ИНТЕРВЈУ САЊА ЛЕФКОВА: Никола ќе има братче

Добивај вести на Viber

Нашиот син има неколку омилени имиња и ќе видиме кое ќе го одбереме. Засега е многу грижлив и му годи што ќе има со кого да ги дели играчките, раскажува пејачката која неодамна го претстави видеозаписот за темата „Почеток и крај“

„Почеток и крај“ е новата песна на Сања Лефкова потпишана од докажаниот автор и продуцент Александар Масевски. Видеозаписот е дело на „Томато продукција“, а познатата пејачка која две години со сопругот Димитар и со тригодишниот син Никола живее надвор од Македонија пред неколку месеци се врати дома специјално за снимањето.

- За моето заминување не би сакала да говорам. Тоа го направив поради подобра едукација и иднина на моето дете, поради повеќе опции и можности за нас. Планирам и понатаму да снимам и да настапувам. Тоа ме исполнува откако знам за себе. Секогаш велат, каде ти е фамилијата таму ти е и домот, но тоа не значи дека не размислуваме да се вратиме еден ден – појаснува Лефкова.

  • Новиот спот го сними на почетокот на бременоста

По објавата на новиот спот, јавноста дозна дека Сања по вторпат ќе стане мајка. Видеозаписот го снимила на почетокот на бременоста.

- Со тимот на „Томато продукција“ и со Александар Масевски секојдневно комунициравме и тој проект и целиот пакет (аудио и видео материјал) требаше што е можно побрзо да се заврши. За таа цел дојдов во Македонија. Чувството не се опишува со зборови. Среќни сме и во исчекување – вели пејачката.

  • Со сопругот Мики и синот Никола веќе две години живее надвор од Македонија

Среќна е што сè се одвива во најдобар ред и генерално ужива. Признава дека има и лоши денови, но тогаш со неа се најблиските и има време да одмори или да отспие. Веќе се размислува за имиња, а за читателите на „Женски магазин“ одлучи да го открие и полот.

- Никола ќе има братче. Повторно машко (се смее). За името сè уште сме во дилема. Мојот прв син има неколку омилени и ќе видиме кое ќе го одбереме. Никола е многу среќно и позитивно дете и покрај него денот секогаш е убав. Засега е многу грижлив и поврзан со мене и сопругот и му годи што ќе има со кого да ги дели играчките. Позитивно реагира, иако уште го подготвуваме за првата средба со бебето–раскажува Лефкова.

  • Замина за подобар живот, но не планира да се откаже од музиката

Како и во првата бременост, нема проблем со килограмите, ниту пак потреба од посебен режим на исхрана.

- И претходно јадев почесто, но по малку. Никогаш не сум држела диети и немам проблем со тежината. Дури и да качам некое кило не ми пречи зошто очигледно се гени во прашање и не сум имала потреба да размислувам за каква било корекција во изгледот. Сакам природа, пешачење, пливање и тоа ме одржува во форма – завршува таа.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов