Ја напишав песната лежејќи неподвижна: Лидија Кочовска со емотивна балада ја изненади пријателката Маја

Емотивните стихови на песната „Болна вистина“, вистинита приказна за болеста на текстописецот и уметница Маја Павловска, ја инспирирале Лидија Кочовска да ја препее песната и да ѝ ја подари на Маја за нејзиниот роденден. Павловска, долги години живее со синот живее во Холандија, страда од ретката болест со дијагноза „Myelopoliradiculoneuritis“. Во претходно интервју за Женски магазин, таа ја опиша болеста како вирус кој ѝ го нападнал `рбетниот мозок. Кога имала 23 години, на 14 февруари во 1991 година, Маја добила тотална парализа, која ја врзала за кревет и за десет минути сосема ѝ го сменила животот.

„Песната „Болна вистина“ ја пишував во кревет, неподвижна, со лева рака, наопаку од десно кон лево, за потоа на светлината од прозорецот да го превртам листот за да видам што сум напишала. Од целото тело, само два прста ми работеа од таа лева рака. Во тој момент Бобан беше две години“, раскажа Маја за синот и за песната која настанала во 1993 година. 

„Си бев ко сина роза весела, носев машко дете в прегратка, болест дојде в цут ме искина, а небо сакав јас да достигнам. Две години се болна вистина, в постела бела, немоќна. Синот штом за игра замоли, душа боли, ќе ме изгори. Молитва, и солзи две, Боже дај ми болест јас да победам, па да можам како порано, син за рака јас да си поведам“, се дел од стиховите на оваа емотивна балада. 

Музиката ја напишал Горан Алачки, гитарското соло го отсвирел Влатко Стефановски, а дуото Адријана Алачки и Ирена Спасовска ја испејаа на фестивалот „Интерфест“ во 1993 година. Ја пеела и Биби Мајкл, ќерката на тогашниот американски амбасадор во Софија.

„Уште од 2000 година стои оваа желба, дека песната сакам да ја преработам, и многу пати сум разговарала со Маја за тоа. Но, ете поминаа толку многу години и тоа не се случи сѐ до сега. Маја ми е другарка повеќе од 20 години, и нејзиниот роденден минатиот месец беше совршен повод да ѝ подарам нешто вакво и да ја изненадам“, ни раскажа Лидија Кочовска. Таа исконтактирала со познатиот музичар, нејзиниот пријател Дамир Имери кој направил нов аранжман за „Болна вистина“, неговиот син, Адри Имери отсвирел одлично гитарско соло, а песната, Лидија ја снимила во студиото „До,ре,ми“ кај Златко Симоновски- Зеко. 

„Смислував безброј начини како Маја да ја држам будна на полноќ, вечерта помеѓу 16 и 17 јуни, тогаш ѝ е роденден. Ја излажав дека ќе ѝ пратам демо снимка од една млада девојка која прекрасно пее, па да видиме дали ќе може да соработува со неа. Кога ѝ ја пратив песната, таа го прочитала само текстот со посвета за роденден и не можела да ја отвори. Кога ѝ ја пратив уште еднаш, ја слушна, ми се јави, и потоа се случија емоции кои не можам да ви ги опишам. И двете плачевме, и од среќа што ете еден таков грд период е зад неа, и од тага што не сме си блиску за да се изгушкаме. Иако Маја и нејзиниот син сега се успешни и реализирани личности во Холандија, тој период од нејзиниот живот, колку и да бил болен треба да се раскаже на ваков начин, токму со оваа песна“, ни откри Кочовска.

Таа вели дека до сега неколку пати била во Холандија кај својата Маја, која ја запознала преку сестра ѝ Тања, нејзина исто така блиска пријателка. „Таа е една од оние личности кои ги мразиш од што ги сакаш. Толку е болно искрена кога некогаш ќе ми ја каже вистината во очи, што на почетокот ќе ѝ речам- те мразам, а подоцна сфаќам дека е во право и го кажала тоа за мое добро“, ја опишува Лидија својата пријателка.

Маја со синот Боби 

Емотивниот спот со фотографии кои евоцираат спомени од нивното дружење, како и слики од тешкиот животен пат на Маја се дел од видео-спотот, кој го направила самата таа. Песната, вели Лидија е пратена по сите домашни радио станици, но за жал, до сега таа не ја слушнала да се врти на радио. „Добивав критики од некои пријатели, зошто една ваква тажна песна среде лето, но не се лутам, најважно е да се пренесе пораката на оваа приказна, и низ музика и низ стихови“, ни раскажа Кочовска. За крај таа додаде дека Маја Павловска за неа е пример за личност со силна волја и едвај чека повторно да ја посети во Утрехт. 


Милица Џаровска 


Песната „Болна вистина“ во изведба на Лидија Кочовска, слушнете ја на следниот линк: