ИНТЕРВЈУ СО КОМПОЗИТОРОТ НИКОЛА МИЦЕВСКИ: Секој нека си најде свој хит од новиот албум на Каролина
Автор на сите десет песни од новиот албум на Каролина Гочева, „Извор“, и автор на сите хитови од претходниот нејзин албум „Македонско девојче 2“. Композиторот и музичар Никола Мицевски е заслужен за успешната обработка во новите аранжмани на песните на „Некст тајм“, „Ја излези Ѓурѓо“ и „Слушам кај шумат шумите“. Искусен и во областа на класичната и поп-музика, паралелно работи и на проекти и со групите „Етносфера“ и „Фонтана“. Битолчанецот кој долги години живее во Скопје е среќен сопруг и татко на две ќерки, за кои вели дека, колку и е да му полна агендата во студио, за нив мора да има време. Откако поминаа првите четири концерти, од вечерва до сабота, со три нови, Никола со Каролина Гочева и со бендот ќе го почнат вториот дел од концертниот маратон во МОБ, кој е промоција на нивниот албум на Каролина.
Со Каролина соработуваме 12/13 години, се познаваме одлично, и професионално и фамилијарно.- Никола со Каролина и со бендот по еден од концертите во МОБ
Женски магазин- Како си задоволен од реакцијата на публиката за песните од албумот „Извор“ на Каролина, какво е чувството публиката да ти го награди трудот на седум концерти?
Никола- Задоволството мое и на целата екипа кои сме во овој проект е огромно! Искрено, секогаш кога се промовира нешто ново, песна, албум, секогаш сум со доза на резервираност, скромност, спремен да прифатам и најдобра и најлоша реакција од публиката. Но, реакцијата на публиката која дојде на концертите, која со внимание ги следи и ужива во истите, а после тоа начинот на кој ги кажуваат впечатоците, е тоа ме направи и прави многу среќен! Тоа е најголемата награда за вложениот труд на овој материјал, а истовремено и огромна мотивација за понатамошна работа!
Женски магазин - Кој е твој личен фаворит од „Извор?“
Никола- Фаворити ми се сите песни, и искрено не знам која посакувам да стане најслушана, или која од која попопуларна. Посакувам секоја од песните да си го најде патот до публиката. За мене успешен албумот би бил ако секоја песна си има своја публика, ако секоја на некој му е омилена. Затоа што, секоја песна е работена со иста енергија, посветеност, пристап, време, љубов, критериум… Затоа секоја од овие 10 песни заслужува подеднакво да биде носечка песна на албумот. Но се разбира, времето и публиката ќе покаже.
Одговорноста да се направи добар албум по еден успешен кој помина и сè уште поминува одлично во публиката, беше голема. Воопшто не е лесна таа работа.- Никола Мицевски
Женски магазин- Колку време се создаваше албумот и дали чувствувате одговорност или притисок дека треба да го достигнете успехот на „Македонско девојче 2“?
Никола- Албумот го работев речиси година ипол од првата песна, до неговото студиско завршување. Како и за претходниот, така и за овој, не бевме ограничени со време и тоа не ни претставуваше притисок, што е апсолутно исправно кога се работи еден ваков проект. Меѓутоа, одговорноста да се направи добар албум по еден успешен кој помина и сè уште поминува одлично во публиката, беше голема. Воопшто не е лесна таа работа. :-) Но, тој позитивен притисок гледав секогаш да го претворам во позитивна енергија и мотивација за работа на албумот. Целта со Каролина и со „Авалон“ ни беше, според нашите критериуми, да направиме албум на повисоко ниво, музички, продукциски и од секој друг аспект. Ние сме среќни и задоволни од крајниот производ, а последниот збор го има публиката.
Женски магазин- Каков соработник е Каролина, дали лесно се согласувате околу изборот на песни?
Никола- Со Каролина соработуваме 12/13 години, се познаваме одлично, и професионално и фамилијарно:-) Дефинитивно, најголемиот професионалец во студио кој го познавам и со кој сум работел. За нејзините вокални способности да не зборувам, затоа што ќе ми треба неколку страни текст. :-) Само усте еднаш би се повторил: тоа што кажав по „Македонско девојче 2“, а тоа е дека Каролина со овие албуми создаде еден нов правец и стил на вокална изведба, оригинален, онака како што само таа знае и може. Нејзината изведба ги круниса овие два музички материјали на оригинален начин. Инаку, околу изборот на темите, песните, генерално уште од првиот албум ни оди многу добро. Многу добро ја познавам што и се допаѓа а што не:-) Затоа и скоро немавме ни една „фрлена“ или неприфатена музичка тема.
Женски магазин- Кога одлучи дека традиционалната музика ќе биде твој почетен мотив за создавање музика и твоја определба?
Никола- Со оглед на тоа дека потекнувам од музичко семејство кое по традиција негува македонска музика, тоа некако и природно си дојде кај мене. Во различни период од животот сум работел различни жанрови и правци. Почнав со класична музика, во периодот додека студирав на отсекот композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, па потоа правев поп-музика, па фолк, но последните неколку години се сконцентрирав на етно музика. Тоа е правецот во кој се пронаоѓам најмногу и сум најкомотен. Сакам да експериментирам, сакам да ја претставувам нашата музика на еден поинаков, посовремен начин. Богатството на македонската музика е огромно. Од тука, основата е голема и силна. Сакам да и дадам белег на нашата музика од времето кое го живеам. Впрочем, и низ историјата секогаш било така. Секој композитор се трудел да создаде свој препознатлив правец и со тоа да го одбележи периодот во кој живеел.
Женски магазин- Кога најчесто ги создаваш песните, што те инспирира?
Никола- Правило за создавање песна, нема:-) Најважно е да се пристапи со љубов и со позитивна енергија. Музиката изглегува кога таа самата сака, не кога ти сакаш. Затоа треба да си секогаш спремен со позитивна енергија и да и дозволиш да излезе од самиот себе, да ја насочиш, да ја оживееш.
Женски магазин- Работиш паралелно и со групите „Етносфера“ и „Фонтана“. Што е најново за вашата работа, или што ново ќе најавите?
Никола- Со „Етносфера“ почнавме еден проект каде што правиме етно балканска музика. Се разбира, основата е македонската но има и ќе има примеси од целата балканска музика. Најважно е тоа што правиме авторска музика, главно моја, и сакаме да дадеме една поинаква димензија на инструменталната музика кај нас и пошироко. Работам на албумот кој до крајот на годината треба да е готов. Ќе имаме и многу гости инструментални од кај нас и од странство. Се на се, еден голем проект и голема задача за мене.
Тоа што го почнавме со „Некст Тајм“ е исто така огромен проект со голема тежина и одговорност. Да се обработува традиционална песна не е лесна работа
Женски магазин- По успехот со преработката на Слушам кај шумат шумите со Нексттајм, ќе продолжи ли соработката со Мартин и со Стефан?
Никола- Тоа што го почнавме со „Некст Тајм“ е исто така огромен проект со голема тежина и одговорност. Да се обработува традиционална песна не е лесна работа а истовремено е одговорна. Целта е заживување на тие песни и доближување до публиката, особено до онаа помладата која никогаш не ја слушала а и немала можност да ја чуе во оригинал. Успехот на „Ја излези Ѓурѓо“ и „Слушам кај шумат шумите“ е огромен и одлично поминаа кај публиката. Среќни сме со тоа и мотивирани. Веќе работам на неколку други песни и на заокружување на овој проект со албум и голем концерт, на почетокот на следната година.
Женски магазин- Кажи ми нешто повеќе за тебе, приватно, семејно, што те окупира кога не работиш?
Никола- Мојата главна преокупација освен музика се моите две ќерки и сопругата. :-) Колку и имам обврски и работа во студио, за нив мора да се има време во секој момент. Секојдневно одење на училиште, во градинка, па на музичко, па на англиски, па на кошарка, па на роденден кај другарка, па во игротека…, и така до бескрај. Со мали деца е секогаш возбудливо и непредвидливо. Инаку, имам многу пријатели и роднини со кои се дружам, поминувам време со нив, убаво ми е и сакам да го уживам животот и сѐ она што тој ни го нуди.
За Женски магазин, Милица Џаровска
Фото: Стефан Рајхл