Интервју со професорката Смиља Христовска: Првата дигитализирана книга „Германски со љубов - Deutsch mit Liebe 1“ на многумина ќе им го олесни учењето на германскиот јазик

Добивај вести на Viber

Денот го започнувам со моето утринско кафе, без кое не излегувам од дома. Како и секој родител, дневните обврски едноставно се редат една по друга се до вечерта, кога обожавам да погледнам интересен филм или епизода од некоја моја омилена серија, ни раскажа на стартот од денешното интервју професорката по германски јазик и книжевност Смиља Христовска.

Смиља вели учениците ја препознаваат и како „Смиља, германски“, а покрај посветеноста на работата, која многу ја сака, приватно е вљубеник во пеењето и музиката.

Веќе 15 години работи како наставник по германски јазик и постојано се труди да им го пренесе знаењето на учениците и насочувајќи ги да развијат интерес за германскиот јазик. Христовска е креатор и на првата дигитализирана книга за изучување на германскиот јазик а токму тоа беше и повод за интервјуто кое го читате во редовите подолу.

ЖМ: Вие сте креатор на првата дигитализирана книга за изучување на германскиот јазик. Кажете ни како дојдовте до таа идеја колку време ја подготвувавте?

- Откако ја воочив потребата за една ваква поддршка за учењето на германскиот јазик, ми требаше долго време да размислам што сѐ треба да содржи и кој е најпривлечниот начин за реализација.

Така, среде коронската пандемијата, почнав детално да ја разработувам оваа идеја.

Сакав целото издание да биде привлечно за сите читатели, затоа е такво и името „Германски со љубов - Deutsch mit LIebe 1“.

Сѐ околу нас е љубов:  сѐ што правиме, реализираме и кон сѐ што целиме.

Прирачникот започнува со основата на германскиот јазик, од правилата за читање и пишување, запознавање, па натаму...

Од подготовка до реализација на печатениот материјал помина подолго време, уредувајќи ги сите детали на овој прирачник, а секако неизбежни беа и консултациите и договорите со една голема екипа која застана зад целиот проект.



ЖМ: За кој е наменета истата?

- Наменета е за сите кои имаат желба да го изучуваат германскиот јазик, почетно ниво, независно од возраста.

ЖМ: Од што се состои ова ваше уникатно издание и што може да се изучи од книгата?

„Германски со љубов – Deutsch mit Liebe 1“ е уникатна бидејки во едно издание се сублимиранни сите нешта кои се потребни за почетно изучување на јазикот: фонетика, вокабулар, граматика, а притоа сите појаснувања се на македонски јазик, што на читателот му дава сигурност за точно учење на јазикот.

Германски со љубов – Deutsch mit Liebe 1 може да се користи и за самостојно изучување на јазикот, бидејки во ова издание германскиот јазик е приближен преку едноставни и темелни појаснувања на правилата во граматиката на германскиот јазик, а сето тоа на македонски јазик. 

Се состои од шест дела:

-  Теоретски дел и аудиоматеријал, лесно достапен преку веб-страницата www.germanskisoljubov.mk;

-  Преглед на вокабулар – табеларен преглед на вокабуларот, кој се среќава низ целиот теоретски дел. До секој збор/фраза има и превод, па така на читателот му се овозможува полесно помнење на вокабуларот;

-  Вежбанка – дел со вежби кон теоретскиот дел. Вежбите се едноставни, со темелно објаснети насоки за работа. Читателот, може од нив лесно да добие инспирација самиот да состави свои реченици, персонализирајки ја вежбата за себе;

-  Краток преглед на граматиката од теоретскиот дел. Тука во кратки црти дадени се насоки – потсетување за секој елемент од граматиката која е опишана понапред;

-  Преглед на вокабуларот за самопроверка – Ова го научив. Покрај делот со напишан вокабулар кој се сретнува понапред во книгата, постои можност читателот сам да даде превод, а на тој начин се потсетува на наученото;

-  Преглед на решенијата од вежбанката. Во овој дел читателот може да направи проверка на веќе решените вежби.

ЖМ: Книгата е доста иновативна бидејќи во неа има и QR кодови. Што значат тие и на кој начин можат да му помогнат на читателот ?

Иновативноста во неа е тоа што крај појаснувањата и пишаните примери/текстови на германски јазик има QR кодoви. Секој од овие кодови Ве води директно на веб страната www.germanskisoljubov.mk  каде автентични говорители од СР Германија му помагаат на читателот полесно да го совлада изговорот. Лесниот пристап до аудио материјалот му овозможува на читателот повторување и утврдување во фонетскиот дел во секое време, каде и да е. Единствено што му е потребно на читателот е паметен уред за скенирање на кодот (може и со мобилен телефон).

ЖМ: Колкав е интересот за прирачникот досега од страна на учениците?

Иницијално можам да забележам дека интересот е голем, особено што некои често ми велат дека е нешто ново, а наше!

За тоа особено помагаат појаснувањата кои се едноставни, прирачникот е меѓусебно поврзан низ деловите кои ја прават целината, па така може да се направи движење низ истиот на една тема од тероетскиот дел кон вежбанката па кон прегледот на вокабуларот или граматиката.

ЖМ: Дали можеби има интерес и кај повозрасни , луѓе кои работат со германски јазик или планираат да работат со истиот, колку прирачникот би им олеснил на таа група луѓе да речеме?

- Со самото тоа што прирачникот обработува подрачја за изучување на почетен германски јазик, целосно може да го користат и возрасни лица.

ЖМ: Веројатно пофалбите за изданието се бројни. Како реагираа вашите колеги, ви дадоа ли поддршка?

- Пофалбите се тука, а поддршката исто така. Убаво е кога се јавуваат новитети, на тој начин поставуваме повисоки стандарди, а го олеснуваме пристапот за учење на сите генерации.



ЖМ: Каква беше првата реакција на „публиката“ на првата промоција ?

- Промоцијата на „Германски со љубов – Deutsch mit Liebe 1“ беше во Март месец, а салата беше премала да ги собере сите заинтересирани лица за овој прирачник и целиот проект.

Претставуваше гордост, а и благодарност да се претстави целиот концепт на прирачникот пред толкава публика, а и пред професорите по германски јазик кои присуствуваа на истата.

ЖМ: Кои се вашите очекувања ?

- Да бидам искрена, моја желба е целосно прифаќање на овој прирачник од љубителите на германскиот јазик. Некои го изучуваат од желба, некои од потреба, но во секој случај со овој прирачник со сигурност можат да ја добијат основата на германскиот јазик, а читателот да биде оспособен за основна комуникација на германски јазик.

ЖМ: Кои се вашите планови со изданието, да се очекуваат ли и други делови ?

- Планот е таков, да следи продолжение на овој прирачник.

Верувам дека тоа ќе се случи во блиска иднина.


Ирена Ставрова