Роберта Тиков држи бесплатни часови по музика на деца со посебни потреби во Германија: Не планирав да ја напуштам Македонија, но се случи чудо

Добивај вести на Viber

Роберта Димитриеска Тиков, поранешна хористка на МОБ е мајка на два сина и една ќерка и сопруга. Родена е во Скопје и живеела во ,,бурни" времиња исполнети со безгрижно детство фамилијарни излети и патувања, зимувања и летувања, дружби. Младоста ја живеела со полни гради, живот и бил полн со искачувања и падови, но и прекрасни доживувања кои се нижеле како бисери низ годините.

- Од мали нозе се занимавав со музика ,свирев на клавир ,пеев во „Развигорче“, Младинскиот Хор , хорот на Мирче Ацев ,Радио хор во МРТ . Се запослив како хорист во Македонската Опера и Балет, на една прекрасна сцена која за нас уметниците живот значи. Преку претставите во МОБ заедно со моите колеги патував низ времето. Тоа е таа убавина која не може со зборови да се опише. Да се отпатува во друго време, да се има можност да се доживее и вистински почувствува времето во кое се случувале дејствијата. Преку претставите: Лидија од Македонија, Турандот, Боеми , Набуко, Кармен, Мадам Батерфлај ,Цар Самоил, Тоска, Травијата и.т.н. ја доловив тогашната среќа и тага, раскош и сиромаштија , љубов и омраза, владеење и моќта. Доживување во само неколку часа, за подоцна да се вратам во секојдневието, да го соблечам костимот, да ја избришам шминката од моето лице и да си бидам повторно онаа истата Роберта која само пред неколку часови била во некое друго време, во некоја друга приказна – вели на почетокот од нашиот разговор Димитриеска Тиков, која кога ќе се сети на времето поминато во МОБ ја облеваат безброј емоции и морници и поминуваат низ телото.


-И денес со насмевка и полно срце се потсетувам на убавите дружби и сите оние забави кои се организираа после премиерите. Се потсетувам на сите арии кои ги имам слушнато и сите оние претстави во кои имам учествувано како член од хорот – дополнува таа .

Животот и дал нова можност, за која може да напише книга. Неколку години по разводот од првиот сопруг, со кого добила син и ќерка, во нејзиниот живот повторно се појавил човекот кој го познавала од раната младост и и бил првата симпатија. Подоцна и станал сопруг.


- Никогаш не тежнеев да ја напуштам Македонија , но се случи чудо. Се слуучи љубов..После скоро три годишна врска која се одвиваше на релација Македонија -Германија, решив да направам нов чекор во животот и да и дадам повторна можност на љубовта, да и се препуштам и пробам нешто сосема ново.
Во 2007 година се омажив за мојата симпатија од детството, ги спакував куферите, ја напуштив работата во МОБ и тргнав со моите две деца од првиот брак во ново патување, кое подоцна се испостави дека е вистинскиот пат за остварување на многу можности и запознавања на нови светови, како за мене, исто така и за моите деца и сопругот. Се покажа дека мојот сопруг е мојот вистински избор. Човек кој со сите свои доблести почитување, трпение, разбирање, прифаќање, љубов и сигурност ни се препушти и реши да биде дел од нашата мала фамилија и во добро и во лошо. Првите контакти во Германија ми беа на англиски јазик и бев добро прифатена од луѓето кои ги запознав во почетокот, а тоа беа пријателите на мојот сопруг. Во изминативе години успеав да запознаам прекрасни луѓе, Македонци и луѓе од други држави, култури...со кои и ден денес сум во контакт –открива таа..

Во времето кога пристигнала во Германија не и било многу лесно..Посебно поради одговорноста која ја имала како мајка на две малолетни деца од првиот брак од 13. и 9 годишна возраст. Било потребно да се најде соодветно училиште, да се изучува германскиот јазик, да се исполни слободното време со активности кои децата ги имале во Македонија и повторно да се најде место и можност за да се чувствуваат исполнето.


-Во тоа време не ни размислував да почнам некаде со работа. Се чувствував како заробена, заради непознавање на јазикот и можност за комуникација беше сведна на минимум . Бев зависна од сопругот и неговото присуство на било кој термин за децата или пак за мене. Не му беше и нему лесно , но сé помина ...
Неколку месеци по нашето пристигнување, се запишав на курс за изучување на германскиот јазик, кој траеше 9 месеци и каде го постигнав нивото, кое е потребно за секојдневна комуникација, барање работа и можност за запознавање и склопување на нови пријателства. Првите години се посветив на децата и нивното усмерување низ животот, училиште, слободни активности посочува Роберта и појаснува.

-Три години подоцна, 2010 год. се роди нашето заедничко синче , кое за една недела ќе наполни 14 години и е плод на нашата љубов. Сега е ученик во 8. Одделение, посетува музичко училиште за клавир и хорна, пее во школскиот хор, тренира Кунг Фу и во слободно време се дружи со своите врсници.


Мојот првороден син (30) , како 13. годишник самиот се снаоѓаше и си го отвараше патот кон остварување на своите желби. Вредно момче кое уште од мали нозе знаеше што сака да направи со својот живот. Сега е Магистер по Машински Науки на Факултетот во Ахен, а во моментов и вработен .. Додека со ќерка ми (26) (тогаш скоро 9 годишна) бев повеќе ангажирана, затоа што беше помала и имаше активности, танцување, посета на музичко училиште и дружење со другарчињата, каде е потребно ангажирање од страна на родителот, да се однесе до местото, да се почека, па повторно на пат накај дома итн. И ќерка ми ги заврши своите Магистерски студии на Машинскиот Факултет во Ахен смер Енергетика и во моментов размислува што понатаму – посочува Димитриеска Тиков .

Во првите години сакала да остане во тек со првата љубов -хорското пеење. Не отишла на аудиција во Операта во Дизелдорф, сметала дека тоа ќе биде голем стрес за неа.


-Некое време пеев во црква, па потоа почнав да пеам во Хорот на Регионалниот Совет на Дизелдорф, но за жал се поклопуваа времињата со обврските околу децата и прекинав со пеењето. Сега си пеам по дома ,си свирам на клавирот и уживам во времето во откривање на моите таленти. Испробував различни техники во цртање со акрилни бои ,работа со хартија и декорации .Секој подарок или честитка си ја смислувам сама. Додека ја подготвувам, се препуштам на енергијата што ја чувствувам кон луѓето за кои ја подготвувам и за неколку мига веќе готовиот производ е пред мене. Во почетокот барав идеи на интернет , сега веќе ги изработувам по моја замисла – вели таа.

Последниве 5 години работи како асистент на деца со посебни потреби . Имала можност уште пред запослувањето да се сретне и запознае фамилии со ,,посебни деца ".

-Фамилии полни со љубов, каде секојдневието не може да се опише и спореди со нечие друго секојдневие. Нивната енергија, љубов, беа моето будење. Будење на еден дел од мене ,за кој не ни знаев дека постои. Благодарение на контактите со нив, имав можност поблиску да се запознаам со животот на ,,посебните деца", нивните потреби и желби. Тоа е најголемата љубов која може да се почувствува, деца кои ништо не бараат за возврат. Доволно е да почувствуваат љубов и да видат топла насмевка. Во почетокот работев во градинка и можам гордо да кажам дека сум асистирала кај преку 50 деца со различна попреченост во развојот..Искуствата и моето надградување во таа област ме направи посигурна, во секој чекор што го правам денес во мојата работа. Последнава година работам како Асистент на девојченце кое посетува основно училиште и е во второ Одделение – открива Роберта и дополнува:

-Пред еден месец започнав акција во училиштето во кое работам. И покрај тоа што не сум наставник по музичко образование, можам на учениците да им ја приближам музиката , да ја осознаат и доживеат на поинаков начин. Учениците во Основоново училиште каде што работам имаат час по музичко образование кое трае само 20 минути. Наставата
 ја одржува учителка по музичко образование и се одржува два пати во неделата. Решив да дадам нешто и од мене, за да им овозможам на децата да ја допрат музиката , доживеат, да ја почувствуваат и една уште поголема можност, а тоа е , самите да си ја отсвират песната која им се допаѓа. Во класот имаме две дечиња со посебни потреби. И двете деца се вклучени во оваа програма. Мојата цел е секое дете да го запознае Клавирот како музички инструмент, да дознае како произведува звук, да научи по една кратка песничка да ја отсвири со десна рака. Во план ми е да направиме еден мал концерт во класот, а со договор на директорката на училиштето, да направиме јавен час во Аулата пред сите одделенија, каде вротоодделенците од 2ц Одделение, ќе покажат што научиле во текот на нашето заедничко работење и патување во светот на музиката . Во денешно време сè уште има деца кои немаат можност да допрат или пак свират на некој инструмент, затоа самоиницијативно ја започнав оваа работа. Сакам да докажам дека музиката има многу позитивно влијание врз развојот на децата. Особено за ,,посебните деца". Насмевката од децата која ја добивам секојдневно и нивните прашања ,,Кога повторно ќе вежбаме? ", е најголемиот подарок што можам да го добијам од нив- заклучува таа.

Може да направи споредба со состојбата во Германија и прифаќањето и состојбата на „посебните деца“ во Македонија, по кажувања и споделување на родителите на деца со посебни потреби .

-Разликата е навистина многу голема. Во Македонија случувањата се сосема поинкави. Информациите што ги читам и слушам по медиумите, а и по постовите на мојата драга пријателка Ребека Јанковска Ристески, која е родител на едно ,,посебно дете" и основач на здружението ,,Дајте ни крилја " и е во постојана потрага по изнаоѓање на решение за прифаќање и помагање на децата со посебни потреби и нивните фамилии во секојдневието. Германија е држава во која постојат закони, кои се почитуваат и спроведуваат. Секоја фамилија која има ,,посебно дете" има бенефиции кои ги добива како можност, за полесно функционирање на фамилијата. Како на пример, место во градинка за детето, во училиште, можност за посета на потребни терапии кои се одредени според потребата на секое засегнато дете итн...Не секое дете добива свој асистент .Се прават ,,SPZ" испитувања кај децата и според резултатите на испитувањето се одлучува кое ,,посебно дете" ќе добие асистент. Со помош на асистентите им се олеснува на децата, средношколците и студентите присуство на настава и можност за образование ,кое во Германија е обавезно, во кое спаѓаат и ,,посебните деца" односно децата со посебни потреби. Последниве 30 години, немам слушнато дека се направил некаков голем чекор за ,,посебните деца", ученици ,средношколци, студенти, а исто така и возрасните ,,лица со потреби" во Македонија. Некоја светла точка во тунелот за нивните родители не постои, посебно кога се работи во доделување на асистенти кои би им помогнале на ,,посебните деца" во присуството на настава по градинките, училиштата и универзитетите- појаснува Димитриеска Тиков.
Сметам дека политичарите во Македонија имаат погрешни приоритети, особено за децата со посебни потреби, кои се крајно маргинализирани во македонското општество .
-Се надевам дека во догледно време, македонската власт ќе најде начин, да направи закон, а исто така и спроведе, во кој ќе биде изгласано, посебните деца и возрасните лица со посебни потреби да ја имаат истата можност како сите останати граѓани на Република Македонија, за да се школуваат, да се вработат и остварат своите права како граѓани на Република Македонија – посoчува Роберта.

Соња Алексоска Неделковска