ЈАНЕ ЗАКРЕПНУВА ПО ОПЕРАЦИЈАТА ВО ПАРИЗ: Еден ден и јас ќе играм фудбал

Добивај вести на Viber

Десетгодишниот Јане Велковски, чија приказна за фудбалската љубов го обиколи светот, вчера се оперираше во Париз.

Јане, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА), операцијата на 'рбетот ја поднел добро, и се очекува брзо да закрепне и да се врати на училиште, не информираше неговата мајка, Деница Велковска.

Јане со фудбалерот Бобан Николов на натпреварот Македонија- Ерменија

“На Јане му правеа операција на 'рбетот, му ги менуваат шипките што му го држат исправен. Првите, помали шипки му ги ставија во 2015 година, и му ги продолжуваа на секои шест месеци. Сега тој е пораснат, и требаше да му стават поголеми. Шипките се викаат MAGEC growing rods, а начинот на операција е  најнеинвазивна метода кај деца кои се во раст и во развој. Се продолжуваат со магнет однадвор, за разлика од други методи каде што мора да се продолжуваат со отварање, класичен хируршки зафат на секои шест месеци. Јане е добро, операцијата полесно помина од првиот пат, и се очекува побрзо да закрепне“, ни изјави Деница Велковска. 

Пред два дена, УЕФА го промовираше новиот спот видео од проектот „Equal game“, кој започнува токму со Јане. Петтооделенецот од улилиштето “Димитар Поп-Георгиев Беровски“, веќе подолго време е заштитен знак на УЕФА. Во спотот, освен Јане се појавуваат и светски фудабалски ѕвезди како Роналдо, Меси и Погба. Видото започнува со гласот на Јане кој е голман, на неговото маалско игралиште во населбата Хром, со другарите од населбата. 

Јане го отвара новиот спот на УЕФА 

„ Златното момче Бобан Николов и Јане ве чекаат на натпреварот Македонија- Ерменија! Другари- заедно на терен, за сега на кратко, а еден ден можеби и ќе заиграат заедно“, напиша Деница пред фудбалскиот натпревар на 9 септември. 

Приказната за борбата на семејството Велковски почнa од оној момент кога ги добиле анализите и му била откриена болеста на Јане. Тогаш, мајката Деница и нејзиниот сопруг Ѓорѓи си ветиле дека на своето дете ќе му обезбедат сѐ што можат за и тој, како и другите деца да има среќен живот. 

„ Бевме во голем шок, и требаше време да се надмине, да се соочиме со вистината и да застанеме пред предизвикот. Пребарувајќи на интернет, гледавме да останеме фокусирани на информациите со препораки за нега, сочувување на добрата состојба и што е можно повеќе пролонгирање на прогресот на болеста. Читајќи ги американците кои се лидери во сето ова, си земавме примери кои ни даваа надеж дека ќе успееме. Си ветивме дека ќе му обезбедиме на Јане она што има едно американско семејство со дете со СМА тип 2 за среќен и квалитетен живот. Тоа беше најтешкото нешто што сме го направиле, веднаш по тежината на борбата за лекот“, ни раскажа Деница.

Јане стана миленик на народот поради својата мила ѕвезда, уште од кога за прв пат се појави во медиумите .Тој беше придружба на фудбалската репрезентација на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни лани. Со своето семејство, од 12 до 15 март му беше гости на познатиот светски фудбалер Пол Погба, кој е негов голем идол. Сонот на Јане се оствари откако во живо го проследи натпреварот на „Манчестер јунајтед“ против „Севиља“ на „Олд Трафорд“, а добредојде му посака лично Погба. 

Борбата на Деница и на нејзиното семејството, тој и уште шест дечиња кои боледуваат од спинална мускулна атрофија (СМА) да го добијат лекот „спинраза“ се исплатеше. На крајот од март, од здружението СТОП СМА Македонија, информираа дека лекот ќе стане достапен и во Македонија, а  Владата ќе одобри средства за негово набавување. 

„ Јане беше збунет бидејќи не го подготвивме, а потоа се израдува и се приклучи кон славењето. Почна да пее и дури ја преиначи химната на „Манчестер Јунајтед“ во тој момент. Химната пее за славење на тимот, а Јане си пееше на свој начин.“, ни изјави тогаш Деница Велковска.

 Јане со семејството му беше гостин на Пол Погба, на натпреварот на „Манчестер јунајтед“ против „Севиља“ на „Олд Трафорд“

„ Не работам, немам онолку време колку што сакам да му посветам на помалото дете, не родив трето дете, не се гледам со пријатели и роднини, не одам во шопинг (трчам да купам нешто кога морам), не излегувам, не успеваме со сопругот да најдеме доволно време за нас ниту пак си дозволуваме непланирани работи, не спиеме доволно, не стигаме да водиме грижа за нашето здравје и многу други работи. Тоа е тој недостатокот на поддршка за овие семејства, кој се надевам нема да биде поразителен за нас“, вели Деница. И покрај сѐ кога да и ја сретнете, таа е секогаш насмеана. Силата вели дека ја црпи од надежта дека ќе биде подобро. 

„ Децата најмногу ми ја враќаат силата, колку и да сум паднала емоционално долу. Но и по природа сум оптимист кој секогаш се стреми кон подобро, секогаш со верба во себе“, е девизата на оваа храбра мајка.

Милица Џаровска