Катерина Цаневска за борбата со канцерот: Докторите рекоа готова е за неколку часа, носете ја дома и само весело - тогаш ми се разбуди чаирскиот инает и желбата за живот
Дијагнозата канцер е нешто што ја вознемирува секоја клетка во телото, ги подига сите емоции и стравови, носи голема болка. Но, таа дијагноза истовремено носи и храброст и желба за борба, за живот. Сите жени кои го поминале овој пат имаат вртлог во главата, свој пат од дното до врвот. Пат од тагата до моментот кога ќе можат да кажат „животе ти благодарам, тука сум и јака сум“. Оваа борба е слична на таа што ја доживува Катерина Цаневска, веќе осум месеци.
Цаневска е дипломиран правник и м-р по правни науки, но во душата цел живот новинар. Харизматична, професионална, елоквентна – лик од ТВ екраните кој и по толку години отсуство е препознатлив за јавноста.
Нејзиното работно портфолио е пребогато. Од свои 8 години е член на Детската радиодрама, снимала детски емисии, ноќна, утринска и младинска програма во тогашното Радио Скопје. Беше најавувачка на програма во ТВ Скопје, новинар во документарна програма, репортер, уредник и водител на Вести на МТВ. Работеше како портпарол и одговорна во општина Центар во најтурбулентниот период. Беше дел од Кабинетот на Претседателот на Собранието, а до минатиот месец дел од тимот на Претседателот Стево Пендаровски и одговорна за медиуми.
Официјално е пензионер, но активна е на многу полиња. Иако нејзината борба со канцерот сè уште трае водејќи се од паролата „„животе ти благодарам, тука сум и јака сум“„пишува сè уште за повеќе медиуми, како и автобиографска книга. Открива дека се „крчка“ документарен филм за Македонија, историјата, премрежијата на пост Асномска Македонија преку ликовите на Крсте Црвенковски, Ангел Чемерски, Лазар Колишевски. Со Никола Калајџиски, Тони Крстевски и Аристид Филаков го имаат ексклузивно последното интервју со Крсте Црвенковски. Тука е и серијалот за старите македонски семејства.
Во моментов е во Сан Франциско, кај синот на нејзиниот сопруг Бојан и вели дека навистина уживаат.
ЖМ: Решивте да ја соголите душата и со вашите статуси на Фејсбук често споделувате низ што поминувате во последниов период откако дознавте дека боледувате од канцер. Кои беа симптомите кои укажуваа дека вашата здравствена состојба не е добра и посетивте лекар?
-Се посомневав пред десетина години, по „црниот понеделник“, кога безмилосно, луѓе донесени однадвор, нас новинарите нè исфрлаа од собраниската галерија, без изгласана одлука и незаконски. Тоа беше страшна демонстрација на сила и нечовечност. Ова го виде цел свет. Јас бев последна и како што се гледа и на некои фотографии и снимки ме влечат, а едниот ме удираше безмилосно со лакт по десната дојка. Ми се појави болка, црвенило, оток, но на преглед ми рекоа не е страшно, од ударите е. По неколку години бев повторно на контролен преглед и беше сè во ред. Пред две години почна да ми отекува десната рака, и тргна се надоле. Ја донесов најпогрешната и најкукавичка одлука, криев, не кажував ни на најблиските, за доктор не сакав да чујам, не сакав хемо, не сакав да се мачам или други да мачам, се плашев од губење на косата и болки. Едноставно се препуштив на судбината. Почнав да губам сила, едвај се движев, но упорно возев кола и упорно криев и бегав. На 20 септември почнав да пишувам објава на ФБ. Сум пишувала неврзано и тоа го вклучил алармот кај тие што виделе. И затоа велам Кико и мојата Цецка веднаш алармирале и тргнале накај мене дома. Тие ми подарија уште девет, месеци живот, досега. Како што велат глетката била страшна. Кога влегле, сум била на подот во бессознание со лоша сатурација. Мислеле дека сум добила мозочен удар. Бев во несвест, но на некои детали јасно се сеќавам. На пример им кажав дека сакам да ме испратат и да се збогуваат со мене со „Time to say goodbye“ со Андреа Бочели. А сега се надевам и посакувам Бочели да го дочекам и да уживам на концерт во Софија на есен.
ЖМ: Имавте ли претчувство дека Бог ви го подготвува тој шок? Како реагиравте во мигот кога ви ја соопштија дијагнозата?
-Два дена не бев свесна. Ме однеле во „8 Септември“ на Торокална. Прво на мојот сопруг Љупчо, па потоа на ќерка ми Маја и на Горан, синот на сопругот им кажале, толку од неа, за неколку часа готово е со неа. Носете ја дома и само весело. Ова „весело“ и ден денес не го разбрав. Не даваа никаква надеж. На инсистирање на моите ме однеле на Онкологија и тогаш почна битката. Резултатите од брисот беа неочекувани. Јас сум една од ретките жени во светот со високо позитивни рецептори. Што значи ќе реагирам на лековите. Од тој момент чаирскиот инает се разбуди, но и огромната желба за живот.
ЖМ: На такво сознание никој не е подготвен, особено најблиските. Како се одвиваше лекувањето?
-Ракот е тешка болест од која се умира, но зависно од видот на рак и организмот, има и позитивни примери. До сега е докажано дека само хемотерапијата дава резултати. Јас користам и многу суплементи за јакнење на имунитетот, но многу важна е и позитивната мисла, желбата. Јас борбата со ракот ја започнав во моментите кога изби аферата за Онкологија и тоа беше дополнителен притисок и страв за нас пациентите. И затоа ги молам сите, помогнете ни, ама искрено во оваа наша битка. Доста ни е нашата болка, стравот на најблиските, неизвесното утре. Не ја злоупотребувајте нашата болест, како што некој се обиде политички да поентира на мене. Затоа сум им благодарна за поддршката на некои вистински новинари кои не наседнаа, нам ни треба само вистина, а не сензационализам, институциите без политичко профитерство да си ја завршат до крај одговорната задача, да не ги трауматизираат болните. Ако некој се огрешил треба да одговара, но треба обвинување со докази, а не со чаршиски муабети и голи обвинувања за нечиј интерес, да не се черечат и обележуваат сите медицински лица, вработените на Онкологија се пожртвувани и посветени. Поминете на Онкологија, некои денови не може да се движите по ходниците од гужви. Работа на државата е да ја обезбеди целосната неопходна терапија, да не стрепат „обележените“ со рак, некогаш така се чувствуваме, како да сме лепрозни па некои го вртат погледот и сакаат да побегнат од нас, како да ќе ги заразиме, дали некој ќе си поигра или ќе имаме терапија.
ЖМ: Стравот како емоција секогаш е присутен во почетокот поради неизвесноста што ќе се случува во иднина. Постоеа ли мигови кога се плашевте дека нема да ја победите болеста или по прифаќањето на ситуацијата станавте на нозе и тргнавте во борба?
-Кога одлучив дека нема да кријам и дека ќе се лекувам, а не да бегам, имам сила да се борам со сè. Еднаш неделно 8 месеци сум во болница, испитување крв па потоа во моите вени влегуваше отров. Но и војници кои го уништуваат она зло во мене. Не е лесно, но знаев дека морам да издржам. За среќа, немав мачнини, имам апетит и добра крвна слика. Не беше лесно кога почнав да ја губам косата, но периките да ти биле идеално решение. Јас која цел живот заради природата на работата одев на фризер на неколку дена, сега наутро за неколку минути ставам перика и имам средена фризура. Освен првите денови, цело време сум на нозе, пешачам, се гледам со пријатели. Во тие најтешки моменти од почеток до сега оние вистинските се со мене. А оние другите не треба ни да размислувате за нив, не заслужиле. Бојан, синот на мојот сопруг Љупчо за неколку дена дојде од Сан Франциско, а некои немаа време или многу се растревожуваа за да се јават или да дојдат. Ама во болница оние кои ме сакаат беа со мене, доаѓаа и внуците Тино и Аника и Јована, семејството, оние мои вистински пријатели и колеги.
ЖМ: Како изгледаше таа борба? Низ што сè поминувавте?
-Тешко, но со огромна мотивација. Имам за кого и за што да се борам. Се трудев да бидам со луѓе кои ми влеваат енергија, оние лажните ги заборавив. Јас сфатив дека се борам со ракот, но го прочистувам и животот. Без тоа нема резултати. Се обидував да останам Кате која имаше добар збор за сите, помагаше секому, но сега имам нулта толеранција разбирање за оние кои ми глумеле и биле со мене само кога сум им требала. Имав потреба моите мисли, револт, да ги напишам. „Не пишувај, на терапија си, може да имаш проблеми“, јанѕа ме јаде, но не сум човек кој молчи. Па и да ми прават проблеми, и тоа ќе го издржам, како и многу нешта досега. Не премолчев, но не сакам политизирање во здравството.
ЖМ: Во тие тешки денови, кој ви беше најголема поддршка?
-Чувајте го богатството на фамилијата и пријателите. Не се лакомите, не дозволувајте да потпаѓате под туѓи влијанија. Сè е минливо и се троши, семејството и вистинските пријатели ќе бидат со вас и кога ви е тешко и кога ви е убаво. За оние лажливи и лоши глумци, не ни размислувајте. Ете, тоа е веќе мојата водилка и поддршка. И сето ова благодарејќи на посветените лекари и сестри на Онкологија, лекарот со кој се гордеам и многу ми помогна, на другар ми кој ми беше ветер во грб и кој има едночасовна вечерна тортура од мене, на мојата другарка и другар уште од МТВ деновите, другарка ми уште од факултетските денови, другарка ми од трибините и моите чаеви, нејзини кафиња, другар ми од некоја белосветска земја, една најзгодна женска од Центар, фамилијата, колегите поранешни и сегашни, мојот претседател. На мојата Маја, која истрпи сè и беше и е со мене секоја недела, Љупчо кој ми е и голема поддршка во сè, Горан и Бојан, без Никса ништо не е можно, а се разбира и мојата прва љубов Тино и булдожерката Аника. Благодарам и на оние кои сакаат и да бидат со мене, зашто ракот не е заразна болест. Животот и убав и вреди да се живее со полни плуќа и срце полно љубов. Ќе издржам и ќе ја преживеам и оваа битка.
ЖМ: Кога ќе се свртите назад, кој миг ви беше најтежок при лекувањето, кое во овој случај е со агресивни терапии?
-Кога бев во болница, целата деформирана, со тројно потечена рака, во кревет, со црева и канили, го донесоа Тино. Во тој момент ми застана срцето. Што ако се исплаши од мене? Што ако не ја препознае неговата баба? Но тоа беше миг? Ми пријде и ми кажа дека не сум била умна и ми ставиле инјекција и да ги слушам докторите. Со терапиите добро се справив. Психичката е потешка од физичката болка.
ЖМ: Фокусот на менталното здравје е исклучително битен во овие ситуации. Од вашите ФБ статуси поврзани со болеста и лекувањето се забележува дека вашата психа е сè поцврста и дека сте работеле на себе во секој сегмент. Како се чувствувате сега, помина ли најтешкото?
-Конечно завршив со хемо терапиите, но битката мислам ќе ја водам до крајот на животот, бидејќи никој не знае кога може да се врати двоглавата аждаја. Пет скенот ќе покаже дали ќе треба и операција, зрачење, таблети, но најважно е дека решив и почнав. Губитник е секој кој чека нештата да се случат сами по себе, наместо самиот да ги создава. Само еднаш се живее, но ако го правиш тоа како што треба, и еднаш е доволно.
ЖМ: Каде ќе ги искористите деновите за одмор? Планирате ли патувања и каде?
-Во моментов додека одговарам на прашањата на вашето интервју, сум во Сан Франциско, кај Бојан сме и навистина уживаме. Минатиот пат фрлив паричка што значи морам да се вратам во Рим, но и во Прага, Малта, Париз, нашиот Охрид.
ЖМ: Што најмногу ве прави среќна, во што уживате?
-Моментите со семејството. Ќерката Маја често ми забележува дека ги разгалувам Константин (4 години) и Аника (година и пол) и дека им дозволувам сè што сум ѝ забранувала. Одговарам, да, но сега сум баба и имам право на тоа. Моментите со саканите, вистинските пријатели, чистиот воздух, море и планини, убава музика, добра книга, филм и работа. Мојата битка продолжува, јас имам и сила и желба.
Соња Алексоска Неделковска