Имам чувство како да сум под вода: Пејачот Васил Гарванлиев позитивен на коронавирус

Добивај вести на Viber

За пејачот Васил Гарванлиев, вчерашниот 36 роденден беше најнеобичен досега. Васил е позитивен на коронавирус, и наместо да организира забава за најблиските, тој роденденот го прослави сам, во домашна изолација, во Струмица.

„Славам коронски роденден со Корона торта. Мајка ми ме изненади, таа ја порача тортата. Јас сум изолиран на третиот кат од куќата, а семејството ми ја испеа роденденската песна од долу. Ги гледав од тераса, а потоа ми ја оставија тортата пред врата“, и раскажа Васил додавајќи дека е среќен што мајка му му е голема поддршка, и токму поради неа најмногу внимавал на мерките.

„Искрено, не знам од каде сум можел да се заразам, затоа што многу внимавам, особено овде во Струмица. Внимавам поради сите нас, а најмногу поради мајка ми, која има проблеми со срцето. Велам, не знам како се заразив, но едно знам- моментот кога почувствував дека нешто нешто чудно се случува. Сè почна од носот, чудна топлина, како да сум бил под вода и како да сум голтнал премногу вода. Следниот ден изгубив чувство за мисис. Мислев дека е обична настинка па почекав да се тестирам, но веднаш откако ги добив симптомите, јас сум во изолација“, вели Гавранлиев.

Во овој период, пејачот кој е наш лански претставник за „Евросонг“ , но поради состаојбата со пандемијата не успеа да замине на големиот музички натпревар, има многу време за размислување. За него, 2020 година е многу чудна година , полна со многу успеси и разочарувања, но е многу благодарен што се посветил на себеси.  

„Внатрешниот глас, негувањето на внатрешниот глас, нема несто помоќно и поубаво. Албумот ми е скоро готов , тоа е причината што ме врати дома. Сега само мислиме кога да го пуштиме во етер зошто спремам голем спектакл со него. Ќе има танц, хор, кореографија, мода, уметност, мини оркестар, светлосни ефекти, една прекрасна македонска приканза или патека. Со душа чекам да ја пуштам“, вели Васил и додава дека од заразата и од изолацијата се труди да извлече нешто позитивно. Времето вели, му поминува во медитација, јога и финализирање на следните чекори.  

„Позитивното од ова е дека ќе имам антитела, и ќе можам да помогнам ако на некој му треба плазма. Мора да сфатиме колку е сериозен овој вирус кој за многумина не ни постои. Не мy го посакувам на никој. Биди силен. Биди паметен. Носи маска. Тестирај се. Пази се! Сподели!“, е пораката на Васил.

М.Џаровска