Искрено со Надица Димитриевска, сопругата на градоначалникот на Куманово: Децата ги учев на културни навики и убаво однесување

Добивај вести на Viber

Сигурно Кумановчани добро ја познаваат, но пошироката јавност помалку скришно ја запознава преку социјалните медиуми на својот сопруг. Одпрва помалку срамежлива, но кога малку ќе се доближиме комуникативна, отворена и пристапна за секого. Одлично се носи со своите животни „улоги“ пред се како пријател, наставник, мајка, но и сопруга на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.


* Кога ќе ве запрашаат која е Надица Димитриевска, кој би бил вашиот одговор?

Надица, како и секоја модерна жена имам повеќе „капи“ кои ги носам. Растена во своето родно Куманово, својот печат го имам оставено во повеќе организации од невладиниот сектор во кои членував и делував за време на своите студии, но и по нив. Пренесувањето на знаењето и љубовта кон едукацијата ги практикував и низ волонтирањето и работата во хуманитарното здружение ,,Мајка,, од Куманово,  на чии проекти работев во еманципација на жените од руралните средини, и на мултикултурни проекти со децата од македонска, албанска и ромска популација. А желбата за дружба со најмалите го надополнував и со волонтирањето и во Здружението за  неформално образование „Триаголник“. Но својата доедукација ја продолжував и сеуште ја продолжувам и во текот на мојата работа. 

Втората „капа“ е бракот со сопругот Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово. 20 годишен брак исполнет со љубов, почитување, слога и пред се разговор, во кои се и трите прекрасни деца Милан, Вероника, Димитар. 


* Професија наставник како животна определба? Зашто ја одбравте оваа професија?

Пораснав со табла и креда во детските другарувања во улога на наставничката. Тоа беше мојата желба од мали нозе, да учам, едуцирам, советувам и пренесувам.И таа желба продолжува низ моето веќе петнаесет годишното искуство. Големата љубов кон децата но и желбата на вистински начин да го доближам секој материјал и љубовта кон учењето на најмалитеми дава поттик покрај редовната програма да изнајдам и креативни начини како тоа да го спроведам. Модерното време, а со тоа и самите деца, кои растат во него не „тера“ да креираме пред се подобра комуникација со своите соученици, а потоа и неформално доближување до самиот простор или тематика и материја. Како успешни работилници би ги издвоилакреативната работилница во библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово, поддршка на соучесник во музички фестивал и натпревар, маскирање на цело одделение, посета на подрачно училиште на ООУ „Кочо Рацин“ и подарување на подароци на нашите другарчиња под една порака „од деца за деца“ и останати.


* Како ќе ја продолжите вашата креативност во претставување на материјата во новото „нормално“?

Професијата бара многу креативност и се обидувам тоа да го внесам во секој наставен предмет на секој час. Секоја нова генерација е понапредна, информации и многу прашања,  напредни се, љубопитни и секогаш трагаат по нешто ново и поинтересно. Ние како наставници треба да ги следиме новите трендови на современото живеење, интернет технологијата, барајќи нови методи и техники, се со цел да го задржиме нивното внимание  и да им го олесниме учењето и надоградиме со нови знаења.

* Како се подготвивте за започнување на новата учебна година?

Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа целиот регион, целиот свет е погоден од пандемијата Covid19, ќе биде тешко за сите,а особено многу одговорно за нас наставниците.Со препораките од Владатасо новите мерки,протоколи за училиштата, целиот наставен процес е сосема поинаков.Oсобено тешко e за учениците, кои мора да ги почитуваат сите мерки, се со цел да се заштитиме од ,,невидливиот непријател,, но и за родителите. Го објаснуваме на учениците, мораме да најдеме начин и методи целата оваа ситуација да не влијае негативно на нивната социјализација, која е особено важна за нижите одделенија. Креативноста ќе ја одржуваме преку индивидуални игри, квизови, ИКТ во наставата, секако со почитување на мерките за пропишаната дистанца, дисциплината ќе биде неопходна. Нее едноставно, но да се надеваме дека оваа состојба брзо ќе заврши и сите ние ќе се вратиме во нормално функционирање. Јас оваа година започнав нова генерација првачиња, кои за прв пат ги примивме на поинаков начин.

* Како улогата на наставник влијаеше врз вашето семејство, воспитувањето на вашите три деца?

Главната причина за избор на оваа професија, љубовта кон децата и едукацијата, кон своите само ја нагласи таа љубов. Стекнатото знаење во пред училишна а потоа и во одделенска настава при Педагошкиот Факултет во Скопје, успеав да го применам во целокупниот развој на своите деца. Ги учев на препознавање и пишување букви, бројки, бои, на културни навики, на убаво однесување, но и многу повеќе.


* Улога на сопруга на градоначалник? Своите доблести но и предизвици?

Со мојот сопруг сме заедно повеќе од дваесет и пет години, голема љубов, заеднички предизвици, убави моменти и искушенија. Млади влеговме во политичките води, тој напредуваше и се надградуваше чекор по чекор, а јас секогаш бев и ќе бидам негова поддршка. Познавајќи го неговиот дух и темперамент го следев со исто темпо. Кога стапи на функцијата градоначалник, животот доби поинаков ритам, стана подинамичен, со повеќе обврски и за двајцата. Сите настани, случувања и активности треба да се следат и да се поддржуваат. Морам да признаам дека воопшто не е лесно во исто време да си посветен и на семејството, децата, домот, работата и обврските околу неа, но со добра организација, посветеност и работа резултатите се неизбежни. Мислам дека добро се справувам со сето тоа. Предизвикот е голем, сите те препознаваат. Многупати се случува да побараат совет, помош, поддршка и секогаш се обидувам да помогнам на сите, во рамки на можностите. Пред се сите сме луѓе, функциите се менливи, а човечноста треба да биде доблест на сите, на крајот зад нас останува само сработеното.