Како од новогодишна бајка: Македонските градови кои блеснаа во празничен сјај
Декември – последниот месец од оваа година е можеби најубавиот месец во годината. Тогаш се слават успесите направени во изминатите 365 денови, се слават сите згоди, но и се сеќаваме на сите незгоди. Ова е период од годината кога новогодишното украсување дава само дополнителна магија да се чувствуваме поубаво и да уживаме во заедничките моменти со семејството и најблиските пријатели.
Во големите европски метрополи веќе започнаа да се одржуваат големите божиќни базари и кои секоја година се посетени од голем број туристи кои уживаат во секој еден момент кој го нуди празничната атмосфера.
Токму таква волшебна атмосфера веќе почувствуваа дел од граѓаните во дел од македонските градови.
Крива Паланка беше првиот град кој блесна во празнично руво. Така беше и минатата година.
„Крива Паланка блесна – раскошно накитена и украсена – сјае во празничен декор од илјадници светилки и ја носи празничната магија во срцата на паланчани. Никој не остана рамнодушен на блескавата предновогодишна атмосфера за која веќе се шири и раскажува насекаде. За радост на граѓаните од сите генерации во пресрет на празнувањата и за сите од државата и регионот што повторно со нетрпение очекуваат да го посетат најубаво украсениот град во државата, „Градот на културата за 2024““, напишаа од општина Крива Паланка.
Следен град кој може да му парира на Крива Паланка е Велес. И таму пристигна празничната магија.
„Безброј светилки наоколу ни ја донесоа празничната бајка дома, во нашиот Велес. Но, ова е само почеток – украсувањето ќе продолжи и во наредните денови за уште поубава приказна! Велес – наша најубава новогодишна бајка!“, напиша градоначалникот на Велес, Марко Колев.
И вториот град по големина во нашата земја, го облече новогодишното руво. Во Битола е предвидено на 20-ти декември да започне празничниот фестивал „Зимска приказна“, кој ќе трае до 6 – ти јануари.
„Со свеченото палење на празничните светилки, Битола вечерва се претвори во вистинска зимска бајка. Широк Сокак, плоштадот Магнолија, Офицерскиот дом и Старата чаршија блеснаа во празничен сјај, најавувајќи го духот на радоста и заедништвото што не очекува“, напишаа од општина Битола.
Фото: Фејсбук/ Официјални страници на општините