катче од игротеката.

Покрај оваа програма пред Школка ќе имаме и богата програма на сцената која ќе изобилува со песна, поезија, со учество на прекрасни дечиња. Ќе биде многу интересно, разновидно и богато.

Овој настан е дел од нашата долгогодишна иницијатива за подигнување на свесноста за лицата со атипичен развој, за нивно почитување, прифаќање и инклузија во општеството. Преку играњето заедно сакаме да покажеме и докажеме дека секое дете има право да игра со другарчињата без разлика на различноста, секое дете сака да игра со другите деца. Сите деца сакаат да растат, играат, пеат заедно“, ни раскажа Денис, кој месеци наназад со тимот е посветен на организацијата на настанот- да изгледа убаво.

Овој е трет настан во организација на Аутизам ААМК, овојпат заедно со Колектив Ветерница и како што вели Денис, мал милион волонтери, помагатели индивидуалци но и фирми.

-Секој настан на Школка всушност го правиме во април кога е и денот но и месецот посветен на лицата со аутизам, но оваа година заради оправдани причини решивме да биде во септември. Идеите сите ние во тимот „Необични“ си ги споделуваме, а ова некако мене ми дојде како една одлична идеја бидејќи сметам дека една работа која многу па и премногу им недостасува на децата, особено на оние со атипичен развој е играта со другарчињата. Сите ние сме биле сведоци на таков вид дискриминација во училиштето, пред зграда, на улица, сме гледале деца како стојат настрана со огормна желба да бидат вклучени во играта, со насолзени очиња. Токму затоа решивме овој настан да биде една огромна игротека каде сите ние ќе играме и пееме заедно“, додава Денис.

Тој со радост го сподели своето искуство од неговото дружење со децата со аутизам, кое трае 5-6 години.

-Тие дружења се преубави, секогаш се полни со прекрасна енергија, со многу прегратки и насмевки, со многу почитување и разбирање доколку некој молчи но сепак многу кажува. Дружбите ни се секогаш со многу љубов а тоа е затоа што ние сме искрени едни спрема други, не сакаме лаги, не сакаме глумење. Токму затоа, токму искреноста е она што ги прави нашите дружби незаборавни, колку и да се долги сепак за нас се кратки и секогаш со нетрпени ги очекуваме наредните.

Децата со таа состојба се различни, да, но и сите ние сме различни. Различни, а слични. И тие деца како и секое друго дете сакаат пица, сакаат чоколади, сакаат кино, филмови, сакаат прошетки, сакаат на голем одмор да се со другарчињата, сакаат да одат но и да им доаѓаат на нивните родендени. А верувам дека најмногу од се сакаат да бидат со другите деца. И она што ние возрасните треба да го направиме се две работи, прво да ги оставиме децата да бидат деца затоа што тие не прават разлики како нас, тие гледаат со срцето, тие не гледаат некој што е во количка и не може да шутира фудбал туку гледаат некој кој може да биде судија, тренер. Тие знаат дека децата со атипичен развој не се во се ` немоќни.

Второ, надополнето на ова претходното ние треба да им кажуваме за различностите, за аутизмот или Дауновиот синдром, за церебралната парализа, за недостатокот од една рака или нога, да не им ги замижуваме очите или да ги префрлуваме преку улица туку да знаат дека тоа го има, не е некаде далеку, дека таа болест или состојба не се заразни. Треба да знаат дека тие деца, атипичните се исто деца како нив, со име и презиме, со желби, посакувања и очекувања“, ни раскажа Денис.

-Светот на децата со аутизам е магија, волшепство. Тоа е свет кој изобилува со разнобојност и најубавиот виножитен спектар, со љубов која ја имаат во изобилие и сакаат да ја споделуваат. Она што е карактериситка за овие деца и лица е потешкотијата во социјализацијата, комуникацијата со другите. Но јас дознав дека многу од нив иако не зборуваат сепак многу кажуваат. Едноставно како да не` учат нас какви треба да бидеме а тоа е добри, искрени, секогаш отворени за нови другарства и пријателства, да гледаме со срцето а не со очите, да гледаме некој што може а не да го жалиме што нешто не може. Токму заради таа потешкотија во комуникацијата ние сме тие кои треба да им подадеме рака, да ги викнеме заедно да одиме на сладолед. А знам, го гледам тоа, штом тие ја видат таа подадена рака тогаш вие станувате нивен вистински пријател и тие со голема радост ќе ве воведат во нивниот свет. Заедно ќе патувате на Аладиновиот килим од една на друга планета, ќе играте, пеете и ќе растете заедно“, додава Јанкуловски.

Секоја негова дружба со овие деца, секој настан во било која форма ја има токму таа цел, промена на подобро.

-Се трудиме колку можеме да им помогнеме на тие родители во нивната макотрпна, долгогодишна, на моменти и исцрпувачка борба не со еден, не двајца туку со многу непријатели. Нивните голготи започнуваат уште од запишувања во градинка, па во основното и средното училиште. За жал се уште постои стигмата кон нив, се уште има петиции за отстранување од страна на родители, а таа мака е надополнета со ѕидот на кој наидуваат кога се работи за државата. Општеството, декларативно е за инклузија но сето тоа се сведува на избори, сликања, наменски тапкања по рамо. Штом помине тоа се става се` во фиока и толку.

Но ние не се предаваме, секогаш колку можеме сме и ќе бидеме тука за да им помогнеме на овие семејства да се почувствуваат како и сите граѓани со исти права. И ќе бидеме се погласни за што побрзо да станеме здраво општество“, вели Денис. На неговиот Фејсбук профил, тој секојдневно ги обројува деновите до овој настан, кој заедно со пријателите го организира со многу љубов.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива