Ана Бунтеска: Ја отсонував љубовта
Ја отсонував љубовта наша
Како жива да беше
Како тука да беше
На дофат на испружена рака
Чија дланка жари од копнеж
Сетне се разбудив
Ко пердув лесна во телото
А душава ко карпа над вода надвисната
Та ми текна оти умрени ко сонував
Ете
На времето дедо ми во долгиот капут
Како отстрана стои и се смешка
И потем на баба ми раскажував
Оти страв м и е да не си појдам кај него млада
Таа ми велеше оти на јаве
Секогаш е обратно од сонот
Та после му се радував на дедо ми
Оти во умов ко в крпче си врзав
Дека ме чува
Дека ми иди на сон за да не го заборавам
А мене и ден денес мирисот негов
Врежан во срцево ми спие
Ја отсонував љубовта наша
И ми текна на она што баба ми ми го велеше
Та знам оти само на сон пишано ни било
А на сон пишано
Е ко никојпат пишано и да не било
Па се тешам оти така требало да биде
Или сме си стокмиле така да е
Само на сон да се среќаваме
И таму среќата ко зрели јаболки да ја береме
За да и’ се насладуваме
И гледаш
Веќе не ме боли ко ќе те сонам
Ниту ти се лутам ко така неканет ми идиш
Иако некогаш не знам што мајка бараш
За раатот да ми го расипуваш
И тежина да ми клаваш
Само знам оти случајно ништо на светов и веков не било
И оти ноќта на чоек можи многу да му донеси
И уште повеќе да му земи
А знам и дека денот ноќта ќе ја измие
И раните од неа ќе ги исплакни
Да се зацелат
Коричка да фатат
До следната ноќ
И до следниот сон
Во кој ќе ми дојдеш
И во кој ќе ти дојдам
За да се отсонува една љубов
Која ја закопавме уште пред да се роди
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска