„Како дете бев многу подвижна, работев земјоделие и мислам дека тука е тајната за побрзо да се вратам во кондиција“: Интервју со Сузана Гавазова

Добивај вести на Viber

Фолк – пејачката Сузана Гавазова важи за една од најзгодните македонски пејачки, таа е посветена сопруга, мајка и одлична домаќинка.

Една од ретките која на себе нема направено естетска корекција, на неа се е генетика и мајка природа. Вели дека стареењето е природен процес и тоа не сака да го менува, но го одржува со позитивен дух, здрава исхрана, спорт и мирен живот.

За Женски магазин откри дека многу сака да готви, иако тоа не се гледа на неа. Кога не е на настапи, Сузе може да ја најдете во кујна додека готви некое македонско јадење и ужива во македонската изворна песна.

Сопругот и е голема поддршка и во она што го работи, но и во домашните обврски. Секогаш наоѓа време за своите ќерки и ужива во нивно друштво, но и во улогата на мајка на Селена и Емили.

Еве што откри Сузана Гавазова во интервју за Женски магазин

ЖМ: Важите за една од најубавите жени на македонската музичка сцена, одлично изгледате во секоја прилика. Постои ли тајна како одржувате фит изглед?

- Подвижноста е неопходна за човекот во текот на целиот живот. Како дете бев многу активна. Исто така работев земјоделие и мислам дека тука е тајната за мојата кондиција и да изгледам така како што изгледам.А тоа ми помага да го забавам процесот на стареење.

Со здрава исхрана и со физички вежби и спорт до здраво тело и здрав дух, а со тоа се подмладувам.

ЖМ: Често на вашиот Инстаграм профил да објавите кратки инстаграм-приказни како приготвувате храна и тоа секогаш во заднина со некоја добра македонска народна песна. Што обожувате да приготвувате и имате ли омилено јадење кое често е присутно на вашата трпеза?

- Обожавам да готвам и омилено јадење на сите дома е „Пилешка чорба“, и „ориз со пилешки копани“. Инаку многу ја сакам Македонската кујна и секако нашата богата традиционална музика и песна.

ЖМ: Колку вашиот сопруг знае да ви биде од помош додека сте во кујна?

- Сопругот ми помага и тој е гурман и сака домашно зготвена храна.

ЖМ: Многу пати досега сте изјавиле дека сè што поседувате на вас е природно, но дали сте размислувале за некаква естетска корекција, или пак сметате дека стареењето е природен процес кој си има своја убавина?

- Немам ништо против естетска хирургија, но сега за сега не би сакала ништо да менувам, ниту да додавам кај себе. Процесот на стареење би сакала да го забавам само со убави мисли, здрава исхрана, мирен живот и спорт.

ЖМ: Често патувате заедно со вашиот сопруг Јасмин и ќерките Селена и Емили. Кое ви е најдрагото патување досега?

- Уживам кога патувам со децата, со нив е возбудливо. Така ги доживувам патувањата со восхит и воодушевување. Контактот со нови и различни места, кај децата ја буди љубопитноста и тоа ги тера да поставуваат илјадници прашања.

ЖМ: Какви ви се плановите за ова лето, каде ќе летувате семејно?

- Ова лето ќе летуваме во Дојран и секако близу ни е и Егејско море, така што на неколку дена ќе одиме и на Халкидики.

ЖМ: Селена и Емили се веќе поголеми, како тие реагираат кога треба да заминете на некое време од дома додека имате работни обврски?

- Па тоа е најтешкиот дел и навистина не е едноставно. Но тие ја разбираат мојата работа, па го прифатија тоа дека мора да биде така. Кога не сум на патување, јас секако го надополнувам времето со нив.

ЖМ: Стајлингот кој го одбравте за вашиот спот за песната „Далавера“ привлече големо медиумско внимание, затоа што потсетуваше на Бијонсе. Колку ви годат ваквите споредби?

- За мене е тоа голем успех и многу ми значи што ме споредуваат со една таква светска ѕвезда, една и единствена Бијонсе. Јас лично не би се споредувала со никој за да некој тоа не би го извртел на некојси свој начин на размислување. Јас само си ја работам работата и следам колку толку трендови и во делот на музиката и во делот на модата.

ЖМ: „Лудо лето“ е насловот на песната која ја објавивте пред 9 години, а спотот на истата најави „жешко лето“. Какво лето ќе биде ова на музички план?

– Имам планови за нови песни и спотови, ама не сакам да откривам.

ЖМ: Колку имате време со оглед на работните обврски, да ја исполнувате обврската на мајка. Како изгледаат дружбите на една популарна мајка со нејзините ќерки?

-За децата секогаш имам време. Дружењето со нив е нешто што сите родители треба да го практикуваат.И кога работат да им се даде обврска на децата, па и заедно да ги извршуваат обврските. А најинтересно со Селена и Емили ми е навечер, кога им раскажувам приказни. Сите приказни за деца им ги имам прочитано, па сега почнав да измислувам свои, а на тоа тие се смеат.

ЖМ: Колку сопругот ви е поддршка во она што го работите?

- Сопругот и децата ми се најголема поддршка во тоа што го работам.

Габриела Додевска Глигоровска