Искрено со Јелена Спенџарска: Среќата нема никаква врска со твојот изглед
Таа е ведра, харизматична и секогаш насмеана. Коментарите на другите луѓе не ја засегаат особено на душебрижниците, среќата во љубовта ја најде надвор од границите на Македонија, но не се откажа од животот во родната земја, напротив продолжи да работи на телевизијата која и е матична куќа последните години. Со оглед на тоа дека летото е на прагот, со Јелена Спенџарска зборувавме токму за оваа тема. Можеби поради нејзината сончева енергија, токму овој период од годината и е омилен.
Ж.М. Кога ќе се спомне летото, која е твоја прва асоцијација за ова годишно време?
Лето за мене е омилен период од годината. Прво, јас некако имаm чувство дека сум различен човек кога има сонце, кога носам полесна гардероба, очила, сандали, дома отворени врати, ноќни долги разговори на тераса, некако се е релаксирано, лесно, безгрижно … не знам, иако сум родена на пролет, летото за мене е ОДА НА РАДОСТА во буквална смисла. Во последните две години некако полека го менувам концептот на само три месеци лето. Откако се преселив во Солун, летото си добива нова дефиниција, сега подолго ми трае, летниот одмор не е само две недели на море туку животот покрај море е буквално летен одмор, многу промени ми се случуваат за кои ќе ми треба уште време да ги прифатам како мојата нова реалност, меѓутоа јас отсекогаш мечтаев за ваков lifestyle и сега можам само да уживам во нив.
Ж.М.Ако се вратиш назад во детството, по што ги паметиш летните одмори?
По Дојран дефинитивно. Ние како деца што се вели пораснавме во Дојран за време на летните периоди. Секоја година бевме таму и точно се сеќавам како дете не сум спиела од возбуда дека наредниот ден ќе одиме на езерото. Радоста околу пакување костимите за капење, знам имав една жолта патка гума за пливање, ден денес ја чуваме дома, сега е на внуките, таа патка е асоцијација за моите најубави летни спомени како дете. Сладолед од 10 денари, возење на рингишпил, лубеница на плажа, фотографирање со старите апарати на филм, имам безброј убави спомени од едно време кое никогаш нема да се врати.
Ж.М. Дали паметиш некоја летна авантура која секогаш ќе ја раскажуваш со насмевка?
Не се сеќавам на една, но знам дека сум си правела многу работи на своја глава без размислување, нормално како и повеќето деца. На еден таков одмор во Дојран, еден ден ме снемало. Тој летен одмор го поминавме во камп приколка и сред бел ден мене ми се приспало, па сум решила да си прилегнам во приколката. Меѓутоа наместо во нашата сум си влегла во друга и дете како дете, сите биле исти за мене, сум си влегла во приколката на комшиите да си дремнам. Во тоа време имало цел парк од камп приколки наредени една до друга одма до плажа и сите отворени, сите се спријателувале и си живееле како едно. Среќа не траела потрагата по мене долго време за да се претвори во нешто посериозно, но знам дека сум си правела работи туку така, не сум се разбирала многу од страв, и токму тоа ме носело во многу необични ситуации од кои после родителите требало да ме спасуваат (се смее). Јас, за разлика од денешните деца, многу подоцна пораснав во смисла не сакав да пораснам пред време и да се впуштам толку брзо во светот на возрасните. Дури и денес забележувам кај себе колку е гласно и будно детето во мене понекогаш, колку невино размислувам за некои работи за кои луѓето ми се чудат кога ќе кажам на глас. Или оној недостаток на страв кој го спомнав пред малку и ден денес делува во одредени ситуации. Се изненадувам самата кога ќе направам некој многу храбар потег ОД НИГДЕ НИКАДЕ и после се чудам како, зошто, од каде? Па кога психолошки ќе навлезам разбирам дека детето во мене си го живее животот на најјако. Ова знае да биде меч со две острици во денешниот свет.
Ж.М.Дали си од оние девојки кои само пред летото се во паника за вишокот килограми и целулитот, или пак се грижиш за себе преку целата година?
Оффф … по малку и од двете. Јас го прифатив фактот дека сите имаме целулит и не се срамам воопшто од тоа, но барем естетски сакам тоа да изгледа, да не биде too much, да не биде како воопшто да не ми е гајле. Зборам лично за себе, имам во главата некој свој идеал за моето тело, како се замислувам во костим за капење и се обидувам колку можам да се држам до тоа, пазам на исхрана, трчам, еве два месеци бев на кето, но гледам дека и со текот на годините телото малку потешко се оформува. Не дека ми е ова сега изговор, но не сакам ни да се форсирам, ни да се опседнувам и споредувам со други девојки. Да се прифатиш сам себе е можеби најтешката работа, но од друга страна ти дава слобода и самодоверба да се „носиш“ себе си баш таква каква што си ослободена од предрасудите. Не можам да кажам дека не е важно како изгледаш, важно е да се разбереме, но сметам дека е многу поважно каков човек си и како се чувствуваат другите луѓе околу тебе. Ова го сфатив на потешкиот начин, не ме прашувајте за детали (се смее).
Ж.М.Каква облека е твојот прв избор за летните денови?
Фустани, фустани и само фустани. Ова е мојата униформа за лето. Сакам удобност и да не му ја мислам многу што да облечам, па дали ќе ми одговара едното со другото, НЕ. Си облекуваш фино лепо фустан и си среден комплет (се смее).
Ж.М.Дали си за солариум или други методи за самопотемнување?
Порано сум одела, сега веќе не. Немам ништо против, гледам дека многу жени одат и на солариум и на ова што сега е ептен модерно спреј тен за самопотемнување, но јас кренав раце од овие методи и сакам природно да си добивам боја. Пред околу десетина години многу повеќе фаќав боја, онака баш бев црна, црна, сега не така лесно, не знам зошто. Користам фактори, нормално и понекогаш земам капсули бета каротен. Многу повеќе сакам да се сончам отколку да поминувам време во вода, сите ми се чудат за ова, но јас сакам сончање и крај. Во вода влегувам колку да се освежам малку и еве сум пак назад на лежалка.
Ж.М.Со оглед дека често си на релација Грција – Скопје, дали тоа значи дека таму ќе го поминеш и претстојното лето, или се подготвувате да отпатувате на некоја друга дестинација?
Да, веќе почнавме со летните авантури. Сега скоро бевме на втор крак кој мноооогу го сакаме и често знаеме да одиме на викенди таму. Поминавме неколку дена во еден преубав ресорт, цел во бохо стил, органска храна, се беше како некоја мини џунгла и таму дефинитивно ќе се вратиме повторно. Следна дестинација ни е Санторини, ќе поминеме неколку дена во куќа на наши пријатели, па после во план ни е Хрварска. Е, после тоа плановите ги паузираме зашто цело време ни доаѓаат гости за на одмор па заеднички одиме каде и да ни текне. Минатата година тоа беа три одмори на вториот крак, годинава ќе видиме каде ќе нè однесе патот.
Ж.М.Како успеваш да постигнеш се со оглед дека живееш во Грција а работиш во Македонија?
Со оглед на тоа што живеам буквално на две места, во две држави, некако сè тоа тоа патување натаму-наваму, нормално ми стана. На почетокот ми беше хаос, што со гардероба, што со лични предмети, нова средина, нов менталитет, нов животен стил, но времето полека си ги реди сите работи и сега веќе си имам своја организација. На почетокот пред да се преселам, беше малку необична нашата врска, прво не си зборуваш на мајчин јазик и самото тоа ја отежнуваат комуникацијата посебно ако не е очи во очи. И ајде некако теравме така едно 7-8-месеци кога Лукас пресече и ме праша да бирам-дали тој да се пресели во Скопје или јас таму. За мене во тој момент преселбата изгледаше премногу комплицирана, но моравме да донесеме некакво решение, па полека почнавме да работиме, чекор по чекор на тоа јас да заминам таму. Испадна дека со добра комуникација и организација, не било баш така тешко како што замислував во мојата глава. Целиот процес некако во теорија лесно го поминав баш поради неговата помош и поддршка, но во пракса, ми требаше цела една година да се навикнам на се ново околу мене. Во тој период имав и голема психолошка поддршка од стручно лице затоа што за краток период ми се случија неколку големи животни промени кои ми беа многу конфузни и почувствував како да се губам себе си. Тогаш сфатив колку ние луѓето не сме научени вистински да уживаме во сопствените успеси, во чиста љубов и среќа (иако велиме дека не е така) колку постојано си бараме нешто плус, проблем плус за да се самосаботираме и после да се жалиме дека нешто ни фали. Сега конечно со полно срце ги уживам сите благодати на овој живот, онака најискрено. Лукас поретко доаѓа овде заради работни обврски, но кога е тука најчесто одиме во парк. И двајцата сме пораснати во природа и го обожаваме паркот. Ќе си земеме по едно кафе и шетаме. Истото го правиме и кога сме во Берово. Не сме тип на луѓе да седиме по локали, повеќе сакаме да се движиме. Исто, му се допаѓа и тоа што сите се многу пријателски настроени кон него, каде и да одиме сите почнуваат да му зборуваат, секој ќе каже некој збор на грчки кој го знае, па така почнува разговорот низ смеење, си комуницираат како веќе да се знаат и за него тоа е многу позитивно искуство.
Ж.М.Еден совет за сите девојки кои се срамат да го покажат своето тело кое не изгледа како врвните модели со фотошоп на Инстаграм!
Па разбирливо е зошто е тоа така, сите на инстаграм изгледаат како модели и со самото тоа се уништува и самодовербата кај другите девојки. Го поминав тој пат, се криев и јас под марами и два броја погоема гардероба и на крај сето тоа ме направи само уште понесреќна. Поентата е доколку ти самата, значи ТИ ако не си задоволна од тоа како изгледаш, почни од некаде со менување, ама тоа направи го за себе, а не да им се допаднеш на другите. Ако другите луѓе те судат според твојот изглед, колку кг имаш, како се шминкаш или како се облекуваш-тоа не се твоите луѓе. Затоа велам дека сè што и да одлучиш, мораш да го направиш затоа што ТИ така сакаш. Колку повеќе им угодуваме на другите околу нас-толку повеќе се губиме самите и тоа е изворот на сите проблеми. Џабе стресови, целулитот е најнормална појава на свет и сите ние го имаме, обликувано и секси тело нема автоматски да те направи посреќна личност. Всушност, среќата нема никаква врска со твојот изглед.
Елеонора А.